Денес особено е важно да се гледа на сите трошоци со големо внимание. Рационалните активности се во рамките на границите, но да не се запоставува потребниот раст и развој на вработените. Е-учењето овозможува заштеда на трошоци, а квалитетот при тоа останува ист со обуките на кои присуствуваат вработените.
Пред да започнам со пишување на оваа статија прашав неколку пријатели и соработници дали некогаш посетиле обука преку компјутер? Дали некогаш се регистрирале за обука преку интернет и учеле самите? Ако не, што бил проблемот, дали немањето информации за е-учење можности, дали тоа е поврзано можеби со недостиг на информации и понуди на пазарот во Македонија?
Одговорите беа далеку од очекувањата кои ги имав. На прво место беше јазикот, потоа недостигот на време. „Ако имам време, зошто да седам и да барам обуки на интернет? Фирмата треба да ми понуди, а јас да одберам!„
Со сигурност вработените треба да бидат постојано запознаени со актуелните новости и вештините да им бидат развиени да можат да се справат со секојдневните предизвици. Некои професии бараат постојани обуки за да може да бидеме во тек со актуелните случувања во индустријата. Прашањето на добивање ново или подобрување на знаењето, вештините и способностите на вработените полека и во Македонија се разгледува секојдневно. Буџетите за развој се доста ограничени, особено во последните две години. Новите вработени се надеваат да добијат обуки, а компаниите се надеваат да вработат нови лица кои немаат потреба од обука и веднаш ќе може да се вклучат активно во работните процеси.
На глобално ниво за намалување на трошоци се применува се повеќе електронското учење. Со тоа има многу предности кои треба да се искористат.
Прво и основно дава флексибилност при обуките и не мора да се зголемуваат трошоците и со административни, логистички и останати ставки. Голем број од македонските компании немаат доволен број на вработени за да се организира обука само за нивните вработени, од друга страна е прескапо во групата да има 2 или 3 учесници. Затоа секој индивидуално може да учи и да се надградува.
Има разни видови на електронско учење и во принцип учењето кое се заснова на компјутер (Computer-based self-learning -CBT) најмногу се применува во моментов во Македонија. Обуките се креирани со дизајнери кои подучуваат (обучувачи) и може обуката да се следи во секое време, на секое место, не е врзана за интернет и за предавач од другата страна. Не зависи ниту од бројот на учесници или нивното слободно време да дојдат на обука.
Друг вид на електронско учење е софтвер кој има обучувач. Тој ја води обуката и е посоодветен за во исто време да земат учество на пример вработени од повеќе канцеларии, филијали или седишта во различни градови и држави. Сите учесници во ист временски период се присутни пред својот компјутер и учествуваат активно со електронска табла, микрофон, видео камера и друга опрема.
Социјализацијата е важна во секој случај, тоа не е спорно. Сепак земете во превид дека може да користите комбиниран пристап од електронско учење и обуки со присуство, како најоптимално решение за заштеда на трошоци и достигнување на нивото на знаење и вештини на сите вработени.
Дел од предностите на електронското учење се:
– Заштеда на трошоците за патување до местото на настанот. Ова е голема ставка, бидејќи учесниците за тој временски период се одвоени и од своите фамилии и продуктивноста по враќањето може да биде намалена, бидејќи ќе им треба време да се „вратат„ во својот нормален животен тек.
– Заштеда на трошоци за просторија за обука. Кога инвестирате во софтвер за електронско учење на македонски јазик на пример, тоа е еднократна инвестиција. Интерните обучувачи понатаму работат на програмскиот дел за учење. При секое повторување не настануваат дополнителни трошоци, како при повторување на обука кога повторно имате трошок за изнајмување на просторија, освежување, ручек, ноќевање итн.
– Трошоци за планирање на обуките и организација. Навистина е напорно и бара време да се организира обука кога сите ќе имаат време, кога сите ќе бидат во можност да се одвојат од секојдневната работа, а не да бидат на обука само физички.
Овде може да се додадат уште голем број на предности како што е заштита на животна средина, бидејќи материјалите не се печатат, потоа следење на напредокот на учесниците, можности за поставување на форуми за дискусија, креирање на тестови за знаење итн.
Како заклучок може да се земе фактот дека е-обуките имаат заштеда на трошоци и се разумни за секоја компанија. Постојат повеќе предности отколку недостатоци и треба да се направи индивидуално истражување на ниво на компанија колку се заштедува, за колку време се враќа инвестицијата, за да се донесе правилна одлука за соодветниот вид на е-учење .
Aвтор: Автор: Афродита Кермичиева Пановска е основач и сопственик на тренинг центарот ЦС Глобал. За повеќе информации посетете го веб порталот http://www.csglobal.com.mk/.
Остави коментар