Бизнис тренинг! Бизнис едукација! Обука за вработени! Воспоставување на организациска култура! Менаџмент тренинг! Лидерство! Бизнис план! Кодекс на однесување! Кодекс на облекување! Може да се реди уште многу!
Секојдневно слушаме дел од овие и уште многу други слични на овие изрази, но мене сеуште не ми е јасно што всушност сето ова значи. Еве јас сум скоро четири години во овој бизнис и некои работи сеуште неможам да ги разберам.
Ајде да почнеме од почеток и одозгора. Менаџери на компании т.е фирми. во нашава ни мала државичка најмногу ги има оние кои сами започнале нешто да прават и сега се и менаџери и сопственици на своите компании т.е фирми! Тие менаџери и сопственици на фирми си формирале свои успешни фирмички и секој од нив има свои вработени, некои помалку а некои повеќе. Одлично, така треба, па не можеме сè сами да работиме, а згора на тоа и бизнисот не ни е ист како на почеток. И сега ќе речете што не е јасно тука? Сè е јасно до тука ама од тука натаму некако ми се матни работите.
Истите тие сопственици на фирми постојано се жалат како нивните вработени веќе не работат како на почетокот. Порано повеќе работеа, сега веќе некако не е тоа тоа, имаме повеќе работа а тие наместо повеќе да работат цупкаат во место.
И си седам јас така со повеќето од нив, сите кој од кој по газда и ги прашувам: Добро, вие сигурно вложувате во Вашите вработени! Сигурно посетувале некакви обуки, нема зошто да не работат добро!?
И еве го моментот! Големиот МОМЕНТ НА ВИСТИНАТА! НЕ! Замислете добивам одговор НЕ! Па до сега не сме имале никакви обуки. И си викам: чекај, не е можно! Добро! Смири се, не може да е толку лошо! Пак прашувам: Последнава година не сте имале обуки така? А минатата година какви обуки одржувавте во Вашата фирма? И пак добивам чуден одговор: не, не, воопшто откако постоиме, еве веќе 11 години, никогаш не сме имале никакви обуки! Чудно, ама викам, чекај, не може да е баш така! Сигурно Вие како сопственик имате посетувано некои обуки? Имате одено на некои менаџерски обуки!? И пак исто па и уште пострашно. Одговорот повторно е НЕ! Нее, е што има јас да одам на обуки, јас се знам, што мислиш ти како стигна работава до тука?
Е па пријателе, сега ми е јасно колку е саат! Значи, ти си главен фраер во фирма, ти си знаеш сè, и наместо да ги праќаш вработените на обука ти им кажуваш всушност што треба, и како треба да го сработат! БРАВО ЗА ТЕБЕ! Секоја чест! Биди спокоен! Биди си раат! Играш на сигурна карта, сигурно ќе „пропаднеш“ само не се знае кога!
И од фирма на фирма така, јас сконтав дека сопствениците на повеќето наши фирми се едни од најспособните менаџери во светот! Горд сум што ги познавам!
До кога вака бе луѓе? Кога планирате малку да си ја чукнете главата и да се освестите? Немаат проблем Вашите вработени, имате проблем вие? Кога последен пат сте им дале можност на вработените да покажат колку знаат и колку сакаат да знаат?
Сеуште кај нас, во нашава ни државичка, тренинг и обука се само супер термини за фалење. Нашите менаџери се фалат дека сакаат да ги пратат своите вработени на обука исто како што се фалат дека сакаат да отворат нов дуќан некаде! И кога стигнавме до фалењето, пак имам нешто што ми е нејасно. Како тоа нашите менаџери се фалат дека ќе ги пуштат вработените на обука подеднакво исто колку што се фалат дека ќе отворат дуќан (и едното и другото се одличен напредок), што ми кажува за нивната развиена свест дека тоа е добро, значи знаат дека обуката е добра работа, а сепак не се остварува обуката. Зарем не би требало да се обидете?
Зарем сеуште мислите дека обуките се помодарство? Да се разбереме, не е лошо ако е така но малку доцните, вистински успешните веќе ги имаат задоволните вработени во нивните компании. Но, секако многу е поголем предизвик да купите BMW како сопственикот на конкурентската компанија отколку да имате задоволни вработени како во конкурентската компанија! Така е треба да се има приоритети ама многу е важно и да се добро распределени! Јас искрено се надевам дека брзо ќе се освестат сопствениците на компаниите, не заради тоа што јас сум во тој бизнис туку затоа што едноставно сакам да видам прекрасна бизнис атмосфера, задоволни менаџери, едуцирани кадри и на крај мотивирани и задоволни вработени кои се сигурни во своите способности и квалификации и кои секогаш ќе се борат за да бидат се подобри и подобри.
Важно е да се запамети: Неможете да потрошите толку многу на своите вработени колку што тие можат да заработат за вас!
Сега за сега овде ќе застанам и ќе завршам, а ќе завршам со препорака до сите оние наши менаџери и сопственици. Верувајте во можностите на Вашите вработени колку што верувате во вашата фирма која си ја направивте. Но исто така, дајте им шанса на Вашите вработени да Ви покажат и докажат колку многу сакаат подобро да работат а и подобро да заработат. Вашата фирма е веќе преголема за сами да си ја раководите, вработените ви се повеќе од потребни, вложете во нив и дозволете им да Ве издигнат повеќе! Колку повеќе вложувате толку повеќе ви се враќа, ќе ве потсетам на онаа старата народна фрли зад себе за да најдеш пред себе!
Aвтор: Павле Зимбаков
Остави коментар