Внатрешнотимската различност секогаш треба да се доживува како предност на тимската работа, а никогаш како нејзина препрека. Таа може да биде неостварена можност, можност која членовите на тимот не ја искористиле.
Ако во еден тим помеѓу двајца негови членови не постојат никакви индивидуални разлики, тогаш, еден од нив е доволен за ефективна работа на тимот. Зошто? Затоа што и двајцата би понудиле исти идеи. А што ќе се случи ако во еден тим, помеѓу сите негови членови, не постојат индивидуални разлики? Тогаш не би постоела различноста, и таа група луѓе не би била тим. Секако дека ова се замислени состојби, кои не се можни во реалноста.
Индивидуалните разлики помеѓу членовите на тимот
Дали помеѓу членовите на тимот има индивидуални разлики? Има, и тоа најчесто многу. Затоа што, без разлика како е составен тимот, може да се каже дека секој тим е колекција од различни индивидуи. Во современиот свет организациите вработуваат луѓе со различно потекло, искуство и животни стилови, а во развиените земји организациите вработуваат луѓе од целиот свет.
Како основни разлики помеѓу членовите во тимот може да се сметаат разликите во образованието, возраста, работното искуство и работниот стаж во организацијата. Тука треба да се споменат и разликите во чувствата и идеите околу работата и работното место. Тимските членови може да имаат различни карактери и стилови, различно животно искуство, различни културни и религиозни потреби, и може да се разликуваат во полот и во сексуалната определба.
Тие, индивидуалните разлики, помеѓу членовите на тимот, ја прават различноста во тимот. Овие индивидуални разлики ги обезбедуваат основните разлики во перцепирањето на задачата на тимот.
Влијанието на внатрешнотимската различност врз тимските односи
Дали односите во тимот се под влијание на внатрешнотимската различност? Секако, зашто различноста, која, во поголема или помала мерка, постои во секој тим, влијае врз односите во тимот.
Што може да се случи кога еден член на тимот има поинаков став по некое прашање од другите членови? Можно е некои членови на тимот да се обидат да го поправат. А ако не успеат во таа своја намера, тогаш највероватно ќе го игнорираат.
Во друга ситуација можно е еден член да има идеја, која има потенцијал да биде креативна, но останатите членови на тимот не сакаат да одвојат време за нејзино разгледување. Ова се случува затоа што луѓето често пати ја осудуваат или стереотипизираат идејата на еден тимски член, бидејќи таа не во согласност со доминантниот тимски тренд.
Влијанието на внатрешнотимската различност врз односите во тимот може да биде и позитивно и негативно. Позитивно ќе биде кога различноста ќе биде извор на многу разновидни идеи. А негативно ќе биде кога различноста ќе биде извор на фрустрации за некои членови на тимот.
Внатрешнотимската различност и квалитетот на тимската одлука
Влијанието на внатрешнотимската различност врз квалитетот на тимската одлука е позитивно, затоа што квалитетот на тимската одлука во голема мерка е детерминиран од внатрешнотимската различност. Разновидноста од животни и работни искуства, од гледишта и таленти во тимот, овозможува поголем квалитет на тимската одлука.
Теоретските сознанија комбинирани со искуството стекнато низ животот и работата многу влијаат врз индивидуалната перцепција на тимската задача. Овие влијанија комбинирани со искуството во организацијата и дотогашните идеи за подобрување на ефктивноста и ефикасноста во работењето, низ тимската работа доведуваат до богатство од идеи.
Внатрешнотимската различност овозможува повеќе различни погледи на тимската задача, кои се основен предуслов за донесување на квалитетна одлука.
Како внатрешнотимската различност да дојде до полн израз
Иако внатрешнотимската различност сама по себе е предност за тимската работа, тоа не значи дека таа предност мора да обезбеди нормална тимска работа и да обезбеди квалитетна тимска одлука. Потребно е да се обезбедат услови за тоа се случи.
За да се створат добри услови за продуктивна тимска работа без, или со ретки и лесно надминливи потешкотии, потребно е да се води сметка за рзликите помеѓу тимските членови уште при компонирањето на тимовите.
Aвтор: М-р Благој Грубор е магистер по менаџмент на човечки ресурси. Во фокусот на неговиот интерес е тимската работа. Вработен како консултант во Детра Центар, Скопје. Реализира обуки во областа на тимската работа, интегрира оперативни тимови и фасилитира тимски состаноци на работни тимови. За да ги видите можностите за учење на тимската работа посетете го веб порталот на http://www.detra.edu.mk
Остави коментар