Во основа на човековото дејствување е комуникацијата со другите како и комуникацијата сам со себе. Зборот „rapport“ значи врска, однос. Rapport-от е есенцијален за градење на добра врска помеѓу соговорниците базирана врз почит, доверба и разбирање. Подразбира пресретнување на мапата на светот (види статија Носечката аксиома од NLP која прави разлика) на соговорникот како и комуницирање со соговорникот според неговата мапа на светот, што не подразбира и согласување со неговата мапа, туку едноставно разбирање и почитување на стојалиштето на соговорникот. Ваквиот став му дозволува на соговорникот да се чувствува вклучен во разговорот и да ги престави своите видувања, не стравувајќи дека нема да бидат ценети и разбрани. Кога соговорниците се во rapport секој од нив се чувствува слушнат и вклучен во разговорот, секој од нив го цени туѓото размислување и ја почитува туѓата мапа на светот.
Со воспоставениот rapport се има можност да се влезе во светот на соговорникот и да се види, слушне, почувствува, доживее светот од неговата гледна точка со што се продлабочува разбирањето, а како резултат на тоа се подобрува и комуникацијата/врската. Во вака поставената релација на соговорникот може да се влијае со почитување. Влијанието започнува со прифаќање и почитување на гледиштето на соговорникот. За да може да се влијае врз соговорникот треба да биде отворен, што подразбира ако се влијае на соговорникот, тогаш има отвореност и тој да влијае. Фокусот тука е ставен на тоа да се дојде до најдобриот исход, а не кој ќе излезе како победник, воспоставување на win-win релација.
Пред да се гради rapport со друга личност, личноста треба да воспостави rapport сама со себе. Доколку личноста не е во rapport сама со себе тогаш истото тоа го пренесува преку невербалната комуникација и кај својот соговорник поттикнува чувство на недоверба и сомнеж. Соговорникот можеби нема точно да знае која е причината поради која се јавува сомнежот, иако искажаните зборови се зборовите кои сака да ги слушне, но несвесното го чита говорот на телото кој не ја поткрепува пораката што се пренесува. Од тука произлегува дека не помалку важен елемент во стапувањето во rapport со друга личност е екологијата на rapport.
Доколку се имаат задни намери и со rapport се сака да се манипулира личноста, тоа не е rapport и соговорникот ќе забележи. Rapport е техника која овозможува воспоставување на комуникација со луѓето кои се различни и нивно разбирање. Луѓето се привлекуваат по сличностите, а богатството и развојот на личноста пак од друга страна значително се развива со луѓето кои се различни. Разликите се тие кои надополнуваат.
Повикувајќи се на резултатите од истражувањето Алберт Мехрабиен (1971) од UCLA кој во својата студија го преставува видувањето дека 55% од пораката се пренесува преку говорот на телото, 38% преку бојата и тонот или како се кажани зборовите, а само 7% од пораката се пренесуваат со зборовите, станува јасно дека 93% од начинот на кој што се пренесува пораката се прави несвесно и преку невербалната комуникација, верувајќи дека зборовите кои се кажани се оние кои го содржат значењето на пораката. Владеењето со техниката на rapport овозможува да се комуницира и со овие 93%. Не треба да се заборави и тоа дека невербалната комуникација е многу постара во споредба со вербалната комуникација.
Невербалната комуникација е стара 150.000 години за разлика од вербалната која е стара 55.000 години, овој факт посочува дека за луѓето невербалната комуникација е првичната комуникација преку која тие ги разменувале пораките и за која што антрополошки подолго време развивале компетенции за примена на истата. Затоа и соговорникот можеби несвесно но може да ја прочита/насети пораката преку невербалниот говор.
Aвтор: м-р Ана Салтирова Давидовски, раководител на секторот за човечки ресурси во АМСМ www.amsm.com.mk, во својот фокус го има развојот/унапредувањето на вработените како и NLP-то.
Остави коментар