Натерајте се да им пристапувате на жените
Најтешкиот дел од надвладувањето со скромноста е стекнување на самодоверба за да ѝ пријдете на жената. Нема тука некоја филозофија, едноставно морате тоа да го направите. Доколку се обидете, нема што да изгубите, а доколку успеете, можете многу да добиете. Приоѓајте им на жените од кои не се плашите. Добар начин за да се ослободите од нервозата е доколку не се грижите за исходот. Тој принцип е видлив кога ѝ приоѓате на жена која можеби ви е малку привлечна и започнувате разговор со неа. Поради тоа што не ви е гајле за развојот на ситуацијата, многу е веројатно дека во таквата ситуација ќе бидете опуштен, што за возврат го побудува нејзиниот интерес. Со други зборови, однесувајте се како да не ви треба акција и ќе добиете акција.
Мислете позитивно и бидете самоуверено
Преовладувањето на срамежливоста доаѓа однатре. Доколку мислите дека сте личност која жените би ја посакале, жените ќе забележат дека таквото мислење зрачи од вас. Доколку мислите дека не сте доволно добри, жените ќе го мислат истото за вас.
Гледајте ја во очи
Погледот директно во очи е продолжение на високата самодоверба. Немојте да заборавите дека голем дел од ова можете да научите доколку жената ја гледате во очи. Значи, следниот пат кога ќе здогледате убава жена, знајте дека најтешката работа е да дојдете до неа и да започнете разговор. Штом тоа ќе го направите, останатото е историја.
Пријатен разговор
Доколку целата работа ја сфаќате како да се обидувате да се дружите со непозната личност, тоа само дополнително ќе ве охрабри. Само речете си себеси: ”Ќе имам пријатен разговор со жената која стои покрај мене. Сè што сакам е неколку минути разговор. Немам намера да ја бакнувам, ниту да имам секс, ниту имам намера да се оженам со неа”.
Еве уште неколку причини зошто треба да им приоѓате на жените.
Пракса: Немојте да им приоѓате само на убавите жени. Приоѓајте им на сите жени, постари од вас, дури и на грди жени. Поентата е да вежбате и да се чувствувате пријатно во разговор со жени.
Светот е мал: Ќе се изненадите колку често можете да налетате на една иста жена. Светот е мал па дури и во секој поголем град, можете повторно да ги сретнувате истите луѓе. Вториот пат кога ќе ја сретнете, жената ќе биде попријателски расположена, а има ли подобра прилика од таа да ја поканите на кафе или пијалок.
Наскоро ќе сфатите дека разговорањето со жените само заради разговорот, без скриени мотиви, може да ви донесе многу жени во вашиот живот. Исто така, ќе бидете сè посигурни во приоѓањето на жените. Покрај тоа, ќе чувствувате поголема самодоверба и разговорот со спротивниот пол ќе стане природен дел од вашиот живот. Наскоро ќе размислувате на следниот начин: “доколку од сето ова на крајот нешто испадне, добро, ако не, пак добро”.
Кога ќе стекнете самодоверба во разговорот со жените, тие ќе ве сметаат за уште попривлечни. Она што е важно е фактот дека со запознавањето на што поголем број жени, повеќе не го лимитирате вашиот избор на само неколку од нив, а истовремено добивате константен извор на потенцијални прилики за во иднина.
Игра на зборови
Да замислиме дека сте запознале привлечна девојка. Ви се посреќило да ви го даде нејзиниот телефонски број. Неколку дена подоцна ѝ се јавувате и разговарате по телефон. Доколку сте како поголемиот дел од мажите, ќе ја запрашате нешто од следниот тип: “Сакаш ли да се сретнеме овој викенд?”
Доколку каже “да”, веројатно е дека подоцна може да ја откаже средбата и вашето прво излегување со неа да биде и последно. Работата е едноставна: зборовите кои сте ги избрале ја убиле целата приказна во самиот почеток.
Како што веќе рековме, самодовербата е клуч на сè. Меѓутоа, начинот на кој сте ја поканиле да излезете ја уништило вашата самодоверба во корен. Еве што кренало наопаку.
Со прашањето, “сакаш ли?” и давате избор уште на самиот почеток на играта. Таа сака да бидете одлучни, а со користење на изрази како “сакаш ли?” покажувате дека не сте одлучни до крај. Со ова ѝ дозволувате да го промени своето мислење. Како таа би можела да знае дали сака да излезе со вас, кога излегувањето сè уште не се случило? Жените и вообичаено не знаат што сакаат, a тоа се покажува како точно во ситуации како овие. “Да се излезе надвор” исто така не е добар избор и имплицира дека ни самите вие не знаете што би правеле со неа, т.е. дека немате конкретен план. Конечно терминот “викенд” е исто така промашување. Не е толку во прашање тоа што сте одбрале викенд наместо работен ден, колку тоа што не сте специфицирале конкретен ден – и со тоа имплицирате дека ни самите не знаете што сакате, а тоа ви носи голем минус кај жените. Одберете конкретен ден и држете се до него.
Да видиме што би требало да кажете: “Одиме во кино во петок. Ќе дојдам по тебе во осум”.
Ништо повеќе, ништо помалку. Горната изјава зрачи со самодоверба. Кажете ѝ каде ја носите, кој ден и во кое време треба да биде подготвена. Нема време за сомнеж и размислување за тоа што може да се случи.
Истиот менталитет важи и за останатиот дел од вашата врска. Размислете пред да кажете нешто, а кога тоа ќе го направите, нека биде јасно, конкретно и одлучно. Сега кога сте ја разбрале основната идеја, да погледнеме уште два примери.
“Можам ли да ти се јавам некогаш?” Многу, многу лошо.
“Можам ли” e целосно промашување бидејќи укажува дека не сте во состојба да дигнете слушалка и да го свртите нејзиниот број. Немојте да ѝ дозволите да се сомнева во нешто толку банално. Исто така, немојте како замена да го користите зборот “смеам” затоа што со тоа барате нејзина дозвола, а рековме дека тоа не смеете да го правите.
“Понекогаш”? Понеделник? Среда? Подобро речете никогаш. Малку подобра девојка секогаш има неколку мажи кои се заинтересирани за неа. Веројатно нејзиниот потенцијален нов дечко и не е така далеку. Тој знае како да го користи телефонот и тој сигурно ќе ѝ се јави.
Кој е тогаш вистинскиот израз? Едноставно и ефективно: “Ќе ти се јавам”! Како дополнителен бонус, ќе ја оставите збунета бидејќи нема да знаете кога имате намера да ѝ се јавите, па тоа нејзино исчекување можете да го искористите како предност.
“Не знам, ти што би сакала да правиме?” На вакво прашање, нејзиниот одговор би требало да биде: “Со тебе ништо”!
“Не знам”: Никогаш не ѝ признавајте на жената дека нешто не знаете. Точка. Во спротивно, ќе останете сами на троседот дома јадејќи чипс и пиво. Се разбира, доколку тоа е вашата замисла за идеално поминување на вечерта, тогаш слободно признајте ѝ дека ништо не знаете.
“Што би сакала?”: Очигледно е дека и двајцата сакате “нешто” да направите штом се согласила да излезе со вас. Немојте да ја доведувате во ситуација да ја преиспитува нејзината одлука. Со тоа ѝ давате можност за избор, а рековме дека изборот е лош. Значи, наместо, “Што би сакала да правиме”, кажете “Одиме на пица во пицерија Х”. Таа ќе биде импресионирана од вашата способност за донесување одлуки и тоа ќе ви го припише како голем плус.
Автор: Валентин Јуриќ, Хрватска
Преземено од: книгата Kako osvojiti svaku ženu од хрватскиот автор Валентин Јуриќ. Бесплатното поглавје од оваа книга можете да го преземете од неговата веб страна www.kakoosvojitisvakuzenu.com
Превод на македонски јазик: Дејан Спасески
Остави коментар