Но како се воспоставува rapport?
Покрај тоа што во комуникацијата со некои луѓе природно се воспоставува rapport (оние со кои се дели слична мапа за светот), тој може да се воспостави и свесно. Rapport е способност да се пресретнат размислувањата и емотивната состојба на соговорникот. Воспоставувањето на добрата врска и одржување на истата се прави преку свесно следење и усогласување на личниот вербален и невербален говор со говорот на соговорникот. Воспоставувањето на rapport започнува со техниките на следење и огледување (matching и mirroring) на вербалниот и невербалниот говор, овие техники прв пат се креирани од Милтон Ериксон почетокот на 1970 година при неговата работа во клиничката хипнотерапија. Следењето и огледувањето на соговорниковото однесување може да се прави на:
• Држењето на телото;
• Движењето на рацете;
• Местоположбата на нозете;
• Движењата со главата;
• Темпото на трепкање со очите;
• Говорот – преку клучни и често употребувани зборови;
• Темпото, бојата и јачината на зборување;
• Стисокот на раката при поздравување;
• Брзината на дишењето;
• Мимики на лицето;
• И секое друго однесување кое кај соговорникот може да се следи и огледува.
Кога следењето и огледувањето (matching и mirroring) на вербалниот и невербалниот говор се случуваат некој период, тогаш соговорниците се усогласени, а тоа во речникот на NLP се нарекува pacing, што значи да се биде во чекор со другото лице, рамо до рамо. Кога ќе биде воспоставено усогласувањето личноста може да преземе водство (leading) во комуникацијата со внесување на нови елементи во невербалниот говор и следење дали соговорникот ќе почне да го огледува и усогласува тоа однесување во своето. Доколку соговорникот почне да го усогласува однесувањето на личноста која свесно сака да воспостави rapport со него, тогаш rapport-от е воспоставен (види слика подолу). Кога rapport-от ќе се воспостави тој треба да се одржува. Она што е важно да се знае е, ако примарната цел е сложување со соговорникот, доволно е само да се следи и усогласува вербалниот и невербалниот говор со што покрај со зборовите (7%) согласувањето со соговорникот е воспоставено и во невербалниот говор (93%). Но, доколку целта на разговорот е влијание, убедување на соговорникот, тогаш по воспоставениот rapport треба да се преземе и водство за да се провери дали со соговорникот е воспоставен rapport дали тој ја разбира мапата на светот која му е преставена и дали ја има прифатено. Доколку е таков случајот rapport-от е веќе изграден и соговорникот е подготвен да прими нова веќе одобрена промена.
Следењето и огледувањето на однесувањето на соговорникот не е едноставно копирање на неговото однесување, со него се поттикнува почит и доверба, создава клима на разбирање. За да се постигне rapport не е неопходно да се следи и огледува секое движење кај соговорникот, доволно е да се преземат некои сегменти кои и се природни на личноста која сака да воспостави rapport. Преку заземање на положбата на соговорникот полесно се разбираат и размислувањата на соговорникот.
Rapport
Процесот на воспоставување на rapport може на почеток да изгледа како нешто не природно и вештачки, но rapport-от е секојдневие со колегата со кој што добро се соработува, со корисниците кои се пријатни, со пријателите со кои со задоволство се пие кафе. Практично е невозможно да не бил практикуван rapport, затоа што усогласениот чекор кога двајца се движат еден покрај друг е rapport, исто како што и секое добро изиграно танго е базирано на rapport. Rapport-от е дел од хармоничната комуникација. На почеток е не комотно чувството на свесно воспоставување на rapport, но тоа е вештина која се усовршува со вежбање. Да се стане добар во неговото градење истиот треба да се вежба, со што постепено свесно вложениот напор за воспоставување на rapport преминува во несвесно, комотно и природно воспоставување на rapport. На тој начин се воспоставува rapport кој е направен со интегритет на личноста и почитување кое буди пријатни чувства на двете соговорнички страни.
Значајноста на rapport-от е во тоа што личниот успех зависи од квалитетот на комуникацијата со другите луѓе. Човекот не си е сам на себе доволен, неговиот успех лежи во тоа колку е успешна неговата комуникација со окружувањето, со разбирање на ова се отвораат вратите на успехот. Сите луѓе имаат различни мапи на светот, многу полесно се воспоставува добар однос, повеќе им се верува и повеќе се почитуваат оние соговорници со кои се дели слична мапа. Затоа rapport-от е моќна техника која ја отвора вратата за запознавање на богатството што го носат другите луѓе во себе и негово разбирање.
Aвтор: м-р Ана Салтирова Давидовски, раководител на секторот за човечки ресурси во АМСМ www.amsm.mk, во својот фокус го има развојот/унапредувањето на вработените како и NLP-то.
Остави коментар