Влијанието на организацијата на менторскиот процес
Откако е дефинирана изведбата нешто без што не може да профункционира процесот е охрабрување на процесот и овозможувањето истиот да се реализира. Самата организација е како слика направена од пазли, а нововработените треба да се вклопат во таа слика ако не се сака да се расипе сликата.
Треба да се размислува во духот на „моја победа – твоја победа“ тоа е ситуација која што бара соработка и добри меѓучовечки односи. „Моја победа – твоја победа“ значи дека сè што се прави е во корист на двете страни кои што се инволвирани. Во првиот случај менторот и менторираниот, а во вториот случај менторскиот тим и организацијата. Тоа значи соработка, а не натпреварување, зошто сите се на истата страна и сите имаат една цел – успех на организацијата, а со тоа остварување и личен успех.
Организацијата влијае врз менторските тимови на активен или на пасивен начин. Зависно од тоа колку организацијата ги подржува менторските тимови толку придобивки и ќе има. Со подржување и дизајнирање на менторството се добива подобро обучен персонал, подобра комуникација помеѓу вработените, поголема соработка, позитивен став кон перманентното учење, персонал со поголема одговорност. Едновремено им се помага на нововработените да го дадат најдоброто што можат. Без соодветно водење од постарите колеги новите членови нема да имаат јасна претстава за тоа што се бара од нив, а исто така нема да ги знаат насоките накај кои организацијата сака да се движи. Сè повеќе се има потреба од менторство, институцијализираното образование не е доволно, книгите во голем дел не соодветствуваат со практиката, најповеќе поради брзиот развој на технологијата затоа се има потреба од воведување во работата т.е. се има потреба од менторство. На паметни луѓе им треба паметна организација, затоа таа треба да почне да се гради уште денес.
Евалвација на менторскиот процес
Процесот на евалвација се темели на:
– Анализа на резултатите на програмата и односите помеѓу учесниците во истата;
– Програмски критериуми и изјава за постигнување на целите;
– Информации потребни за носителите т.е. подржувачите на програмата;
– Обезбедување преглед на програмата од кој ќе може да се види кои од тековните елементи се ефективни, а кои треба да се модифицираат;
– Означување и мерење на промените и нивното учество во квалитетот на програмата преку спроведување на програмската практика.
Евалвацијата се прави главно поради утврдување на две работи. Прво, вреднување на квалитетот на постигнатите односи помеѓу менторот и менторираниот што обезбедува јакнење и поддршка на развојот на индивидуалните односи во менторскиот тим. И второ, вреднување на целокупната менторска програма, со осврт на секој елемент сè со цел да се согледаат можностите за подобрување на целокупната менторска програма.
Низ процесот на евалвација се овозможува да се добие информација од менторираниот како ја доживува тој менторската програма. Се има можност да се направат соодветни подобрувања со кои ќе се постигнат најдобри резултати. Исто така во непосредните контакти со новите вработени кои што доаѓаат во организацијата расположени да ги имплементираат своите знаења, може да се решат некои од тековните проблеми во организацијата. Секој нов член во организацијата што доаѓа, ги гледа работите од друг агол и со очи необоени со емоции што овозможува појасно да се видат проблемите т.е. шансите за подобрување. Со сите новини кои што ќе ги донесе со себе новиот вработен, доколку на истите им се најде соодветно место се има можност за постојано подобрување во работата на организацијата.
За што вреди да се размисли пред да се влезе во менторскиот процес
– Најголема мудрост е љубезноста.
– Кажи ми и јас нема да запомнам, покажи ми и јас можеби ќе заборавам, вклучи ме во она што го правиш и ќе разберам.
– Од сите нешта што се носат, најважен е изразот на лицето.
– Луѓето не секогаш веруваат во она што го велите, но затоа секогаш ќе веруваат во она што го правите.
– Никогаш не ја потценувај моќта да се промениш самиот себе.
– Никогаш не ја потценувај моќта да ги промениш другите.
– Секогаш прифати ја подадената рака.
– Научи да слушаш.
– Почитувај го туѓото време.
– Не сечи го јазолот кој може да се одврзе.
– Не ги руши мостовите зад себе. Ќе се изненадиш кога ќе видиш колку многу пати ќе треба да поминеш преку истата река.
– Научи да го искажеш своето несогласување, а притоа да не бидеш нељубезен.
– Пофали ги и најмалите подобрувања.
– Зборовите и времето користи ги внимателно. Ниту зборот ниту времето не може да се вратат.
– Кога другите зборуваат не ги прекинувај.
– Не очекувај другите да го послушаат твојот совет и да го занемарат твојот пример.
– Не се обидувај да управуваш со нечиј живот.
– За сè има причина но за сè нема оправдување.
– Посвети се на квалитетот во сето она што го работиш.
– Никогаш не ја потценувај моќта на зборовите кои ќе помогнат да се поправат нарушените односи.
– Биди пример за углед.
– Не се потсмевај на ничии соништа.
– Кога караш, биди фер, немој да навредуваш.
– Немој да ја изневериш довербата која што ти е укажана.
-На менторот/менторираниот дај му повеќе од тоа што очекува и тоа прави го со радост.
– Недостатоците на другиот толерирај ги како сопствените.
– Молчењето е некогаш најдобриот одговор.
– Колку повеќе знаеш толку помалку се плашиш, незнаењето е најскапо.
– Добриот пример е најдобро попување.
– Немој да прифаќаш неприфатливо однесување.
– Начинот на кој се кажува нешто е исто толку важен колку и она што се кажува.
– Своето знаење пренеси го на другите. На тој начин ќе станеш бесмртен.
– Зборот „дисциплина“ всушност значи „да научиш некого на нешто“.
– На себе применувај ги истите високи стандарди кои ги бараш од другите.
– Се што е добро и креативно ќе се имитира.
– Биди позитивен.
– Критикувај го однесувањето, а не личноста.
– Секој одвреме навреме има лош ден.
– Научи три добри шеги.
– Барај начин на кој луѓето ќе се чуствуваат значајни.
– Биди отворен за нови идеи.
– Учејќи други, човекот учи и сам.
– Не го губи времето да разбереш кој е во право туку што е право.
– Почекај пред да одговориш на провокација барем еден час, а ако е многу важно тогаш до следниот ден.
– Стреми се кон најдоброто, а не кон совршеното.
– Гледај ги нештата и со очите на другите луѓе.
– Кога ќе видиш дека си згрешил обиди се да ја поправиш грешката.
– Своето време и енергија троши ги на создавање, а не на критикување.
– Утврди ги краткорочните и долгорочните цели.
– Искуството е она што ќе го добиеме кога нема да го добиеме она што го сакаме.
– Не заборавај дека најголемата човечка емотивна потреба е да се чувствува ценет.
Наместо заклучок
Има два начина за работно воведување, лесен и добар. Лесниот не е добар и добриот не е лесен. За успешно работно воведување треба да се почитуваат три принципи, познати како трите П:
1. Почитувај се себе си;
2. Почитувај го другиот;
3. Преземи одговорност за работите што ги правиш.
Секој човек е единствена, сосема посебна, во секој случај значајна и чудесна точка, точка каде што се вкрстуваат појавите на светот, само еднаш и никогаш повеќе. Менторирањето се состои во тоа да од секого се извлече најдоброто. Тоа има за цел да му го олесни на нововработениот секојдневниот работен ден и да го воведе во малите несекојдневни авантури на духовното и емпириското, да му вткае самосвест за да се пронајде себе си.
Можеме да учиме. Можеме да ги менуваме работите и кога тоа изгледа невозможно. Менторите главно имаат две улоги, да дејствуваат како експерти и како модели. Правејќи го тоа тие го прошируваат едукативното искуство на менторираниот.
Познатата изјава на Алберт Ајнштајн „Човекот го сфаќам како дел од целоста, што ја нарекуваме универзум, дел ограничен во времето и просторот. Себе си, своите мисли и чувства, човекот ги доживува како нешто одвоено од сè друго што е околу него, што е еден вид оптичка измама за неговата свест. Таа измама за нас преставува еден вид затвор, ограничувајќи не на нашите лични желби и љубов за само неколку, нам најблиски личности. Нашата задача треба да биде ослободување од тој затвор преку проширување на нашиот круг на благодарност за да ги опфатиме сите суштества и севкупната природа со целата нејзина убавина.“ Доколку овој исказ го ставиме во функција на организација тогаш менторскиот процес има за цел да го забрза процесот на ослободување од „затворот“.
Aвтор: м-р Ана Салтирова Давидовски, раководител на секторот за човечки ресурси во АМСМ www.amsm.com.mk, во својот фокус го има развојот/унапредувањето на вработените како и NLP-то.
Остави коментар