Тимот прво треба да се формира
Формирање
Првата фаза, односно почетокот, на тимскиот развој е формирање, која што се однесува, како што и самото име кажува, на формирањето на тимот. Кога се во прашање тимови во организации, формирањето, најчесто, го прави работоводниот орган на организацијата. Обично истовремено со формирањето се назначува и водач на тимот.
Однесување на тимските членови
Како се однесуваат тимските членови во оваа фаза? На првиот тимски состанок повеќето тимски членови зборуваат многу малку. Тие седат и чекаат другите да ги изразат своите мислења и ставови за тоа како работата треба да се развива. После некое време на молчење, некои почнуваат да ги изразуваат своите ставови и да сугерираат како тимот би можел да продолжи понатаму. Сепак, во текот на овој состанок членовите се многу внимателни во стилот и речникот со кој се изразуваат, и никој не е расположен отворено да изрази несогласување со коментарите дадени од друг член на тимот.
Во новоформираниот тим неговите членови претпазливо ги истражуваат границите на прифатливото однесување во тимот. Како колебливи пливачи тие стојат покрај базенот и ги брцаат прстите во водата со цел да утврдат каква е водата и дали можат да влезат во базенот. Формирачката фаза е период на истражување, преполн со прашања, но сиромашен со одговори.
Во текот на фазата формирање секој член сака да биде доживеан од другите членови во најдобра можна светлина. Затоа, во текот на оваа фаза од тимската работа секој тимски член се однесува најдобро што може.
Истовремено, во оваа фаза, се врши и тестирање на водството на водачот, и формално и неформално.
Карактеристични чувства на тимските членови
Оваа почетна фаза е одбележана со чувство на страв и несигурност, затоа што најчесто тимските членови се запознаваат за прв пат. Тие се несигурни околу тоа како другите ќе реагираат на нив и како секој од нив ќе биде прифатен од другите членови. Тимските членови не знаат што точно се очекува од нив. Ним не им е јасно како ќе се продолжи понатаму, односно како ќе се извршуваат задачите на тимот.
Помеѓу тимските членови, во оваа фаза, истовремено постои и прикриена напнатост, која спречува да се појави чувството на удобност и меѓусебна доверба кај тимските членови. Оваа напнатост, која во почетокот на оваа фаза има највисоко ниво, почнува да попушта со почнувањето на заедничката работа на членовите. Ова попуштање е особено забележително кога членовите ќе почнат да споделуваат информации за себе и за своите очекувања за тимот. На тој начин почнуваат да се изразуваат карактерите на тимските членови. Тие почнувааат да развиваат свои очекувања за однесувањето на нивните сотимци. Почнува да се јавува чувство на задоволство и членовите на тимот почнуваат да се чувствуваат удобно работејќи заедно.
Однос кон обврските
Во оваа фаза, тимските членови обврските ги прифаќаат со резервираност. Дури и оние кои не се резервирани се претпазливи и одмерени. Многумина се загрижени за задачата на тимот и за тоа што тие како тимски членови треба да прават. Тие се загрижени за тоа дали тие лично, и тимот како целина, им се дораснати на задачите кои им претстојат, а кои им се делумно познати или целосно непознати.
Извршување на тимската задача
А што станува со тимската задача? Во фазата на формирање на тимот многу малку се извршува од тимската задача, бидејќи премногу други работи го одвлекуваат вниманието на тимските членови од тимската задача.
Во оваа фаза се случува еден многу важен процес за секој тимски член, кој има долгорочни последици. А тоа е менувањето на статусот од индивидуален во статус на тимски член. Тоа подразбира откажување од нешто лично и прифаќање на нешто заедничко, тимско.
Остави коментар