Прашањето за мотивација на вработените мислам дека постои многу одамна. Одговорите на ова прашање се сведуваат најчесто на тоа дека не може да ги мотивираме другите, но може да создадеме услови тие самите да се мотивираат.
Кој е импулсот за мотивација? Како се создава тој импулс за да може да се мотивираме самите? Зошто едни работат повеќе и се повеќе посветени од други вработени? Зошто некои вработени се стремат да се успешни, да добијат унапредување, а други пак не сакаат ништо освен напишаното во нивниот опис на работни задачи? Многу работи влијаат врз нашето однесување и нашата мотивација. Некои од нив се на пример моменталната ситуација, искуството во минатото, системот за наградување, менаџерскиот систем, добрите односи, културата во компанијата, перцепцијата и личните вредности. Секој од нас се мотивира на различен начин во различно време.
Најважната работа која треба да се има предвид е дека треба да ги поттикнеме луѓето самите да се мотивираат, а не ние да ги мотивираме. Тоа е најдоброто што може да го направиме како претпоставени.
Позитивните мисли мотивираат. Потсетете се на некој професор или родител кој постојано ви велел дека ќе успеете, тоа многу значи. На овој начин ве мотивирал.
Сакам да работам! Ова не се слуша многу често денес. Уживањето во работата мотивира. Доколку со задоволство работите, може да бидете поенергични, да не гледате на часовник, да се посветите максимално на работата.
Често се заборава чувството на важност како мотиватор. Ако знаете и забележувате дека ве слушаат и ве следат луѓето ќе бидете мотивирани да работите и дадете максимум од себе. Вработениот ако не се чувствува важен, ако му давате информации дека е заменлив, дека може кој било друг да ја заврши таа работа, прашањето на мотивација е многу далеку од успех.
Успехот е голем мотиватор. Ако го работите на пример проектот со голема љубов и постигнете успех ќе бидете доста мотивирани и да го завршите до крај со полна пареа.
Во Македонија вработените се мотивираат кога имаат личен бенефит од работата. Секако дека треба да објасните што ќе има секој од тоа. На крајот на денот сите ние работиме за нешто. Личната придобивка е важна за секое живо суштество, а со тоа се мотивираат вработените уште повеќе.
Доколку не е јасна целта, не се гледа крајниот резултат, не може ниту да се очекува вработените да бидат мотивирани. Секогаш јасната комуникација на ситуацијата, очекувањата, барањата од вработените се важни за да се мотивираат вработените да го постигнат максимумот. Јасна слика и остар фокус се мотиватори.
HR професионалците, но и директните раководители, менаџери треба да ги познаваат добро своите вработени и да знаат што ги мотивира. Индивидуалниот пристап има големо влијание.
Некои вработени сакаат исто така одлична организација и да имаат структура во работата, а не постојано да гаснат пожари, сите задачи кои им се даваат да се за вчера. Тоа е лошо за мотивацијата и има последици. Личните приоритети треба да се земаат предвид секогаш.
Aвтор: Автор: Афродита Кермичиева Пановска е основач и сопственик на тренинг центарот ЦС Глобал. За повеќе информации посетете го веб порталот http://www.csglobal.com.mk/.
Остави коментар