„Самохраните“ мајки во Македонија се третираат како најзагрозена категорија, во истата група со болните од неизлечиви болести или со лицата со посебни потреби. Навистина се прашувам како дошло до тоа на еден престижен саем за жена, вработените од црвен крст да собираат доброволен прилог за „самохрани“ мајки. И во која функција е таа акција? Дали собирањето на прилог навистина ќе значи помош или само уште повеќе ќе инспирира некого да остане во комфорната улога на жртва?
Да се биде мајка или татко (родител) е несомнено најубавата работа која може да ви се случи во животот. Ништо не е толку особено тешко или комплицирано во споредба со чистата енергија и љубовта која ќе ја добиете за возврат од вашето скапоцено дете. Таа љубов е инспирација, имате доживотна мотивација да создавате вредност, да растете и да се развивате паралелно и во друштво со за вас најпрекрасното суштество на целиот свет.
Да се биде родител е престиж и привилегија, вие ја имате честа да се грижите и да бидете одговорни за друг човеков живот, вие помагате, вие создавате услови, вие сте нечиј модел, вие сте создатели на трајна вредност и бескрајна љубов. Вие сте најбогати зошто црпите енергија од извор кој не пресушува. Се што ви е потребно е да си дозволите да доживувате.
Да се биде сам во родителствувањето не значи доживотна казна, значи предизвик и можност да станете подобар, побогат и поголем човек од она што моментално сте. Состојбата на самостојно справување и одлучување за целокупниот ваш живот и животот на детето може да ви овозможи да достигнете висок степен на индивидуалност, да созреете, да повозраснете и несомнено многу успешно да се самореализирате и самоактуелизирате. Паралелно со промените кои ги забележувате секојдневно кај вашето дете кое исклучително брзо расте и се развива, вие сте во можност да забележите како се менувате, созревате, растете и се подобрувате со секој изминат ден. Се разбира, за да се случи сето ова треба да сакате промени, хаосот да ви стане омилен, да избегнувате да бидете во комфорна зона, да бидете исклучително свесни за себе, да живеете во овде и сега, да прифатите одговорност за сите свои постапки и многу време да посветите на работа на себеси.
Обидете се да го доживеете самостојното родителствување како едно прекрасно искуство кое ви отвара нови видици и можности. Разликата помеѓу родител во брак и самостоен родител е во тоа што како самостојни родители вие имате слобода да одлучувате самостојно како и каде ќе го поминувате вашето време, колку часа на ден ќе работите, колку ќе заработувате, каде ќе живеете, што ќе облечете, од која продавница ќе купувате, кој метод на воспитување ќе го користите, каде ќе одите на одмор, колку често ќе излегувате, со кого ќе излегувате… Никој за ништо не ве прашува, сами сте, во сѐ сте сами. Вие сте сами одговорни за вашиот живот и за тоа колку ќе постигнете во него, буквално на сите полиња од истиот.
Можеби свесно, можеби несвесно, но вие сте тие што поради избор, незнаење, заблуда или едноставно експериментирање сте се довеле себеси во ситуацијата во која што сте. Е па време е да се соочите со последиците. А последиците и не се така страшни.
Всушност вие не сте во ситуација која треба да ве доведе до дното каде ќе се откажете од себеси и ќе престанете да функционирате. Самостојното родителствување не би требало да ве натера да помислите дека е крај на светот иако многумина околу вас токму така ќе ја доживуваат вашата ситуација.
Самостоен родител е животен стил, нешто што го практикувате, се случува и убаво си е токму такво какво што е. Нема потреба од паника, нема потреба од жалење, тоа е една убава улога, преубава, премногу племенита и многу благодарна. Вие сте дариле живот некому, вие не сте го оставиле ниту запоставиле кога сте биле најпотребни, вие сте борци, храбри луѓе со племенити срца кои ја заслужуваат сета почит. Вие сте во ситуација која се менува. Нема проблем што не се решил, и нема ништо што останало исто колку и да давало отпор на промени. Време е да се прифатите себеси, токму такви како што сте, во ситуацијата во која што сте. Зошто сте убави токму такви какви што сте, и вие и вашите следбеници. Обидете се околу себе да привлечете што повеќе поддршка, што повеќе луѓе што ја препознаваат убавината во вас, кои ве прифаќаат со сите мани и доблести, кои се тука кога ви се потребни. Со тек на време, ќе привлечете луѓе кои безрезервно ќе ви помагаат и ќе ве сакаат, а можеби и многу скоро вашиот статус на „самохран“ родител ќе виде променет. Запомнете, тоа најмногу зависи од вас.
Вашата Кариера
Што се однесува до вашата кариера, раѓањето на детето не е знак дека во истиот момент таа треба да заврши. Веќе е многу познато дека присуството на едно ново прекрасно суштество кое дошло на свет благодарение на вас ќе ве направи поорганизирани и позрели. Па зошто тогаш не ја искористите таа прилика? Сега имате од каде да црпите инспирација за да бидете уште поуспешни во она што го работите. Доколку читате статистики за статусот на „самохраните“ мајки во нашата земја, ќе забележите дека најчесто тие се платени само 60% од плата што би ја земал друг со истите квалификации на истото работно место. Вистина е дека постои полова дискриминација на работното место, постои и дискриминација на „самохраните“ родители, но не смеете да се разочарате и да скршнете од патот кон успехот, сако поради тоа што некој не може да види и да разбере колку вредите.
Причината за неприфаќањето, најчесто е закотвена во континуираната улога на жртва која несомнено ја играат најголемиот број на „самохрани“ родители. Доколку вие се чувствувате како жртва, доколку се чувствувате како суштество од понизок ред или како трет пол, немојте да очекувате некој друг поинаку да ве третира. Прво што би било убаво да го направите за себе, е да научите како да се прифатите себеси во ситуацијата во која што сте. Причините поради кои сте се нашле во ситуацијата, може да се најразлични, како и да е, вие сте таму каде што сте, пред вас се нови можности, колку и да бил болен процесот низ кој што сте поминале, вие имате нова шанса да станете подобри и поуспешни, во една нова племенита улога, во улога на родител.
Ако не можете да ја отстраните болката, ако ве боли многу и по неколку пати во текот на денот, научете да живеете со болката, прифатете ја на истиот начин на кој ја прифаќате на пр. среќата. Ако тоа си го дозволите, ќе забележите дека нејзината „магија“ која секојдневно ве обзема наскоро ќе исчезне. Болката нема толку многу да ве боли доколку си дозволите да ја запознаете.
Ако некогаш имате чуство дека сте на дното и дека немате каде да одите, сетете се на поларитетите со кои сме опкружени. Секое црно има свое бело, после денот доаѓа ноќ, ако умеете толку ниско да паднете, во исто време умеете да се качите многу високо. Важно е да научите да ја насочите вашата енергија во вистинскиот правец. Луѓето кои немаат развиени капацитети или диспозиции ретко паѓаат или се качуваат. Тие живеат во комфор, нема осцилации во нивните животи, секоја промена која надоаѓа ја отфрлаат плашејќи се од неуспех или паѓање. На тој начин ја пропуштаат можноста пред се да се запознаат самите себеси, да откријат нови светови, да откријат нови улоги, со еден збор да еволуираат.
Како „самохран“ родител вие имате прилика да откриете многу нови светови. Доколку успеете да се прифатите со сите предности и слабости, и другите луѓе околу вас многу лесно ќе ве прифатат. Тие ги читаат знаците кои им ги испраќате. Доколку се цените доволно, доколку си помагате доволно, доколку се поддржувате доволно, доколку се сакате доволно, тие безрезервно ќе сакаат да бидат дел од вашиот свет: да ве сакаат, поддржуваат, да ви помагаат и да ве ценат.
Тоа што не сте го направиле вистинскиот избор на партнер, сте го изгубиле партнерот или сте одлучиле сосема сами да се впуштите во оваа прекрасна авантура ве прави многу посебни, но не по можноста да бидете квалификувани како жртви или загрозени, туку по можноста да се надминете себеси во вашиот личен и професионален раст и развој.
Вашата состојба не значи дека треба да прифаќате било какво работно место, не значи дека треба да работите за било каква плата, не значи дека треба да завршите со несоодветен партнер само затоа што е богат или е првиот што ве прифатил, не значи дека треба да ја наведнете главата кога неправедно ве осудуваат, не значи дека треба да престанете да се развивате и лично и професионално. Застанете цврсто и одговорно позади вашиот избор, изборете се за вашите права, преговарајте за вашата плата, грижете се за вашиот изглед, бидете родител за пример. Покажете си себеси, на вашето дете а потоа и на другите колку многу можете и ќе видите дека реално ќе ви се отворат многу можности на кои можеби никогаш не сте се ни надевале.
Aвтор: Автор: М-р Благица Ризоска e предавач и консултант, главен и одговорен уредник на Global HR. За повеќе информации посетете го веб порталот http://www.globalhr.mk/.
Остави коментар