Вообичаено, кога се разгледува тимската ефективност се разгледува количината на производи или услуги што тимот ги испорачал. Ова значи дека тимската ефективност се поистоветува со количината на производи или услуги што тимот ги испорачал. Анализата на тимската ефективност од повеќе перспективи покажува дека не би требало ефективноста на еден работен тим да се поистоветува со количината на производи или услуги кои ги испорачува тимот. При разгледување на тимската ефективност треба да се земе во предвид и способноста на тимот да го зачува темпото на работа и нивото на задоволување на индивидуалните потреби на секој член.
Испорачани производи и услуги
Една од димензиите на тимската ефективност се занимава со производите и услугите испорачани од тимот. Тие може да се анализираат на два начина, и тоа со употреба на објективни и субјективни показатели.
Мерењето со користење на објективни показатели е брзо и едноставно, и затоа се користи секогаш кога тоа е можно. Објективните показатели на изведбата може да вклучат мерење на количина, брзина, зафатнината, процент и на разни други парметри. Но, тоа не е секогаш можно, затоа што објективните показатели не се секогаш достапни или пак е тешко тие директно да се поврзат со изведбата на одреден тим.
Одредување на тимската ефективност, кога квантативните мерки се недостапни или несоодветни, се прави на тој начин што се прави проценка на задоволство на луѓето кои што го добиваат или разгледуваат производот или услугата. Овие луѓе можат да бидат екстерни и интерни клиенти.
Оваа проценка во голема мера е субјективна, а понекогаш може да биде и тенденциозна. Но, и покрај овие факти, таа може да даде значаен поглед на тимската ефективност.
Капацитет за долгорочност
Друга важна димензија на тимската ефективност е капацитетот за долгорочност. Тимскиот капацитет за долгорочност е поврзан со капацитетот на тимот да продолжи да работи заедно како тим. Тимот со голем капацитет за долгорочност има развиено ефективни социјални односи, кои му овозможуваат тимска работа во подолг временски период.
Проценка на тимското остварување може да направат внатрешни набљудувачи, а тоа се самите тимски членови, и надворешни набљудувачи, кои може да бидат надзорници, менаџери и други. Обично тимските членови имаат добра проценка на остварувањето. Тие добро се познаваат меѓу себе и добро ги познаваат односите помеѓу тимските членови. Но, тие, сепак, во поголема или помала мерка, се емотивно поврзани меѓу себе и со тимските процеси и резултати. Надворешните набљудувачи проценката ја прават од надвор и затоа помалку се емотивно приврзани и имаат поширока перспектива на односите во тимот.
Во секој случај, фокусот на проценувањето на капацитетот за долгорочност треба да биде на истражувањето и разбирањето на внатрешно тимското согласување и на соработката на тимските членови.
Задоволство на членовите
Третата, последната, димензија на тимската ефективност е нивото до кое тимот ги задоволува потребите на своите членови. Тимската ефективност може да биде намалена ако тимот наметнува плаќање на висока цена во смисла на индивидуално жртвување и разочарување.
Секој член на тимот има свои причини поради кои сака да припаѓа на тимот, и тимот нема да биде ефективен колку што би можел да биде доколку потребите на секоја личност не се адекватно задоволени. Покрај ова, дел од проценувањето на ефективноста на тимот е одредувањето на границата до која членовите се задоволни со она што тимот им го овозможува како индивидуи. Ова обично може да се одреди преку анонимна анкета (слична на анкетата за квалитетот на работниот живот) која бара од членовите да дадат фидбек за тоа колку се задоволни со она што тимот им го овозможува, во смисла на награди, напредување, и мотивирано работење.
Голем дел од ова задоволство може да произлегува од чувството на тимските членови дека тие, наместо топ менаџментот, имаат примарна одговорност за работниот процес.
Пред да ја донесеме конечната оценка за тоа колку еден работен тим е ефективен мораме да ги разгледаме сите три димензии, кои се споменати во овој текст. Секоја димензија има свое значење за ефективноста на тимот, кое што треба да биде земено во предвид при оценувањето.
Aвтор: М-р Благој Грубор е магистер по менаџмент на човечки ресурси. Во фокусот на неговиот интерес е тимската работа. Вработен како консултант во Детра Центар, Скопје. Реализира обуки во областа на тимската работа, интегрира оперативни тимови и фасилитира тимски состаноци на работни тимови. За да ги видите можностите за учење на тимската работа посетете го веб порталот на http://www.detra.edu.mk
Остави коментар