Вистинското патување кон откривањето не е во потрагата по нови земји, туку во гледањето со нови очи – Marcel Proust
Дали и како се одвојувате од толпата? Тоа е прашање на кое вреди да се посвети време за да се дојде до позитивен одговор. Минуваме голем дел од нашиот живот посветени на формалната едукација која ни ја диктира образовниот систем. Огромни книги напишани од професори кои бараат да се знае материјата на памет, затоа што за нив тоа е таа вредност која ни ја дава преодната оценка, да го положиме испитот или да го завршиме факултетот. На крајот од ова патешествие, младите луѓе добиваат диплома, а со неа во комплет доаѓа и нагласена одбивност кон образовниот систем.
Дали ќе се задоволите со минимумот или ќе се обидете да го достигнете својот максимум и навистина да се одвоите од толпата? Дали фирмата во која работите Ви овозможува дополнително учење преку посета на семинари, обуки или тренинг сесии? Дали вие самостојно одвојувате средства од Вашата плата за да ги инвестирате во вашата професионална надградба? Дали имате желба да го користите вашето слободно време да научите нови вредности, да спознаете нови погледи или да се опкружите со луѓе кои ќе ве насочат на вистинскиот пат?
Не плашете се ако одговоривте негативно на овие прашања. Има една добра вест: никогаш не е предоцна да започнете да учите. Имаме среќа да живееме во време кога информациите ни се на дофат на раце, доколку имаме желба за тоа. Доволно е да направите неколку мали чекори кои суштински може да ви го променат животот.
Неколку совети за процесот на доживотно учење:
Прочитајте книга на тема која навистина Ве интересира. Сигурно имате страст кон одредена тематика која постојано сте ја одложувале за подоцна. Вистинскиот момент е сега. Книжарницата е многу поблиску до Вас отколку што сте мислеле, само треба да одлучите да ја посетите.
Научете нов јазик и откријте го вистинското значење на мислата: Колку јазици зборувам, толку луѓе познавам. Сè што треба е да одвоите два дена во неделата, по два часа за слушање на предавањата и по уште еден час за повторување.
Посетете семинар или обука која не е организирана или платена од фирмата во која работите. Ако вие лично сте платиле, тогаш ќе се потрудите повеќе и подобро да научите. Постојат одлични семинари кои може да ги посетите на разни тематики. Одберете ги оние од кои Вие лично ќе имате најголема корист. Воедно, тоа е одлична прилика да запознаете нови луѓе со слични интереси.
Опкружете се со луѓе кои се подобри од Вас и не плашете се да го признаете тоа. Веројатно познавате некоја личност која ја сметате за успешен пример, обидете се да се зближите со неа. Луѓето кои претходно го чекореле патот по кој сте тргнати можат да Ви дадат добри патокази како полесно да стигнете до Вашата сакана цел.
Користете го интернетот за да научите повеќе. Постојат одлични бесплатни веб сајтови за учење од далечина (long-distance learning). Запишете се и следете ги предавањата. Доколку Ви стане привлечен ваквиот начин на учење, појдете чекор понатаму и разгледајте кои факултети од странство нудат програми за учење од далечина и ако можете да си дозволите од финансиски аспект, запишете се. Ќе добиете светско образование.
Започнете некој проект и завршете го до крај. Еден едноставен пример кој ќе Ви даде повеќе корист е освежување на домот. Време е за молерисување по дома, зошто тоа да не го направите сами? Одберете боја, купете си четка и започнете, бидете креативни. И да згрешите, лесно ќе ја исправите грешката. На крајот од проектот ќе имате освежен дом и чувство на исполнување дека самите сте направиле нешто сосема ново за себе.
Поминувајте помалку време пред телевизорот. Ако немате волја да се откажете така лесно од магичната кутија, тогаш избришете ги програмите кои никогаш не ги гледате и одберете 10 до 15 омилени програми. Потоа, следниот пат кога ќе се најдете пред телевизорот, поминете еднаш низ програмите, па ако нема ништо интересно, исклучете го телевизорот и најдете си некоја друга активност.
Тоа беа само неколку совети кои можеби ќе Ве поттикнат да размислите за себе си. Не плашете се да дознаете нешто повеќе, да ги проширите Вашите видици и да станете поотворени за нови искуства. Учете, а потоа и пренесете го Вашето знаење, применете го во секојдневниот живот. Креирајте позитивни промени за себе и за луѓето околу Вас и ќе ги почувствувате резултатите кои со тек на време неминовно ќе пристигнат. Побарајте инспирација од секојдневието, онаму каде другите грешат, обидете се да се подобрите себе за потоа да влијаете и на околината. Надминете ги стравовите од непознатото, направете ги првите чекори кон процесот на доживотно учење и сигурно ќе бидете наградени.
Aвтор: Милан Новковски е овластен соработник на Синергија Плус – Прва Агенција за финансиска писменост во Македонија. За повеќе информации за како помудро со личните финансии посетете го веб порталот на http://www.sinergijaplus.com/
Остави коментар