Сигурно многумина од вас ја имаат слушнато или прочитано приказната за трите прасиња и лошиот волк. Во неа главни улоги се три прасенца кои требало да си изградат свои домови. Едното решило да гради од слама, второто од стапчиња, а третото од тули.
Почнале со изградбата и првото прасенце ја завршило најбрзо својата куќа од слама бидејќи самото градење не барало премногу труд и вложена енергија, нити пак материјалот за гредење бил тежок за работа. Набргу прасенцето отишло кај прасето што градело од стапчиња и го охрабрило да заврши побрзо со градењето на куќата од стапчиња, за да има со кого да си игра. Тие сега имале доволно време да си играат и да се шегуваат на сметка на прасето кое ја градело својата куќа од тули. Тоа сè уште не било готово бидејќи градењето му земало многу време и енергија и припремањето на тули одело споро. Но откако завршило и третото прасенце тие продолжиле да уживаат во благодетите на животот.
Еден ден играјќи се во шумата, во близина на своите среќни домови се појавил големиот и лош волк. Тој ги здогледал прасенцата што за него претставувале три вкусни оброци. Кога прасенцата го виделе волкот побегнале секое во својата куќа. Волкот прво застанал пред куќата од слама, кога побарал од прасето да излезе тоа одбило да го стори тоа и волкот бил приморан да употреби сила и со едно мало дување кон куќата, истата ја снемало. Исплашеното прасе побегнало да се скрие кај побратимот во куќата со стапчиња, но и оваа куќа со едно дување волкот ја турнал. Тие немале друг избор и побегнале во куќата од тули што ја изградило третото прасе. Волкот се израдувал дека на едно место ги има трите оброци, но оваа куќа била доволно цврста да не може да ја издува и сруши, по што си заминал и прасињата останале живи.
Двете прасенца ја научиле лекцијата и веднаш се фатиле на работа и изградиле нови куќи, но овојпат од тули.
Приказната ме потикна да размислувам на тоа какви куќи ние градиме, односно со каков материјал го градиме нашиот живот и дали ако дојде лошиот волк во некоја точка од животот ќе имаме доволно цврсти куќи да го издржиме неговиот налет. Во две и пол годишното искуство во агенциијата за финансиска писменот сретнав и сретнувам секојдневно три типа на луѓе, а тоа се следните:
Првите градат од слама и стапчиња бидејќи сакаат што побргу да ја завршат куќата, за да имаат време за уживање на сонцето и мислат дека постојано ќе биде сончево и сламата и стапчињата нема да пропуштат ако евентуално заврне дожд. Нивните станови се земени со хипотекарен кредит, колата е на лизинг, можат да одвојуваат за рати бидејќи се “стабилно“ вработени и имаат редовна плата. Немаат никаков имот на страна што ќе ги заштити при првото невреме (отказ од работа или намалување на плата) или налет на лошиот волк (банките со зголемување на каматите на кредитите или во најлош случај преку своите извршители). Одбиваат финансиски да се едуцираат и да превземат чекори како да ги зацврстат своите куќи.
Вторите се дел од првата група кои мислеле дека можат набрзина да ги изградат своите куќи бидејќи биле “стабилно“ вработени и приходите им дозволувале неколку кредити и нивно сервисирање. Но откриле на време или животот ги научил дека нивната куќа не може да издржи со сламки и стапчиња и решиле да превземат доплнителни чекори. Почнале да се едуцираат финансиски, сфатиле дека трошат повеќе отколку што заработуваат и направиле план како побрзо да го избркаат лошиот волк (банките со своите кредити) од нивниот двор. Почнале да работат дополнителна хонорарна работа за да ги зголемат приходите и трошеле онолку колку што имале. Она што им останувало вишок го инвестирале во градење на цврста куќа. Овие се далеку подобри од првата група, затоа што се спремни да се сменат и ја научиле лекцијата. Јас сум среќен што сум помогнал и сè уште помагам на многу луѓе од оваа група.
Третата група за жал е најмалубројна во Македонија но преставува вистинско задоволство кога ќе се сретнат луѓе кои ги наследиле вредностите од нашите баби и дедовци и тула по тула си ги градат своите куќи, не брзаат да имаат нешто што реално не можат да си го дозволат, туку со напорна работа и домаќинско трошење успеваат да создадат имот што ќе ги штити од лошиот волк. На нив често им останува и заштеда на која и наоѓаат место за нејзино најпаметно инвестирање. Спремни се за учење и во нивниот ментален склоп преовладува “зрно по зрно погача“ и внимателно ја градат својата иднина.
Сите ние сами ја креираме нашата финансиска иднина, од која во голем дел зависат многу работи (нашата пензија, школувањето на нашите деца, нашите домови, здравствена грижа итн). Затоа бидете внимателни од која група на луѓе сте и со каков материјал ја градите вашата куќа и дали таа ќе ве заштити од невремето што доаѓа.
А времето што доаѓа не е толку сончево и сјајно затоа што инфлацијата (трошоците за живот) се зголемуваат вртоглаво, невработеноста расте, а со тоа и вашето работно место не е толку “сигурно“ како што мислите, пензиите ќе бидат толку ниски што во Европа веќе се предвидува дека доаѓа време кога пензионерите ќе одат на пензија на 70 години со висина на пензија која ќе ги направи сиромашни и недостоинствени во зрела доба. Доаѓа време кога финансиската писменост ќе биде неопходна како што е неопходно познавањето и работењето на компјутер. Не игнорирајте го овој вид на едукација, може само да ви помогне во подобрувањето на вашата благосостојба, што на сите им ја посакувам од една единствена причина, а тоа е дека силината на една нација зависи од финансиската благосостојба на секој поединец во неа. А сите сакаме да живеем во една поубава и посреќна Македонија.
Aвтор: Томислав Трајков е овластен соработник на Синергија Плус – Прва Агенција за финансиска писменост во Македонија. За повеќе информации за како помудро со личните финансии посетете го веб порталот на http://www.sinergijaplus.com/
Остави коментар