На денешните Македонски менаџери-основачи кои природно се “деловно неписмени”, бидејќи само мал од нив поминале низ никаква деловна школа, еден под поголемите предизвици е како да станат ефикасни менаџери.
За да можам со повеќе лични примери да го илустрирам моето лично мислење, во наредниот текст ќе се задржам само на менаџерите-основачи.
Чекор по чекор – од сонување до реалност
Уште додека студирав сакав да создадам нешто ново, нешто што ќе биде од корист за другите. После повеќе обиди “вселената” ме спои со компјутерите. Со огромен ентузијазам, во мене “гореше” желбата да го напишам првиот програм кој ќе биде од корист. Така, после буквално дактилографско ноќно препишување на примери од тогашното списание “Računari” (зборувам за далечна 1988 год.) јас го “оживеав” првиот програм со кој се фалев на сите околу мене, а пишуваше само ZDRAVO, на латиница во карактер мод! (Поискусните ќе разберат што значи ова). Од тука тргна моето патување.
Таман помислив дека го достигнав врвот, следниот момент сфатив дека сум поминал само една кратка нагорнина, додека пред мене стоеше огромна планина – да направам нешто што ќе биде реално корисно за некого, а не само за моето его. Но како велат – и најдолгиот пат почнува со првиот чекор. А јас само што го исчекорив.
Гледано од оваа огромна временска дистанца, знам дека тој чекор сум го направил во оваа насока, накај мене, сега… Но можеше да биде и во друга насока… Но за моја среќа до денес ниту еднаш не се прашав дали насоката е вистинската затоа што тоа едноставно Го знаев, стоеше некаде внатре во мене!
Но каков е тој пат ако не е трновит – сите овоземни патишта се трновити! Чекорејќи кон тој пат се судрив со:
· Употребливоста на мојата креација – кој и за што ќе се користи
· Како да го најдам првиот корисник на тоа што сè уште “не го има видено сонцето”
Интуицијата а и храброста ме водеа напред, па ги најдов одговорите на овие прашања.
Таман мислев дека сум ги решил сите проблеми, (се искачив на планината) се појавија нови проблеми (следна, трета, планина зад планината која веќе ја искачив, но овој пат уште поголема):
· Колку треба да ги наплатам моите услуги
· Кои од сродните услуги треба јас да ги покријам, а за кои да дадам препораки клиентите да ги купат од друго место
Прашувајќи наоколу, учејќи од грешките најдов одговор и на ова прашање.
И таман мислев дека сум гои решил сите проблеми, се појавија… Да, да, тоа било судбината: Цело време проблеми:
· Управување со финансии
· Вработувања
· Плаќање даноци
· Подготвување на договори
· Правење презентации
· Решавање на проблеми со квалитетот
· Проширување на пазарите
· Зголемување на понудата на производи и услуги
· Подобрување на внатрешниот систем за комуникација
…. (можете да замислите колку би била долга оваа листа)
Таман мислев дека сум ги решил и тие проблеми, се појави нов: фирмата доби многу клиенти, има повеќе сопствени производи, има свој сегмент од пазарот, има повеќе од 20 вработени… Стоп. Проблем: Како да се управуваат тие 20+ вработени (кои треба да се дуплираат на неколку пати во наредните години), како да се управува фирмата? Поточно: Како да се управува фирма која нараснала од еден малечок сон сонуван пред 20 години?
Тешко, но не и невозможно!
Јас, студент дојден од Охрид во Скопје, со сонот пред мене, сакајќи да направам нешто ново и корисно, вредно работејќи на исполнување на сонот, дојдов до ситуција која воопшто не ја претпоставував – како да се управува со приватна компанија која сам си ја створил? Замислете, електроинженер кој е заљубен во програмирање, води компанија!
Колку е едноставно да одговори на ова прашање некој професионален менаџер кој целото свое образование го посветил на компаниски менаџмент. Или како ќе одговори некој наследник на 150 години старите приватни компании од Германија или САД.
За среќа, го најдов одговорот и на ова прашање, “се искачив” и на овој врв. Мислам дека беше најтежок до сега. И така е – кога ќе ги видам сите претходни врвови и како се искачував по нив (исклучиво ноќе!) сфаќам дека качувајќи се на овој последниот и јас сум се променил многу. Иако на косата почнаа да се појавуваат бели влакна, (кажуваат дека било знак за здрелост!) промената беше во тоа што се наоѓа под неа – мојот разум. Заклучив: за постојано да се напредува треба да се прават постојани промени!
Промени, промени, промени…
Јас не сум спортист, не играм фудбал, ниту тенис. Но спортувам друг спорт: газење по трње. Исто како спортистите, целиот свој напор го насочувам во реализацијата на целите (за оваа тема во некоја друга статија). За да биде покомплицирано, ова газење по трње е по угорнините на планините кои цело време се појавуваат пред мене. Но како и кај спортистите, газењето по трње по нагорнини е дисциплина, која пак ако доволно долго и посветено се тренира, се постигнуваат резултати, па можеби и медали.
Што значат трњата за кои зборувам? Тоа се сите ситни или крупни непријатности кои се појавуваат при решавањето на проблемите кои се појавуваат пред нас. А ги има многу. Меѓутоа единствен начин да се искачи нагорнината полна со трње е да се истрпи болката кои тие ја предизвикуваат. На крај, не само што сме ја совладале нагорнината, но сме и повеќе отпорни на следните трње на патот, помалку боли.
Денес потребата за промени за мене е еднаква со потребата за пиење вода. Поминат ден без направена промена: лично, дома, на работа,… ми изгледа како стара епизода – реприза. Нема возбуда, нема исполнување.
Но промените не се прават за предизвикаат возбуда – промените се прават за да не не ПРЕГАЗИ времето. Сè тече, сè се менува. Така и ние треба да се менуваме.
Заблуда е тврдењето дека во бизнисот добар производ ве прави успешни. Тоа е потребен, но не и доволен услов (математички израз во докажување на теореми). Менаџерите-основачи треба да ги играат сите оние улоги од горенаведените листи, да се справат со сите функционални области во компанијата. Затоа менаџерите-основачи мора или да научат да менаџираат или да вработат професионалци да го прават тоа затоа што во денешно време ако не напредуваш, тоа значи дека назадуваш, не дека утре ти си полош од денес, туку затоа што утре сите останати се подобри од денес. Значи утре и да си ист како денес, тоа не е доволно!
Промените – стил на живеење
Ова е основата за напредок, за успех во менаџментот. Доколку го прифатите фактот дека утре мора да биде подобро од денес, тогаш следното прашање е: како да го направиме тоа? Одговорот е: нешто мора да се промени. А од тука понатаму е веќе работа на избор: што ќе се менува и како ќе се менува. Може да го промените начинот на комуникација со вработените, може да го промените и изгледот на фактурите (да додадете повеќе детали или да го ставите износот на отвореното и доспеаното салдо кое купувачот ви го должи) или да го подобрите изгледот на вашата web страна или да составите процедура за работа на новото работно место кое го отворивте неодамна…. Оваа листа е бесконечна. Мојата цел не е да набројам идеи за промени (подобрување!), туку да ви кажам тоа што јас го видов: дека секаде околу нас постои нешто што може да се промени. Утре да го направиме подобро од денес.
Како со промените?
Немојте никако да започнете со промените импулсивно. Промените мора да бидат вистински потребни, треба да има услови за спроведување на промените, и на крај треба од напред да знаете дека промената ќе донесе бенефит (во чаршија во Охрид велат ќар), а не товар (зијан).
Најбезбедната промена која можете да ја направите во било кој момент, без никаков ризик од зијан е да го проширите своето знаење: како да ја разберете потребата од промените, како промените да ги претворите во добивка, како промените да ви станат секојдневие. Од тука понатаму е полесно.
Овде морам да ја прекинам оваа статија бидејќи ќе биде премногу долга. Доколку содржината го привлече вашето внимание за почеток Ви препорачувам да ја прочитате книгата од Др. Исак Адижес – Овладување со промените. Ја има во книжарите во Скопје на Српски јазик, а може да се најде и на Македонски (одамна не сум ја видел). Исто така, и јас лично Ви стојам на располагање за дискусија, со коментари на статијава или на мојот личен маил.
П.С.
Денес јас околу мене гледам многу привлечни врвови, но мене не ми изгледаат напорни и тешки и знам дека на сите можам да се искачам. Прашањето сега е во мудроста за избор – на кој од нив прво да се искачам. Исто така знам дека после тоа следно искачување ништо нема да биде исто – и се радувам на тоа. Сè тече, сè се менува! Panta rei!
Славчо Бујароски says
Павле says:
16/08/2011 at 09:40
Славчо, Славчо, бидејќи лично те познавам и ги знам сите предизвици кои си ги товариш на грб затоа и лично ќе искоментирам и ќе бидам многу краток и се надевам многу јасен.
Овде имаш опфатено неколку работи кои се дел од успешноста на менаџерот и успешноста на компанијата која ја раководи истиот тој менаџер. Препораките се јасни за оние кои ако не повеќе барем некогаш седнале и размислиле за тоа што се промени но можам да кажам слободно малку се такви а уште помалку се такви како тебе кои покрај размислувањето имаат и некако делувано на истото.
Она што јас го имам увидено во мојата најблиска околина на менаџери со кои како што знаеш јас секојдневно имам контакт е тоа дека се треба да се смени но не и ТИЕ САМИТЕ.
Ќе препрочитам уште еднаш но од првото читање не се сеќавам дека даваш препорака да размислат за промената пред сè кај себе а после на околината а тоа е еден од клучните фактори. Интересно е кога веќе го спомена Др. Исак Адижес во едно од своите излагања говори за идеалниот извршител, сигурен сум дека ќе се сетиш, каде што гледано од страна се гледа како сите менаџери кои го слушаат излагањето се дуваат како пауни дека се они тие се до последен момент кога Др. Исак Адижес вели дека ИДЕАЛЕН ИЗВРШИТЕЛ НЕ ПОСТОИ затоа што сè се менува и затоа што ако денес сте биле блиску до идеалниот тогаш утре е нов ден, нови настани, нова економска криза, нов вработен итн итн, еден тон промени кои ве вадат од конфорна зона на идеалност доколку Вие кај Вас ништо не промените.
Е нашиве менаџери се ИДЕАЛНИ и не се зменуваат без оглед на сите промени околу нив!
Браво Славчо! Чекаме наредно чедо! Посебно ми се допаѓа инспирацијата од секојдневието, доста се раскажуваат прикаски и се заобиколува реалноста, времето на Пепелашка и Снежана и принцот треба да се замени си реалноста ако сакаме да фатиме нешто од бајките!
Славчо Бујароски says
Павле says:
16/08/2011 at 11:51
Апсолутно се сложувам со сè само што проблемот во нашево опкружување се појавува кога оние кои се „менаџери“ и „лидери“ кои што треба да ја менаџираат компанијата и да ја водат компанијата заедно со вработените во неа, во трката по трња ги пуштаат вработените и згора на сè не им даваат никаква подршка и мотив да ја истрчаат трката. Она што јас го приметив кај тебе и во твојата статија е дека ТИ си ги водел своите луѓе и својата компанија по патеката со трња за да сите од тебе видат пример како се издржува и да на сите им биде покажана целта до која треба да се стигне. И на крај на сè, верувам дека заедничкото трчање по трња, ти и твоите луѓе не само што било и е за задничка цел туку секогаш е и за заеднички бенефит! Затоа и Сигма СБ сега е тоа што е, затоа е од 1995 година сеуште присутна и затоа си ти тоа што си!
Славчо Бујароски says
Славчо Бујароски says:
16/08/2011 at 11:35
Павле, промената кај себе е клучна работа, се цитирам (погоре во статијата):
“сфаќам дека качувајќи се и јас сум се променил многу. Иако на косата почнаа да се појавуваат бели влакна, (кажуваат дека било знак за здрелост!) промената беше во тоа што се наоѓа под неа – мојот разум”.
Но до свесноста за потреба за промени, опкружени со секојдневието на реалениот живот, тешко се доаѓа, дури напротив – краткорочно промените претставуваат проблеми – трње, како што истакнав.
Според мене, до свесноста за потреба за промени се доаѓа на два начини:
1. После долго свесно газење по трње за остварување не на така лесни цели
2. Преку едукација, некој друг тоа да ти го раскаже.
Од денешна временска дистанца јас би се определил на второто, пред се помалку боли. Проблемот е што тоа немаше кој да ми го каже во 1995 год. (кога ја формирав Сигма-СБ), па сакал нејќел единствен пат беше: ура низ трње!
Можам многу да коментирам на оваа тема. Сепак Ти благодарам за коментарот.
Славчо Бујароски says
Павле says:
16/08/2011 at 11:54
И да темата е долга. Ќе биде уште поинтересно ако некој друг ни се приклучи на дискусијата за да научиме повеќе, ете нека биде откривање на уште еден начин на кој што се прават промени, и јас и ти покрај другото сме учеле од туѓите искуства, од слушање, од читање од дискусии!
И во што е храброста која ја имаме? Верувам дека ќе се сложиш, ХРАБРОСТА Е ВО ТОА ШТО МОЖЕМЕ ДА ПРИЗНАЕМЕ ДЕКА И ПОСЛЕ ТОЛКУ ИСКУСТВО И ТОЛКУ МНОГУ УЧЕЊЕ СЕУШТЕ НЕ СМЕТАМЕ ДЕКА СЕ СМЕ НАУЧИЛЕ!
Славчо Бујароски says
Цветко says:
16/08/2011 at 14:31
Славчо,
браво за храброста да го споделиш твоето одење по трње. Твојава приказна во поекстензивна форма беше инспирација за поголем број наши студенти со кои ти се сретна да го почнат својот пат кон неизвесната возбудувачка авантура на претпримаштвото. Се надевам на нови средби со новите студенти, но и во писмена форма ова ќе бидат дела од нашата библиотека на студии на случај.
Сега за самата статија. На почетокот би сугерирал мала корекција – за новите сопственици-менаџери не би рекол неписмени туку самоуци. Самоуците се често успешни но со скапо платена цена на својата „самоукост“. Добро е што упатуваш на замката на секој самоук: заборавајќи на промената да застанат на првите успешни чекори и да мислат дека првиот успех е доволен да опстојат на променливиот пазар. Убавото, лесно а инспиративно четиво на Адижес – Овладување со промените може да се најде само кај издавачот ДЕТРА Центар Скопје (www.detra.edu.mk – (02) 2455756).
Оваа статија ја сметам како твој драгоцен придонес во Проектот на БАС и ДЕТРА „Партнерство за организациско учење“ – споделување, споделување и само споделување на искуството и знаењето – единствен ресурс кој со споделувањето не се губи.
Ги очекувам и другите претприемачи и менаџери да ни се придружат на ова страна и на работилниците на БАС (www.bas.edu.mk – или на 070-268-658.
На читателите им се извинувам за печатните грешки.
Славчо Бујароски says
Славчо Бујароски says:
16/08/2011 at 14:39
Точно: знаење никогаш доста. Знаењето не „тежи„, не е товар за оној кој го има. Колку што повеќе учиме, толку повеќе место има за ново знаење (тренираме учење).
Ме тера на размислување една мисла на Сократ, рекол: „Сега знам дека ништо не знам„.
Како стигнал до оваа констатација. Еве една моја интерпретација: најверојатно учејќи и учејќи, толку многу учел, а со тоа го тренирал мозокот, што при тоа открил колку е голем капацитетот на мозокот. Од дрга страна кога ја споредил големината на „празниот простор„ во мозокот (погоре спомнав дека со тренинг се подобруваат сите резултати, меѓу другото со ментални активности се зголемува и капацитетот на мозокот) со големината на тоа што до тогаш го научил, па така едноставно дошол до констатацијата (математички!) колку малку знае.
Секако, немам намера да го толкувам Сократ, намерата ми е доа го поддржам Павле во неговата констатација – знаење никогаш доста.
Па од тука доаѓа прашањето кое треба да си го поставиме кога ќе ја слушнеме констатација: јас знам сè што ми е потребно! – дали ова е навистина така? Јас би рекол: види го колку мал капацитет од мозокот користи!
Затоа би го дополнил Павле – не е само храброст да кажеш дека не си научил сè, тоа е мудрост која потекнува од претходното собрано знаење.
Славчо Бујароски says
Павле says:
16/08/2011 at 14:50
Морам да споменам, налетав на таков „менаџер“ кој со години е отприлика колку мене, значи во 30-тите кој кога разговаравме за менаџерски обуки за неговиот тим и за него и кога разговаравме за обуки за неговите вработени ми рече нема потреба, јас знам сè и сè можам да ги научам моите. Како за илустрација, дечкото е сопственик на салон за коли кој му го има отворено татко му и кој едвај се бори со конкуренцијата и кој како негов последен подвиг е такси компанијата што ја отвори со бренд на автомобилите кои ги продава но никако да ја разработи кутриот. Веројатно наскоро ќе ја затвори такси компанијата а за салонот за колку ќе почекаме да видиме колку ќе издржи. За жал и после 2 години од муабетот, тој сè уште смета дека знае сè и дека сè сам може да ги научи неговите вработени!
Е тоа е менаџер!!!
Славчо Бујароски says
Славчо Бујароски says:
16/08/2011 at 15:19
Павле, Павле. 🙂
Уште името на човекот да му го напишеш. Јас него не го знам лично но ја открив фирмата.
Убеден сум дека тој нема да открие дека за него си го напишал овој коментар, освен ако некој му каже во очи. Како што пишуваш „тој знае се„, па што ќе му е да чита статии и коментари кои ги пишуваат луѓе кои сметаат дека не е доволно тоа што го знаат и дека треба уште треба да учат!
Славчо Бујароски says
Дејан Спасески says:
16/08/2011 at 15:57
Менаџерите од типот “јас знам сè, јас можам сè”, се многу добро оопишани од Роберт Киосаки во неговите книги. Според неговата поделба по тип на вработени постојат четири квадранти во кои може да се наоѓаат вработените лица: 1 – вработени лица (работат кај други за плата), 2- самовработени (водат свој бизнис и се единствени вработени), 3 – бизнисмени (други работат кај нив за плата) и 4- инвеститори (имаат доволно пари да инвестираат во туѓи бизниси). Примерот кој Павле го опишува е некаде помеѓу вториот и третиот квадрант.
Според мене, менаџерот од нашиот пример сака да е во третиот квадрант. Има голема компанија, има вработени кои работат кај него за плата, им делегира задачи, има можност да го развива бизнисот. Една од главните карактеристики на вработените во третиот квадрант е делегирањето на задачи на вработените и поседувањето доверба во нив дека тие ќе ги завршат своите задачи најдобро што можат. Неформално образование и обуки за вработените се потребни токму од оваа причина, за да вработените можат да ги завршат доделените задачи и со тоа да го развиваат бизнисот.
Проблемот со нашите менаџери кои знаат сè и тврдат дека не им се потребни обуки на вработените можеме да го лоцираме со тоа што тие со дел од својот менталитет сè уште се наоѓаат во вториот квадрант.
Вториот квадрант е карактеристичен за сите професии во кои вработеното лице поседува одредено признаено стручно знаење и самиот може да го води бизнисот од самиот почеток. Професии од овој тип се адвокатите, нотарите, забарите, занаетчиите, автомеханичарите… Тие предолго време поминале сами во развивањето на бизнисот без да имаат потреба да вработат други лица. Како резултат на тоа, тие се убедени дека нивниот бизнис зависи од нив и само од нив. Кој и да дојде да работи за нив не може да биде подобар и тие навистина веруваат дека нема подобар од нив. Тие сè знаат и тие можат секого да научат.
Затоа во нашата држава најпознатите адвокати, нотари и забари сè уште се личности познати по презиме. А како изгледа да работите кај самовработен? Да не посакате да сте млад штотуку дипломиран правник кој како приправник треба да волонтира кај некој познат адвокат во период од две години. Овој менталитет на еден адвокат ќе знаете дека се променил, во моментот кога тој ќе ја прошири фирмата и ќе вработи повеќе адвокати кои ќе работат за него како тим.
Ова е однесувањето на дел од нашите менаџери или бизнисмени кои тврдат дека тие знаат сè и тие умеат сè. Ова однесување ги сместува во вториот квадрант. Без оглед каков бизнис водат и без оглед што мислат дека се наоѓаат во третиот квадрант (дека се бизнисмени), сè додека тие се однесуваат како да се во вториот квадрант, бизнисот не само што нема да им напредува, туку и ќе им се уназадува се додека не се вратат во вториот квадрант, каде што и припаѓаат според менталитетот.
Кога ќе се вратат во вториот квадрант, нема да им преостане ништо друго туку самите да продаваат коли или да возат некое од такси возилата кое ќе им остане.
Славчо Бујароски says
Марина Ксантика says:
17/08/2011 at 11:05
Одлична статија и одлични коментари!
Жива вистина е дека за голем дел од македонските менаџери препорачливо е да го сменат ставот кон стекнување на нови знаења.
Вакви статии во кои успешни луѓе од било која професија безусловно ги споделуваат своите искуства отвара нови можности за соработка и поврзување на едни со други.
Инвестирањето во лична надградба како менаџер и инвестирањето во вработените е најголемата повратна инвестиција на една фирма.
Полесно би било за сите доколку знаеме кои се нашите цели и каде одиме.
Секој вработен е дел од целината и без јасно поставени лични и професионални цели, тој вработен е демотивиран и непродуктивен.
Преку мојата работа се сретнувам со различни луѓе од кои повеќето за жал сè уште не ја разбираат потребата од инвестирањето во себе или пак во вработените.
Се додека поединцеот не се гледа или чувствува како дел од целината тој никогаш нема да биде мотивиран за да на било кој начин инвестира во нешто во кое не припаѓа.
Затоа подигнувањето на свеста и поставувањето на еколошки/органски лични и професионални цели се неопходни за долгорочен успех. Такви цели се добри не само за поединецот туку и за околината. А кој живее сам за себе? Сите ние зависиме еден од друг.
Кога овој процес ќе биде освестен тогаш нема страв од конкуренција, нема потреба од игри туку само синергија 🙂
Ве поздравувам г-дин Славчо и се надевам дека ќе има можност лично да се запознаеме,
Марина
http://www.ksantika.com
Славчо Бујароски says
Сашо Трајкоски says:
18/08/2011 at 12:22
Преку трње до целта…
Не знам зошто, но секогаш кога ќе се споменат трњата се присетувам на онаа стара прикаска за Трнорушка..
..Само најхрабриот витез кој верувал, кој искрено љубел, успеал да ги расече трњето и да ја разбуди заспаната принцеза.. А потоа, тие си живееле среќно до крајот на животот… Но дали во нашиот претприемачки свет, во овие испакуличени времиња е секогаш така. Да, основно е да се верува, да се има цел, а потоа да се стекнат знаења и вештини и да се има вистинското орудие за да се справиме со сите трња што никнуваат и таму каде што никој не ги посадил…
Сепак, дали тоа што зависи од нас е доволно или гаранција дека целите, ма колку и реално и објективно да бидат поставени, можат да се достигнат… Позитивниот пристап, визионерството, храброста но и претпазливоста, од секогаш сум ги користел при планирањето, управувањето и контролата на активностите за премостување на трњата до секој еден нов врв…
Но, во последно време сè нeкако ми се чини дека, или има премногу трње, или врвовите се веќе запоседнати, па дури и со тапија и ѕидишта бедемисани од некои други „среќници“, па имам чувство дека дека ние, обичните смртници, сме приморани да создаваме нови планинии, да измислуваме нови Трнорушки и да бидеме среќни доколку нашите мали претприемачки фирми во меѓувреме не потпаднале во стечај….
П.С.
Славчо, твојата статија ме натера да се присетам на сите претприемачки премрежиња и на сè она што сме го давале и проголтувале на гладно срце, уште од Времето на Анте Марковиќ, кога во 1990 година, заедно со уште 4 млади луѓе – пријатели, во редакцијата на „Студенски збор“ формиравме приватна фирма -Инфопрес, која и ден денеска постои…
Славчо Бујароски says
Игор Јаневски says:
18/08/2011 at 13:02
Славчо,морам да ти признаам дека ми е многу жал што статијата не си ја довршил до крај… Се шегувам, колку и да пишува човек на тема Промени-нема крај. Тоа е така бидејќи и самиот крај значи некаква промена, нели? Ова го велам на база на моето скромно дваесетгодишно искуство во сферата на бизнисот, при што и самиот поминав низ безброј промени и трансформации, за да на крајот сепак се искачам на врвот кој самиот го избрав, а кој потоа ми го отвори и видикот од другите врвови…
Истото е и со почетокот-како твојот пример со МАЛИОТ сон, кој денес е персонификација на нешто големо и опипливо. Имајќи предвид дека и почетокот и крајот се состојби на некакви промени, твојата тема е дотолку поинтересна. Сепак, морам да напоменам (како што впрочем и се гледа од твоите примери) дека секоја промена е задолжително иницирана од нешто, од некоја причина-сон, идеја, визија, мотив, желба, цел, надминување на некое достигнување, итн. Кога ќе ја активираме таа иницирачката каписла, автоматски сме ги активирале и промените, а со тоа и сите процеси кои тие со себе неминовно ги носат. Сите сме биле, сме и секогаш ќе бидеме некаков си дел од актерската екипа на филмот кој има едноставен наслов-ПРОМЕНИ. Притоа, потполно се сложувам со фактот дека патот до освојувањето на сите врвови (воопшто не е битно какви), кои можеме да ги освоиме, кои веќе сме ги освоиле или допрва ќе ги искачуваме, е никаков поинаков освен – ТРНОВИТ. Но, тука е и поентата за мотивот, визијата и желбата за новите, уште поголеми достигнувања. Токму заради тоа многу ми се допаѓа живата вистина дека после изоден трновит пат кон врвот, секој нареден е помалку болен. Тоа е затоа што сме ја акцептирале промената, сме станале посилни, посигурни, похрабри, но и отпорни на болките кои некогаш одвај сме ги поднесувале. Сите тие работи, испреплетени меѓусебе, истовремено се и причина и последица за нашето напредување и остварување на целите-на личен план, дома или на работа. Но, најинтересно е тоа што после достигнатата цел (читај спроведената промена), се отвораат куп нови цели, отворени прашања и предизвици кои неминовно не носат кон нови промени…
И така постојано во круг… Токму затоа е исклучително важно (не само за нас менаџерите-основачи, туку воопшто за сите оние кои потребата од освојување на нови врвови и небесни висини ја имаат длабоко во себе, или се на почетокот од личниот или професионалниот алпинизам)добро да се разбере суштината,неминовноста и значењето на промените, притоа водејќи сметка добро да проценат и пресметаат (десет пати мери-еднаш сечи) дали тоа на крајот ќе им донесе ќар или зијан.
Имам уште многу за пишување (тука мислам пред сè на мои лични примери – кои патем тебе ти се добро познати), но како што реков на почетокот – оваа тема нема крај, па заради тоа не сакам да одам во бесконечност и здодевност.
Срдечен поздрав!
Славчо Бујароски says
Kire sharkovski says:
18/08/2011 at 17:13
Gos. SLAVCHO BUJAROVSKI.
Se shto napishavte e tochno, nema susesful biznis bez trud i znaejne,machen e i trnliv patot, no mora da se ima koraz da ponatamoshen uspeh.pozdrav Kire sharkovski
Славчо Бујароски says
Marija S Arsovska says:
22/08/2011 at 15:28
Промена – за успешен развој на бизнисите е тема која е огромна и неисцрпна со што овие неколку коментари што ги прочитав се за поздрав. Нешто што е иритирачки во денешниве бизнис кругови претставува неписменоста на ГМ ( генералниот менаџер кој ја наследил фирмата од родителот),независно дали е раководител или само сопственик, и од неговиот инфериорен однос кон било какво дополнително неформално образование во однос на бизнис окружувањето. Посебно сакам да го истакнам фактот дека голем број од денешниот интелект кој излегува од академските клупи мисли дека ако дипломира, а уште полошо магистрира ја завршил работата за цел живот со школото. Визионерството ( погледот малку подалеку од границиве на нашава државичка ) а не дај боже во светот,и како тече работата никој не сака да биде во тек, ниту пак да слушне за сите можни препреки кои ке го пресретнат, или е како полесно да ги надмине.
Искрено сум присуствувара на предавања за ХР кај Д-р Цветко Смилевски и со драго срце Ви препорачувам , доколку постои било каква активност да бидам исконтактирана за обуки, предавања, доусовршувања или работилници за промените кои се непобитен факт во денешново пазарно опкружување. За жал од кога засновав работен однос во денешниве компании живото ме води постојано да бидам дел од оној прв квадрант ( работат кај други за плата ) но мојата упорност и посветеност нема да ми го скрши сонот некогаш и јас да се пронајдам во оној 3 или дај боже 4 квадрант 🙂
Во моментов ја спремам мојата магистерска тема и гласно барам до сите можни институции,деканати,професори, комиси кои одредуваат за темите и матријалите кои ке бидат достапни за сите млади кадри кои трба да се доусовршуваат дека совладувањето на промените, деловното комуницирање и деловното работење треба ба да се да бидат задолжителни предмети кои постојано треба да се апдејтираат со новини и нови ставови и искуства.
За секоја индивидува а и са секој субјект важи истото правило , секој однас треба да се стреми денес да биде подобар од вчера барем за искуството од еден ден истото важи и за утре кога ке бидеме подобри од денес, а во нашата работа ќе бидеме подобри од вчера барем за одлуките кои сме ги донеле денес .
Сигурна сум дека сите ја знаете онаа приказна за газелата и лавот
Ако не еве да ви ја кажам
Секое утро во Африка се буди по една газела, се буди и знае дека мора да трча, ако застане да се одмори ќе биде нечиј плен , и знае дека нема да може повеќе да ужива и да пасе по големите ливади,
Секое утро во Африка се буди по еден гладен лав, се буди и знае дека ако не почне да трча, никогаш нема да фати плен, да се најаде да се засити да добие сила,зошто ако заслабне ќе стане плен на другите посилни од него…..
Како и да е не е битно како се будите секо утро, дали како лав или како газела, важно е да не заборавите да трчате ……
Славчо Бујароски says
Igor Ustijanoski says:
17/12/2011 at 19:59
Mnogu tocna pretstava za promenite vo edna kompanija Slavco.
Voedno ne se slagam samo so delot od postot kade napomenuvas za “prifakjanje” na faktot deka utre “mora” da bide podobro od denes, a voedno I deka promenite ne treba da se napravat impulsivno tuku poleka.
Menager so istaknat pretpriemacki duh vo denesno vreme so eksplozivni promeni na pazarite, resursite i so svetlosana brzina na pojavuvanje na konkurentnost mora da razmisluva deka “sekako” utre ke bide podobro zatoa sto vekje se pripremil za toa. Toa bi bil vistinskiot kvalitet na vraboten t.e. menager/pretpriemac – “klasa” 3 kako sto posocuva pogore Dejan.
Ako sakame mir, se spremame za vojna. “If you wish for peace, prepare for war”
Pozdrav,
Igor Ustijanoski