Вовед
Во денешно време претприемништвото претставува едно од најбрзо развивачките полиња во економијата. Присутно во секоја индустрија, на корпорациско како и на ниво на мали бизниси, претприемништвото е често признавано од страна на академците како главниот економски двигател кон подобрување и експанзија. Дури и со такви признавања, може да се тврди дека сè уште нема доволно потврдени врски помеѓу општоприфатени бизнис теории и местото на претприемништвото во економијата и организациските стратегии. И покрај тоа, како што истражувачите и менаџерите се повеќе ја признаваат важноста на ова поле и поврзаните истражувања, еден аспект кој добива зголемено внимание во последните неколку години се претприемничките процеси на препознавање бизнис можности и создавање на идеи. Преку академската литература од оваа област можеме да видиме дека истражувачите прават напори да ги идентификуваат клучните фактори кои влијаат врз овие процеси и се обидуваат да дизајнираат применливи процес модели. Целта на преостанатиот дел од есејот е да обезбеди краток преглед на литературата од областа на моделирање на процесите на препознавање на бизнис можности и создавање соодветни идеи.
Преглед на академската литература
Едно од најважните прашања со кое се соочуваат денешните истражувачи е идентификацијата на соодветниот сет на фактори и околности за деловен успех. Како резултат на обемната литература на располагање од областа на претприемништвото, има многу спротивставени теории и концепти од различни академици кои постојано се дискутираат во бизнис круговите. Различни академици ги дискутираат и бранат своите гледишта во поглед на сите претприемнички процеси и активности. Де Конинг (1999) тврди дека терминот “препознавање можности”, како што се користи во академските кругови може да се однесува на откритие на јасна бизнис идеа или развивање на идеа во остварлив бизнис концепт со тек на време. Конкретната област на препознавање на бизнис можности е особено збогатена преку новите академски истражувања во последните неколку години. Имено, преку истражувањата и придонесите на академици како Шејн, Лампкин и Гилад се идентификувани и соодветно моделирани неколку критични фактори во овие процеси. И покрај тоа што здружените напори на истражувачите и менаџерите св уште не резултирале со дизајнирање на универзално применлив процес модел, постојат екстензивни дискусии за веќе утврдените фактори. На пример, Оконен и Сухонен (2010) ја дискутираат важноста на социјалните мрежи на претприемачот за процесот на идентификација на нови бизнис можности, каде што силен акцент е даден на претприемничката готовност, признаен предуслов во многу бизнис учебници во последните години. Дополнително на тоа, има истражувачи кои ја истакнуваат улогата на расположливите информации во овој процес и поконкретно објаснуваат дека подобро информиран претприемач има подобри шанси да идентификува нова бизнис можност. Шејн (1998) и Ваутер (2010) ја потврдуват улогата на таканаречената информатичка асиметрија и важноста да се има претходно работно искуство во секторот како дел од процесот на препознавање на нови можности. Додатно на тоа, во нивните трудови тие дискутираат дека претприемачите ке можат полесно да процесираат важни информации и да идентификуваат трендови ако имаат претходно искуство во секторот. Сепак, според истражувањата, факторот на претходно искуство и познавање на секторот може да се подели на три дела и тоа: познавање на пазарите, секторски маркетинг и знаење поврзано со однесувањето на муштериите (Ардихвили и Кардозо, 2000). Околностите во кои откритијата се направени се од голема важност за истражувачите во нивните напори да ги креираат процес моделите. По конкретно, акцент се става на прашањето дали претприемачите започнуваат планирано истражување или едноставно наидуваат на информации и ги “поврзуваат точките”, како што е опишано од страна на академиците преку нивните когнитивни модели. Има обемна литература и истражувања кои тврдат дека мнозинството претприемнички откритија била остварени како резултат на планирани истражувања и скенирање на околината. Од друга страна пак, има истражувачи кои тврдат дека овој процес зема по спонтана форма во мнозинството случаи и дека претприемниците ја откриле можноста откако случајно наишле на откривачки информации. Истражувањата од ова поле одат до таа мера што тврдат дека бизнисите кои биле стартувани откако можност била откриена спонтано побрзо ја враќале почетната инвестиција од оние кои биле почнати како резултат на истражување и скенирање (Клеин, 2008). Понатамошни примери можат да се најдат во еден од нај активните претприемнички сектори – информатичката технологија, каде што за 50% од компаниите се смета дека превзеле истражувачки активности и скенирање на околината пред да бидат стартувани. Во смисла на мрежи, академските истражувања потврдуваат позитивна корелација помеѓу големината на мрежата (број на пријателства и познанства) и веројатноста дека претприемачот ке идентификува нови можности во својата средина и област на експертиза. Истражувачите тврдат дека до одредена мера, сите мрежи овозможуваат ист квалитет и квантитет на информации. Дополнително на тоа, Арениус и Де Клерк (2005) дискутираат дека контактите во мрежите можат да бидат идентификувани и категоризирани како силни и слаби, со тоа што мнозинството претприемачи имаат повеќе слаби отколку силни контакти. Една од главните бенефиции од слабите контакти е тоа што тие овозможуваат по интензивно работење и колаборација во склопот на мрежата, со главен акцент ставен на меѓусебно информирање во области во кои претприемачот не би можел да добие информации од своите силни контакти, како што се семејството и блиски пријатели. Понатамошни истражувања тврдат дека типот и големината на мрежата се дел од факторите кои одредуваат какви информации ке му бидат достапни на претприемачот и колкава претприемничка готовност ке демонстрира таа индивидуа (Барон и Енсли, 2006). Истражувачите прават напори да ја претстават креативноста како дел од процесот на претприемничко препознавање на нови бизнис можности уште од четириесеттите години на минатиот век, опишувајќи ја како карактерна особина која мнозинството ја нема ( Шумпетер, 1934). Сметана за многу потребна особина, креативноста може да биде блиску споредена и објаснета преку индивидуалната претприемничка способност да се “поврзат точките” во смисла на нивната толеранција кон информатичка нејасност и способноста да се препознаат нови трендови. И покрај тоа што претходно дискутираните фактори се едни од најчесто спомнуваните и признавани фактори од страна на истражувачите во нивните напори да создадат процес модел на претприемничко препознавање на нови бизнис можности, таквиот модел сè уште не е создаден. Главната пречка сè уште се појавува во форма на големата разноликост на околности со кои се соочуваа претприемачите, карактеристиките на индустријата како и личните карактерни особини на претприемачот. Поради ваквата комплексност на областа, заедничките напори на истражувачите и менаџерите сè уште не резултирале со универзално применлив процес модел. Во напорите да се смени тоа, Ардихвили и Кардозо (2000) анкетирале осум претприемачи со развиени сопствени бизниси и тестирале неколку фактори признаени од академијата како важни за овој процес. Заклучоците од ова истражување не можеле да потврдат позитивна врска само со факторот креативност, додека факторите како претприемничка готовност, претходно искуство, познавање на индустријата и мрежно работење биле потврдени како присутни во случаите на тие претприемачи. Пронајдоците од оваа анкета не можат да се генерализират, но укажуваат на тоа дека теоријата не се совпаѓа целосно со тоа што се случува во реалноста и дека приодите кон изнаоѓање на процес модели ке треба да еволуираат паралелно со новите случувања во бизнис круговите.
Aвтор: Александар Делев, Ba in Marketing, University of Sheffield, UK
Остави коментар