Дали тимот во процесот на решавање на проблемот донесува само една одлука? Како финална – да. Но, пред да ја донесе финалната одлука, тимот мора да донесе повеќе други одлуки, кои се предуслов за финалната одлука.
Одлуката на тимот може да биде една од следните пет основни видови тимски одлуки:
• Малцинска
• Мнозинска
• Едногласна
• Компромисна
• Консензуална
Како е дојдено до оваа поделба? Начинот на градење на одлуката е критериумот со чија помош е дојдено до оваа поделба. Теоретски, одлука со иста содржина може да се изгради на било кој од пет начини. Оттука произлегува дека името на одлуката го означува пристапот на тимот во градењето на одлуката.
Малцинска одлука
Малцинската одлука е изградена од еден или неколку членови на тимот. Ова се постигнува со делегирање на градењето на одлука на еден член на тимот или на еден поттим.
Кога се појавува потребата од малцинска одлука? Тоа се случува обично во ситуација кога тимот нема доволно време да работи како целина. Тогаш градењето на одлука тимот едноставно го делегира на еден член, или на еден поттим, кои ја градат, но не ја донесуваат одлуката. Тоа право тимот го задржува за себе, а со тоа ја задржува и одговорноста за донесената одлука. Тимот може да го делегира процесот на градење на одлуката, но не може да ја делегира одговорноста за донесената одлука.
Малцинската одлука е побрза и поефикасна од одлуката која ја гради тимот како целина. Таа, исто така, овозможува капитализирање на одредени вештини и знаења на одредени членови на тимот. Финализирањето на одлуката обезбедува доволно висока поддршка на членовите на тимот на одлуката, што е многу важно за имплементацијата на одлуката.
Мнозинска одлука
Мнозинската одлука се донесува со едноставно гласање. Значи, алтернативата која ќе добие најголема поддршка од членовите на тимот станува тимска одлука.
За мнозинската одлука е карактеристично тоа што во ситуација на едоставно надгласување секогаш има поединци кои „губат“, односно поединци кои не биле за алтернативата која станала одлука. Лутината може да ги наведе нив своето незадоволство да го изразуваат на тој начин што ќе се воздржуваат од полна поддршка на одлуката.
Главната предност на мнозинскиот пристап при градењето тимска одлука е во тоа што тој е брз и екфикасен. Градењето на тимската одлука на овој начин трае најкратко од сите пет пристапи.
Кога може овој пристап да се примени? Може да се примени кога се работи за одлуки кои не можат подолго време негативно да влијаат на прогресот на тимската работа и на тимскиот дух. Може да се примени и кога се работи за одлуки, кои бараат мала поддршка за имплементација, и кои нема да можат да креираат потешки чувства помеѓу членовите на тимот.
Едногласна одлука
Едногласната одлука се случува кога целиот тим се согласува една алтернатива да стане финална одлука.
Главната предност на овој пристап во тимското одлучување е во тоа што тој обично обезбедува обврска на членовите на тимот кон одлуката, односно обезбедува висока подршка на членовите на тимот во имплентацијата на одлуката.
Кои се ризиците на едногласната одлука? Првиот ризик е дека алтернативите нема бидат доволно внимателно разгледани. Ова се случува затоа што едногласната согласност со една алтернатива во процесот на градење на одлуката не остава ни простор ни време за богата дискусија.
Втор голем ризик е појавата на феноменот на групното мислење. Кога ќе се појави овој феномен во еден тим, тој брзо се движи кон согласност без внимателно да ги разгледа сите алтернативи и можните негативни последици од неговата одлука.
Компромисна одлука
Компромисот е начин на добивање одлуки со кои луѓето можат да живеат. Генерално, сите имаат право, но никој не е целосно задоволен. Некои зборови кои што можеби асоцираат на компромис се: половично прифатливо, воздржаност, израмнување, отстапка, или аражман.
Несомнено, компромисните одлуки се важни, затоа што тие се соодветни одговори на некои проблеми. Тие можат да овозможат деблокирање на процесот на одлучување, ако веќе до него е дојдено.
Недостатокот на компромисната одлука е во тоа што резултатот не ги исполнува очекувањата на сите членови. Кога тимските членови носат компромисна одлука, тие не се целосно приврзани кон неа. Можно е да се појави чувство на половичност и неподготвеност за реализација на оваа одлука.
Консензуална одлука
За да тимот донесе консензуална одлука, тој прво треба да ја изгради. А тоа значи постигнување општа согласност за тоа која алтернатива ќе биде тимска одлука. Оваа алтернатива ги има особините на win-win решение, што значи дека секој член на тимот има чувство дека со таа алтернатива постигнал „победа“, затоа што не направил отстапки од своите основни ставови, верувања, мислења или идеи.
Во текот на консензуалниот процес членовите на тимот ги дефинираат целите на тимот, ги утврдуваат потребите, генерираат идеи и изградуваат одговорност кон одлуката. Консензуалниот процес бара многу време и многу трпение, затоа што тимот треба да направи бројни активности на патот до постигнување на консензуална одлука.
Дали сите одлуки треба да се донесуваат со консензус? Не, не треба, но важните одлуки задолжително треба да се донесуваат низ овој процес. Ова „задолжително“ во најголем дел произлегува од потребата да овие одлуки да имаат висок степен на поддршка од сите кои ќе ја имплементираат одлуката. Овој процес обезбедува најмногу алтернативи, што е од голема важност за квалитетот на одлуката.
Секоја од овие одлуки е можна. Секоја од нив има лоши и добри страни. Станува пожелна или непожелна во околностите на една конкретна ситуација.
Aвтор: М-р Благој Грубор е магистер по менаџмент на човечки ресурси. Во фокусот на неговиот интерес е тимската работа. Вработен како консултант во Детра Центар, Скопје. Реализира обуки во областа на тимската работа, интегрира оперативни тимови и фасилитира тимски состаноци на работни тимови. За да ги видите можностите за учење на тимската работа посетете го веб порталот на http://www.detra.edu.mk
Остави коментар