Влажните марамчиња се материјали за еднократна употреба што се користат за чистење на кожата на децата и возрасните. Овие парчиња материјал се направени од неткаен текстил на кој се додаваат одредени нежни состојки наменети за чистење на кожата. Првично, поради скапата опрема потребна за производство на влажните марамчиња, големите брендови како Huggies на „Кимербли-Кларк“ и Pampers на „Проктер & Гембл“ доминирале на пазарот. Откако технологијата стана подостапна, помалите брендови почнаа да се појавуваат и да нудат повеќе видови влажни марамчиња, достапни по различни цени.
Историја на влажните марамчиња
Технологијата за производство на влажни марамчиња е развиена во седумдесеттите години на дваесеттиот век. Во 1990 година многу од големите супермаркети создадоа свои приватни линии на брендови, произведени во договор со одредени фабрики. Ваквите приватни брендови ги привлекуваа потрошувачите поради понудените пониски цени, притоа зголемувајќи го профитот на супермаркетите. Во овие линии често влегуваа и влажните марамчиња.
Влажните марамчиња се важни за продавачите на мало, бидејќи помагаат во остварување на дополнителен профит. Така, доколку станува збор за влажни марамчиња наменети за бебињата, тогаш тие се ставаат на полиците каде што се продаваат и пелените и со тоа се добиваат поголеми шанси да се продаде во пакет. Истото важи и за влажните марамчиња за нега на лицето и многу други видови што имаат различни намени. Обично, влажните марамчиња се продаваат во различни големини.
Дизајн
Кога зборуваме за производите наменети за бебињата, тогаш веднаш знаеме дека тие производи потребно е да го содржат квалитетот што носи и сигурност за нашите најмили.
Влажните марамчиња за бебиња се дизајнирани со цел да бидат доволно силни за да ги избришат валканите места, доволно сигурни да ја заштитат кожата на бебињата, а сепак да бидат само за еднократна употреба. Текстилот се избира врз основа на издржливоста, апсорпцијата, но и врз основа на неговата цена. На обработениот текстил подоцна се ставаат одредени состојки што го олеснуваат чистењето. Пакувањето на влажните марамчиња е важна компонента. Пакувањата се направени на тој начин што, додека се зема едно марамче, останатите марамчиња не можат лесно да се извлекуваат, со цел да останат влажни во пакувањето до следното користење. Пластичните кутии се најповолни за пакување на различни видови на влажни марамчиња, различни големини и количества. Во однос на состојките што се додаваат дополнително, многу од произведувачите настојуваат тие да имаат способност да апсорбираат многу повеќе од останатите влажни марамчиња, да бидат порастегливи, ослободени од алергени, без присуство на алкохол и да бидат pH-балансирани. Производителите на влажни марамчиња за бебиња настојуваат да применуваат природни состојки, така што во многу од нив можат да се забележат состојки како: алое вера, овесна каша, камилица и слично.
Основни материјали
Материјалот што се користи за производство на влажни марамчиња за бебиња е неткаениот текстил што е сличен на видовите материјали што се користат за производство на пелените за бебиња. Традиционалните ткаенини се направени со ткаење на влакна од свила, памук, полиестер и други слични материјали, за да може да се создаде испреплетена матрица. Од друга страна, неткаениот текстил се произведува на тој начин, што се притиска еден лист материјал од другите одделни влакна. Во овој процес се користат влакната како памукот, вештачката свила, како и полиестер, полиетелен и полипропилен.
Меѓутоа, во влажните марамчиња се додаваат и други состојки чија што намена е да ги исчистат валканите места. Водата е една од основните состојки и служи како носител и разредувач на другите состојки. Влажните марамчиња за бебиња содржат и слаби детергенти со хидратантен крем, мирис и конзерванси. Најчесто користените детергенти се познати како amphoteric surfactants, слични на оние што се користат во шампоните за бебиња.
Sodium diamphoacetate и coco phosphatidyl PG-dimonium chloride се основни сурфактани што се користат во влажните марамчиња за бебиња. Овие хемикалии не ја лупат површината на кожата и, исто така, ја намалуваат иритацијата. Мекоста е предуслов, бидејќи при бришењето влажните марамчиња ги допираат нежните и деликатните делови од кожата на бебето.
Хидратантните состојки како пропилен гликолот и глицеринот се додаваат со цел да го спречат предвременото сушење и да придонесат за подобра хидратација на кожата. Како додаток, некои формули содржат масла како што се: минерални масла, ланолин или силикони што помагаат за одржување на мекоста на кожата. Згуснувачите како изведената целулоза, односно hydroxymethyl cellulose, ја контролираат вискозноста на крајниот производ и го чуваат вистинскиот состав.
Другите состојки вклучуваат конзерванси како што се метил и пропилпарабен што не дозволуваат развивање на микробите. Мирисните состојки можат да бидат додадени за да ја зголемат желбата на потрошувачите да купат одреден вид влажни марамчиња, но и да помогнат во отстранување на непосакуваниот телесен мирис. И карактеристичните состојки како што се екстрактите од алое вера, камилица или овес се додаваат за заштита на кожата на бебето, но и за да се привлечат повеќе потрошувачи.
Процес на производство
Има два основни метода на сврзување на неткаениот текстил: влажен вметнат процес и сув вметнат процес:
– Сувиот процес е познат како метод на растопување и дување, што се користи за да се создадат неткаените материјали од пластичните смоли. Во овој метод, пластичните топчиња се растопуваат и потоа се избиваат или присилно се вадат преку тенки ходници, со помош на воздушен притисок. Како што се ладат влакната, тие се згуснуваат во форма на листови. Жешките метални валјаци се користат за да се сплескаат влакната и за да се врзат заедно.
– Влажниот процес се применува на понежни ткаенини, како што се пелените, во кои се користат мешавини од памук. Во овој влажен процес, влакната се направени внатре во течните каши составени од вода и одредени хемикалии. Добиената паста, со помош на валјаци се притиска, при што се добиваат рамни листови, кои потоа се сушат во форма на долги ролни ткаенина. Овие ролни, понатаму се преработуваат и се сечат во ленти со тесна широчина и потоа се перфорираат или се сечат во листови. Завршените ткаенини се класифицирани според нивната сува тежина што изнесува 40 г/м2.
Апсорпцијата на марамчињата е исто така многу важна карактеристика на добрите марамчиња (квалитетните марамчиња можат да апсорбираат помеѓу 200 и 600% од нивната тежина).
Состојките што се користат како додатоци се подготвуваат во огромни резервоари. Во зависност од барањата на формулата, резервоарите се полнат со првата состојка, а најчесто станува збор за водата. Резервоарот може да биде затоплуван во текот на производството со цел да го олесни спојувањето на прашоците што мораат да бидат растворени или другите цврсти состојки што мораат да бидат стопени. Во продолжение на процесот се додаваат другите состојки и се мешаат додека не станат хомогени.
Постапката на производство на неткаениот текстил продолжува на тој начин што се вади од складираните ролни и се става во машини на чистење. Во овој процес можат да бидат применети неколку методи.
Алтернативно, индивидуалните делови од текстилот можат да бидат спакувани во запечатени торби од фолија. Во овој процес, листовите од пластифицираните фолии се ставаат во автоматизирана опрема што ги дипли во мали торби и ги топли и запечатува на три страни во форма на коверт. Истовремено, друга транспортна линија го доставува неткаениот текстил во торбата. Одреден механизам што во себе содржи течност, ја вклучува течноста преку спроводник и ја вшприцува течноста внатре во индивидуалните делови на материјалот. Веднаш по оваа операција, друг жежок лонец цврсто ја затвора торбата. Завршениот текстил автоматски се превиткува, се собира и се пренесува во неговиот финален пакет. Според современите методи, направените марамчиња се редат така што можат многу лесно, една по една да се извадат од пакувањето.
Задолжителна контрола на квалитетот
Секоја компонента што се користи за производство на влажните марамчиња за бебиња поминува низ серија проверки на квалитетот. Пластичните пакувања потребно е да бидат ослободени од одредени недостатоци што можат да предизвикаат истекување или неправилно затворање на пакувањето. Неткаениот текстил потребно е да ја поседува бараната специфична цврстина. Освен тоа, пред производството, процесот на чистење треба да биде темелно тестиран. Развиените хемиските елементи го вреднуваат производот за да се осигури дека е стабилен и нема да може да претрпи некои непожелни хемиски реакции. Исто така, треба да се тестира формулата за да се осигури дека ја поседува бараната мекост. Најсигурниот метод што се користи за тестирање на мекоста е познат како HRIPT (Human Repeat Insult Patch Test). Во овој тест одредена состојка, или серија состојки, се нанесува на луѓе волонтери (најчесто на делови од кожата во пределот на подлакотот). Потоа, овој дел се затнува со делче ткаенина и на самото место се проценува од страна на дерматолози по одреден временски период. Секое црвенило или раздразнување е знак за нумеричко вреднување и сите собрани резултати се пресметуваат. Низок пресметан резултат, како што е 0 или 1, покажува дека производот, во суштина, е нераздразнувачки.
Видови влажни марамчиња
Освен споменатите влажни марамчиња за бебиња, постојат и други видови марамчиња што се за различни намени.
Влажни марамчиња за чистење
Овие видови влажни марамчиња се во вид на влакнести сунѓерчиња што претходно биле натопени со вода, алкохол или други активни состојки. Тие се еден вид хигиенски производи и претставуваат едноставно и соодветно решение за чистење на валкани и непријатни елементи.
Влажни марамчиња за отстранување шминка
Индустријата за производство на козметика нуди влажни марамчиња за отстранување шминка, што најчесто содржат салициликацид, витамини, ментол и слично.
Дезинфекциски влажни марамчиња
Овие видови марамчиња обично ја спречуваат инфекцијата и се заситени со алкохол, а се спакувани во стерилни пакувања. Со нив можат да се дезинфицираат раце и разни инструменти. Дезинфекциските влажни марамчиња најчесто се вклучени во торбите за прва помош.
Влажни марамчиња за ублажување болка
Постојат и вакви влажни марамчиња, што се заситени со алкохол и со т.н. бензокаин. Овие марамчиња се добри за второстепена гребаница и убоди од инсекти. Тие ја дезинфицираат раната и ги намалуваат болката и чешањето.
Влажни марамчиња за лична нега
Овој вид влажни марамчиња можат да се најдат речиси во сите продавници, маркети и супермаркети. Овие видови влажни марамчиња даваат чувство на свежина и пријатен мирис. Наменети се за секојдневна и еднократна употреба.
Влажните марамчиња го олеснуваат одржувањето на хигиената, притоа давајќи ѝ ги потребните свежина, мирис и заштита на нашата кожа. Тие служат за еднократна употреба и можат целосно да ја задоволат потребата за секојдневно користење.
Секако, пред секое купување на влажните марамчиња, особено оние што се користат за нежната кожа на бебињата, потребно е да се прочита нивниот состав и пред првата употреба секогаш да се нанесат на мал дел од кожата, па потоа, доколку нема никакво црвенило, да се продолжи со нивно користење.
Преземено од: Таргет – специјализирано списание за трговија со стока за широка потрошувачка www.target.com.mk
Остави коментар