„Ништо не е потешко и ништо не е повредно од способноста да се донесе одлука.“
Наполеон Бонапарта
Времето на динамични промени бара од вработените способност за брзо носење на правилни одлуки. Успеваат добро да се позиционираат само оние вработени кои се приспособуваат кон променетата средина, а успехот им припаѓа на оние кои ја креираат промената. Се прашувам дали вреди да се споменат оние кои што чекаат да падне топката на игралиштето па да видат како ќе се позиционираат т.е. како ќе реагираат на новонастанатите околности. Проактивноста од вработените подразбира активно размислување за иднината, нејзино планирање, креирање на сценарија за идните потреби, за средината и за сè друго што би можело да влијае врз нив и организацијата за која работат т.е. времено носење на умни одлуки.
Проактивноста е отров за реактивноста. Ако старата парадигма беше промена – реагирање на промената, наспроти неа новата парадигма упатува на наслутување на промената и проактивно дејствување како основна карактеристика за обезбедување на место под сонцето на разбрануваниот пазар. Сето ова ја буди потребата од унапредување на способноста за носење на одлуки и преземање на одговорност за резултатот од истите. Времето за кое некои веруваат дека доаѓа всушност го живееме, времето на знаење е насекаде околу нас. Една од важните работи кои е потребно да се знаат за да се биде конкурентен на пазарот е кои одлуки треба да се донесат. Ако сепак се случи да не се знае која одлука е умно во моментот да се донесе суштински е важно да се знае која одлука никако не смее да биде донесена.
Од една страна нашата работа е слика т.е. пресликување на одлуките кои што ги имаме донесено и кои што ги носиме. Од друга страна пак свеста и разумот се карактеристиките кои нè одвојуваат од животните што упатува дека свесно и разумно можеме да ги носиме одлуките што подразбира и свесно и разумно да ги прифатиме одговорностите кои произлегуваат од донесените одлуки. Сите луѓе поседуваат моќ да размислуваат и осмислуваат и да го дефинираат животот преку донесените одлуки. Секој човек е единствена, сосема посебна, во секој случај значајна и чудесна точка, точка каде што се вкрстуваат силите на светот, само еднаш и никогаш повеќе. Способноста за умно носење на одлуки се состои во тоа да од секого се извлече најдоброто. Тоа има за цел да го олесни битисувањето во секојдневниот работен ден и да не воведе во малите несекојдневни авантури на духовното и емпириското, да ни вткае самосвест за да се пронајдеме себе си. Затоа е суштински важно да се подигне свеста за преземањето на одговорност од одлуката. За секоја преземена одлука одговорен е оној кој што ја има преземено. Секое препишување на одговорноста подразбира препишување на моќта и слободата која што се поседува. Ако верувате дека немате моќ нешто да промените, тогаш најверојатно сте во право. Вие сигурно ја имате „продадено, дадено, предадено“ вашата моќ, вашето право самостојно да донесувате одлуки. Не постои безнадежна ситуација. Секоја ситуација колку и да е лоша истовремено е и променлива.
Секојдневната потреба за носење на важни одлуки го дефинира патот по кој се движиме и по кој ќе се движиме во иднина. Можеби некој нема да се сложи со мене и со моето размислување, но го предизвикувам малку подлабоко да размисли… што е она што можете да го изгубите доколку (не)донесете некоја одлука?
Aвтор: м-р Ана Салтирова Давидовски, раководител на секторот за човечки ресурси во АМСМ www.amsm.mk, во својот фокус го има развојот/унапредувањето на вработените како и NLP-то.
Остави коментар