Шшшшшш… одличен и моќен звук што се слуша при отворање шише газиран сок. Полна чаша газиран сок и неколку коцки мраз нудат вистинско освежување во жешките летни денови.
Газираните сокови најчесто во себе содржат вода, шеќери, јаглерод диоксид. На пазарот можат да се пронајдат во различни пакувања и со различни вкусови. Според содржината на шеќерите, можат да се поделат на сокови со повеќе шеќери и сокови со малку шеќери или т.н. „лајт“ сокови.
Состав на газираните сокови
Основни елементи на газираните безалкохолни сокови се: вода, шеќер и арома. Водата сочинува околу 90% од составот на газираните сокови. Во неа се додаваат и шеќерите, кои се застапени со околу 10% и јаглерод диоксидот што претставува само 0,4% од составот. Газираниот сок може да биде ароматизиран со овошен сок, ароматични растителни екстракти или со одредени синтетични ароматизирани материи.
Газираниот пијалак, ароматизиран со овошен сок, е составен од следниве состојки: шеќер, гликоза или гликозен сируп, вода, лимонска, јаболкова и аскорбинска киселина и јаглерод диоксид.
Постојат и газирани сокови составени од растителни екстракти. Станува збор за ароматични екстракти од растително потекло што потекнуваат од еден или од повеќе видови растенија, а се добиваат со водена или алкохолна екстракција, дигестија, мацерација (плакнење) или дестилација на различните делови од растението. Растителните екстракти содржат и одредени состојки, како што се: органски киселини, одредени бои, минерални материи и слично. Газираните сокови од типот „кола“ и „тоник“, освен набројаните состојки и адитиви, содржат и кининхидрохлорид и кофеин. „Кола“-пијалаците содржат и фосфорна киселина со чијашто помош пијалакот добива „остар вкус“.
Освен тоа, газираните пијалаци содржат различни киселини од кои најчесто се употребуваат: лимонска, аскорбинска, фумарна, гликонска, пропионска, млечна, јаболкова, винска киселина, што служат за подобрување на вкусот на пијалакот.
Во газираните сокови со вкус на цитруси (лимон, мандарина, портокал) се додаваат природни или синтетични бои со кои треба да се постигне бојата на наведеното овошје. Сите газирани сокови содржат конзерванси што го спречуваат порастот на микроорганизмите. На пазарот сè повеќе се присутни т.н. „нискоенергетски“ безалкохолни пијалаци во кои шеќерот е заменет со одредени засладувачи. Таквите производи се наменети за потрошувачите на диета или за дијабетичарите. Иако стручните лица предупредуваат за умерено консумирање на газираните сокови, сепак тие се многу популарни во целиот свет.
Процес на подготовка
Воопшто, настанувањето на безалкохолните пијалаци може да се поврзе со пронаоѓањето на природните извори на минералната вода. Капењето во минералните води било многу популарно и здраво. Научниците откриле дека јаглерод диоксидот е тој што ги создава меурчињата во минералната вода, па во седумнаесеттиот век се појавува првиот безалкохолен, негазиран пијалак. Тој бил направен од вода, сок од лимон и засладен со мед.
Во 1767 година, првата вештачки направена газирана вода била создадена од страна на Англичанецот Џозеф Присли (Joseph Priestley). Три години подоцна, шведскиот хемичар Торберн Бергман (Torbern Bergman) измислил апарат за производство на големи количества вештачка минерална вода.
Во 1899 година била пуштена во употреба машина за автоматско производство на стаклени шишиња. Претходно, сите стаклени шишиња биле рачно произведувани, но со машината се зголемило производството од 1.500 на 57.000 шишиња дневно. Масовното производство на газираната минерална вода било унапредено од страна на Џејкоб Швепс (Jacob Schweppes).
Во однос на производството на газираните сокови, тие во себе најчесто содржат шеќер, вода и одредена арома. Производството на овој вид сокови може да се подели на неколку потпроцеси: подготовка на шеќерен раствор, деаерација на водата (вадење на воздухот од водата), мешање на аромата или концентратот, карбонизација и на крајот следува пакувањето.
Од водата се отстранува воздухот за да се избегне уништување на ароматизираните материи (оксидација). Ако е потребно пијалакот да се карбонизира, тогаш водата се импрегнира, т.е. се натопува со јаглерод диоксид. Потоа, водата се лади и јаглерод диоксидот се топи во водата по дејство на висок притисок. Битно е да се отстрани целиот воздух, затоа што, во спротивно, при отворањето на шишето пијалакот ќе создава пена.
Постојат одредени прашоци со чијашто помош се подготвуваат газираните безалкохолни пијалаци. Станува збор за прашоци што во себе содржат јаглерод диоксид што се потопува во вода. Ваквите прашоци наменети за подготовка на газирани сокови во себе можат да содржат овошен сируп, сируп од растителни екстракти и сл. Доколку газираните сокови се подготвуваат на овој начин, тогаш освен овие состојки се додава и натриум хидрогенкарбонат или сода и концентрација на јаглерод диоксид.
За добивање на т.н. „кола“-пијалаци се користи сируп или одредени ароматизирани течности. Најчесто станува збор за различни ароми и шеќер, обично вклучувајќи и пченкарен сируп. Аромите вклучуваат екстракти од кока листовите, ванила, лимон, други зачини, како и сол и глицерин.
Влијанието на газираните сокови на човечкиот организам
Прекумерната употреба на некои газирани производи може да биде сериозна и да предизвика последици во работата на организмот.
Газираните сокови можат да бидат особено штетни доколку се консумираат во огромни количества, но пиењето во умерени количества е корисно. Сепак, ова важи не само за газираните сокови, туку и за многу други производи што секојдневно ги употребуваме.
Газираните сокови содржат јаглерод диоксид во растворена форма и јаглеродна киселина што може да го намали калциумот во коските. Воедно, во газираните сокови се користи и фосфорната киселина за да се стабилизира пијалакот. Но, и таа може да предизвика намалување на нивото на калциумот во коските.
Шеќерот, растворен во течноста, многу брзо се пренесува низ крвотокот, при што може да предизвика прекумерна работа на панкреасот. Бидејќи панкреасот „не знае“ дека ова е само една доза, за да го заштити организмот од прекумерниот шеќер во крвта, произведува многу инсулин наеднаш.
Во т.н. „кола“ газирани сокови се додава и кофеинот. Кофеинот е познат како благ стимуланс што има способност да ја забрза работата на срцето и на нервниот систем. Стимулирањето на нервниот систем може да предизвика нарушување на сонот. Од друга страна, кофеинот предизвикува чувство на зависност, поради што потребно е да се внимава на количеството испиени газирани сокови, во текот на денот.
Интересни факти за газираните сокови
• Околу 41% од децата на возраст од 2 до 11 години консумираат најмалку еден газиран сок секој ден. Дури 62% од адолесцентите консумираат најмалку еден газиран пијалак дневно.
• Речиси половина од дополнителните калории во нашата исхрана доаѓаат од газираните сокови.
• При производството на газирани сокови, јаглерод диоксидот се „втерува“ во сокот под голем притисок од 8 MPa.
• Звукот што се слуша при отворањето на сокот е од милионите јаглерод диоксид молекули што излетуваат од шишето кога сокот доаѓа во допир до воздухот.
• Неотвореното шише газиран пијалак нема меурчиња, бидејќи високиот притисок во садот го одржува јаглерод диоксидот растворен во течноста. Кога ќе се отвори шишето, се намалува притисокот и почнува да се прави пена – меурчињата излегуваат од течноста и се креваат на површината. Кога гасовите излегуваат од течноста тие одземаат топлина од неа, со што ја ладат и затоа газираните пијалаци се особено освежителни.
Газирани сокови – митови и факти
Мит: Газираните сокови се богати со калории.
Факт: Обично, газиран безалкохолен пијалак од 330 ml содржи 139 калории. Препорачаното дневно количество на калории е 2.500 за мажи и 2.000 за жени. Во Европа 30% од газираните сокови што редовно можат да се најдат во продажба се верзии во кои нема или, пак, количеството на калории е многу ниско.
Мит: Газираните безалкохолни пијалаци содржат многу шеќер.
Факт: Газиран сок од 33 ml содржи околу 35 gms шеќер. Ова количество шеќер содржан во газираниот сок е еднакво со шеќерот што може да се најде во една чаша сок од портокал. Тоа значи дека шеќерот во газираните сокови е сосем природен и исправен сооднос.
Мит: Газираните сокови предизвикуваат гоење.
Факт: Газираните безалкохолни пијалаци содржат јаглехидрати, што имаат 4 калории на еден грам. Од друга страна, мастите содржат 9 калории на еден грам.
Мит: Газираните безалкохолни пијалаци се дехидратантни.
Факт: Хидратација можат да предизвикаат течности од кој било извор, на пример: пијалаците, овошјето, зеленчукот и други видови храна. Науката докажала дека газираните безалкохолни пијалаци играат важна улога во хидратацијата на телото, бидејќи на човечкото тело му се потребни разновидна храна и различни видови пијалаци за да се подобри неговата хидратација. ЕФСА (The European Safety Authority) ја истакнува посебната улога што овој вид пијалаци ја имаат во исхраната на еден човек, токму поради нивната можност за хидратација на човечкото тело.
Историја на газираните сокови
1798 Зборот „сода вода“ влегува во употреба.
1835 За првпат газирана вода е спакувана во шише во САД.
1874 Продаден е првиот сладолед направен од газирана вода.
1881 Направен е првиот газиран пијалак со вкус на кола.
1885 Чарлс Адертон (Charles Aderton) го измислил Dr. Pepper во Вако, Тексас.
1886 Д-р Џон С. Пембертон (Dr. John S. Pemberton) ја измислил Coca-Cola во Атланта, Џорџија.
1892 Вилијам Пејнтер ја измислил круна-тапата за стаклени шишиња.
1898 Калеб Брадам (Caleb Bradham) ја измислил Pepsi-Cola.
1899 Патентирана е првата машина за производство на стаклени шишиња.
1920 Во САД постојат повеќе од 5.000 фирми што се занимаваат со полнење на газирани пијалаци во стаклени шишиња.
1923 Компанијата „Хауди“ го пуштила во продажба новиот пијалак Bib-Label Lithiated, подоцна наречен 7 Up. Пијалакот ги измислил Чарлс Липер Григ (Charles Leiper Grigg).
1934 За првпат се користат бои за обојување на стаклените шишиња за газирани сокови.
1957 За првпат се употребени алуминиумски лименки за газирани сокови.
1959 Продаден е првиот диетален газиран сок.
1962 Пронајдени се прстените за отворање на лименките.
1965 Пуштени се во продажба лименки газирани сокови од автомат.
1970 Почнуваат да се користат пластични шишиња за пакување на газираните сокови.
1973 Направени се првите ПЕТ (polyethylene terephthalate) шишиња.
1981 Пронајдени се „говорните“ автомати за сокови.
Преземено од: Таргет – специјализирано списание за трговија со стока за широка потрошувачка www.target.com.mk
Остави коментар