Теоријата на организација како научна дисциплина во текот на својот развој долго време најголемо внимание посветувала на истражување на т.н. “тврди” варијабли на организацијата во кои спаѓаат: стратегијата, стуктурата, технологијата, големината, локацијата и сл. Откако максимално се искористиле можностите на овие тврди варијабли, таа фокусот на својот интерес го насочила кон т.н. “меки” варијабли во кои спаѓаат: организациските промени, конфликтите во организацијата, стресните состојби и особено организациската култура.
Организациската култура се простира и ги опфаќа сите активности на компаниите. Таа влијае на начинот на организирање, степенот на децентрализација, формирање на авторитетот на организацијата, на степенот на формализирање на правилата и процедурите на функционирање и сл.
Со еден збор, организациската култура влијае на вкупното однесување на компаниите. Поимот култура вклучува низа елементи како што се: традиција, обичаи, навики, вредносен систем, верувања, ставови, мерила и норми на однесување. Според овие елементи се разликуваат народите и одделните општества. Слично на тоа и организациите имаат своја култура по која се разликуваат и препознаваат една од друга. Различни автори даваат свои дефиниции за неа:
• Наједноставно одредена, културата е низа на вредности, норми и уверувања.
• Организациската култура е општ модел на однесување на уверување и вредности кои им се заеднички на членовите.
• Културата е збир на верувања, очекувања стекнати и вложени вредности од страна на членовите на организацијата и пренесени од една генерација вработени на друга.
Според ова, организациската култура претставува сложена појава и процес и опфаќа повеќе димензии.
Организациската култура е релативно траен и специфичен систем на основни облици на однесување, вредности, уверување, норми и обичаи кои го одредуваат организациското однесување и ги насочуваат сите активности на поединците и групите кои ги сочинуваат организациите. Културата го изразува специфичниот начин на однесување и стил на живеење на организацијата и на групите внатре во неа, а како битни елементи за разбирање на организациската култура и нејзиниот поим може да се набројат:
1. Содржината
Организациската култура ја сочинуваат забележливи знаци или индикатори или незабележливи сили присутни во организацијата. Во забележливите знаци можат да се вклучат физичките карактеристики на организацијата како: архитектура, цртежи, начин на облекување, јазик, приказни, митови, ритуали, церемонии, формални правила, надворешен изглед на организацијата и сл. Но, овие физички знаци не ја претставуваат самата култура, тие се само индикатори на незабележливите елементи на културата, на верувањата, вредностите, претпоставките, заедничките перцепции и норми на однесување кои ги поседуваат членовите во организацијата.
2. Социјален карактер
Културата претставува категорија која има социјален карактер. Тоа значи дека културата се формира во рамките на одредени социјални групи како што се: организациите, компаниите, социјалните слоеви, професиите, нациите и друго. Така и културата се формира во рамките на организацијата како социјален систем, а не на индивидуално ниво.
3. Ефекти
Организациската култура доведува до тоа да најголем број членови од неа на ист начин да ги сфаќаат, интерпретираат и разбираат појавите, проблемите и процесите во организацијата и средината. На тој начин организациската култура креира систем на правила и норми кој ги насочува секојдневните активности и однесување на членовите во организацијата.
4. Начин на создавање
Организациската култура се создава низ процес на социјални интеракции на членовите на организацијата. Заедничките значења на предметите, појавите и процесите на заедничките вредности, верувања и норми на однесувања како посебни карактеристики на културата, можат да се создаваат единствено со помош на меѓусебни интеракции и комуникации на членовите на организацијата. Тоа значи дека организациската култура се создава со акумулирање на заедничко искуство кое членовите на компанијата го стекнуваат, решавајќи ги проблемите во текот на функционирање на организацијата. Некои автори одредувањето на поимот организациска култура како и нејзиното дефинирање го доведуваат во врска со т.н. имиџ (рејтинг) на претпријатието и компаниите и со посакуваната слика на претпријатието и компаниите. Рејтингот дава одговор на прашањето: како нè гледа и оценува средината, купувачите, конкурентите, деловните партнери.
За разлика од тоа, посакуваната слика дава одговор на прашањето: кои сме ние? Какви сакаме да бидеме? Какви резултати сакаме да оствариме? Како мислиме да управуваме и раководиме со претпријатието? За сметка на тоа, некои организации со долгогодишна традиција имаат препознатлива култура, која го создава и рејтингот на организацијата.
Преземено од: Вработување NEWS
Остави коментар