Иако верувам дека меѓу читателите на Statija.mk има голем број на оние на кои овие термини “Црн Петок“ ,“Сајбер Понеделник“ и “Боксинг деј“ им се добро познати и точно знаат што означуваат, сепак имам и некој впечаток дека многумина и баш не го знаат точното значење на овие термини (што е разбирливо бидејќи овие термини не се користат во нашиот јазик), па еве во најкратка можна форма да дадам едно објаснување на користењето на овие термини во адвертајзинг светот.
“Црн Петок“ и “Сајбер Понеделник“ во САД и Канада
Пред да почнам да ги објаснувам двата термини, најважно е да кажеме дека овие два дена (Петок и Понеделник) се поврзани со најпопуларниот празник во САД и Канада, “Денот на благодарноста“ или Thanksgiving Day, односно тие се однесуваат за денот (Петокот) веднаш после “Денот на благодарноста“ (кој се слави на последниот Четврток од месец Ноември секоја година) и првиот нареден Понеделник.
“Црниот Петок” (или Black Friday) е термин во адвертајзингот кој ја означува шопинг треската проследена како почеток на Божикната шопинг сезона. На овој ден, продавачите ги отвараат своите продавници многу рано, околу 3-4 часот наутро или уште порано и нудат различни промоции (најчесто големи попусти) кај своите производи.
Црниот Петок не е празник, но практика е, да многу работодавци овој ден, кој споменав е наредниот после најголемиот празник “Денот на благодарноста“, на своите вработени им го дадат како слободен, со што во суштина влијаат бројот на потенцијални купувачи во продавниците да се зголеми неколкукратно.
Откако се водат податоци за овој ден во бизнис светот ,тој се смета за најзафатен шопинг ден во годината, односно ден со најмногу купувања во продавниците ширум САД.
“Сајбер Понеделник” (или Cyber Monday) е термин кој во адвертајзинг светот го опишува Понеделникот после “Денот на благодарноста“ на кој компаниите ги убедуваат луѓето да пазаруваат online. Тоа “ги убедуваат“ го реков во смисла дека компаниите на овој ден стимулираат купување online со нудење на разно-разни поволности, вклучувајќи попусти, подароци и најразлични иновативни промоции.
Овој ден се смета како најплоден ден од година во година во историјата на online купувањето, и во континуитет бележи раст во бројките кои информираат за обемот на остварени online продажби.
Така на пример , “Apple“ во 2011 година на “Сајбер Понеделник“ нудеше бесплатен транспорт на сите апарати купени од нивната online продавници. Само на тој ден (во 2011 година се падна на 28 Ноември) транспортот на сите производи, купени по сите цени, до сите дестинации беше бесплатен.
Овој ден си доби свое име во адвертајзинг светот во 2005 година, кога беше објавено истражувањето на Shop.org, во кое 77% од online продавачите рекле дека Понеделникот веднаш после “Денот на благодарноста“ е денот во кој остваруваат убедливо најголем број на online продажби. Па така овој Понеделник денес е синоним за online шопинг лудило.
“Боксинг деј“ во Велика Британија и Комонвелт земјите
Боксинг денот (или Боксинг деј) е празник, кој во Комонвелт земјите (листа на земји) се празнува на 26 декември или првиот работен ден после католички Божиќ.
Како и Божиќ и овој ден е неработен. Тоа значи дека доколку Божиќ се падне во сабота или недела, понеделникот е неработен и голем број на луѓе се ослободени од работните обврски и овој ден можат да го посветат на својата фамилија и пријателите, да одат на шопинг или да гледаат фудбал (традиционално се игра првенствено коло на овој ден).
“Боксинг денот“ во Британија и Канада е пандан на “Црниот петок“ во САД што значи дека овој ден е синоним за шопинг лудило.
На овој ден продавниците нудат производи на продажба со големи попусти ( и до 50%) и примамливи промоции, па така ова е денот кога најмногу луѓе одат на шопинг а продавниците остваруваат најголеми добивки.
Трговците своите продавници ги отвараат многу рано (најчесто од 4-5 наутро) и милиони луѓе секоја година прават гужви обидувајќи се да купат што е можно повеќе, па со самото тоа, да заштедат на големите попусти кои се нудат тој ден.
Во 2011 година имаше случај кога “Боксинг денот“ беше “продолжен“ на боксинг недела , па специјалните промоции важеа сè до 31 декември.
Онлајн верзијата на “Боксинг денот“ се вика “Cyber Boxing Day“ и е најзафатениот онлајн шопинг ден во годината. Во последно време многу трговци “Сајбер Боксинг Денот“ и промоциите кои се нудат online ги започнуваат уште на Божиќната вечер т.е. вечерта на 25-ти декември.
Автор: Борис Ефтимовски
Остави коментар