Пет едноставни чекори како да ја подобрите Вашата online репутација
Кога луѓето ќе чујат првпат за Вас или Вашата компанија, многу веројатно е дека ќе се послужат со Google да дознаат нешто повеќе за тоа кој сте Вие, односно каква репутација имате.
Ако тоа што ќе го видат тогаш, не им се допадне, можеби нема да Ве викнат на интервјуто за работата за која сте аплицирале, нема да Ви дадат шанса да ја образложите бизнис идејата или едноставно ќе се премислат да соработуваат со Вас.
Среќна околност е што “средувањето“ на вашата online репутација е прилично лесна работа. Просечна личност нема да чита страни и страни од резултатите на Google, туку најверојатно (според моето искуство) ќе погледне на првата страна од резултатите а потоа ќе кликне на определен линк само доколку запримети некаков проблем. За да ги “средите“ резултатите од првата страна, доволно е да ги следите овие 5 едноставни чекори:
1. “Гуглајте се“ себеси редовно
Гуглајте се и видете какви резултати ќе добиете. Овие резултати треба да ги проверувате скоро секој месец, делумно затоа што нови информации на интернет се појавуваат постојано и делумно затоа што Google често го менува својот алгоритам за да спречи определени манипулации на системот за пребарување.
Вообичаено треба да се грижите само за првата страна, но јас би Ви препорачал првиот пат кога ќе го правите ова да отидете неколку страници понапред. Бидете сигурни дека нема содржина која е толку лоша и која не смеете да дозволите да биде видена, дури и да се појавува на дваесеттата страна.
2. Отстранете ја или сокријте ја негативнеата содржина што е под ваша контрола
Доколку постои определена содржина која Вие ја контролирате и која не сакате да биде видена од другите (како на пример вашата лична Facebook страна) тогаш треба или да ја избришете или да ги регулирате опциите за приватност, така што никој нема да може да пристапи на таа содржина.
Бидете внимателни со вашиот Facebook профил, затоа што приватните страни можат одеднаш да станат јавни – тогаш кога Фејзбук ќе ги промени опциите за приватност. Доколку некој ве “тагнал“ на фотографија, подобро отстранете го тагот.
3. Поттиснете ја непосакуваната содржина со креирање на нова, позитивна содржина
Поттиснете ги сите резултати кои или се ирелевантни или негативни со креирање на нова содржина која Google ќе ја препознае како повисоко рангирана. Google ја цени содржината која се појавува на “важни“ сајтови. Секако идеално би било кога би можеле да добиете некое интервју или статија на екстра добар медиум, но тоа секако е тешка работа.
Но, среќа постојат еден куп добро рангирани сајтови кои овозможуваат да си креирате профил, како на пример социјалните мрежи. Затоа препорака, создадете си профил со вашето реално име на LinkedIn, Facebook, Google+ и другите. Овие резултати ќе бидат на врвот при секое пребарување за вас.
4. Побарајте негативната содржина да биде избришана
Доколку постои негативна содржина на сајтовите кои не се под ваша контрола и ако Вие не сте задоволни со тоа колку сте ја поттиснале оваа содржина (да речеме после четвртата страница во пребарувањето) – тогаш побарајте од сопственикот на страната да ја избрише.
5. Заштитете го вашиот бренд со регистрирање на домејн и “јузернејм“
Вашиот бренд можете да го заштитите сега за во иднина, со тоа што ќе се регистрирате со вашето име на новие сајтови во случај во иднина тие да станат популарни. Доколку побарате на твитер “јузернејм“ (корисничко име) за профил на @Audi веројатно тоа сега е зафатено, но Вие можете да го побарате било кое име на сајт кој штотуку почнал да работи.
Добар предлог е и да потрошите некој денар за да си регистрирате домејн вашетоиме.ком, ова е добро затоа што Google ја рангира оваа содржина многу високо, па е добар избор за домејн за личен сајт.
*********
Овие се 5 основни техники кои ќе ја исчистат и подобрат online репутацијата на повеќето луѓе, брендови, компании и организации. Секако дека се можни и некои случаи каде ситуацијата ќе биде покомплицирана, на пример доколку вашето име е исто со нечие на некоја славна личност, па во овие случаи можеби и ќе ви треба стручна помош околу градењето на online репутацијата.
Автор: Борис Ефтимовски по професија е маркетинг-менаџер. Автор е на блогот Маркетинг365. За повеќе информации и контакт, посетете го неговиот блог http://marketing365.blog.mk
Остави коментар