Време
Автобусот тргна во 7 часот и 52 минути. Токму онака како што беше напишано на таблата на автобуската станица. По кратко возење запревме на следната станица. Никој не се качи, ниту пак некој се симна. Сепак чекавме се‘ додека електронскиот часовник над возачот не отчука точно 8 часот и 1 минута и тогаш автобусот продолжи.
Погодувате, си велите „ова сигурно не се случило во Македонија, кај нас вака никогаш нема да биде“. И во право сте, ама половично. Ова се случи во Австрија, некаде на Алпите, а кај нас богами е неверојатно да се оствари, ако продолжите да се жалите и да наоѓате изговори од типот „па сите тоа го прават“. Скопјани се жалат дека автобусите доцнат, а за тоа биле виновни возачите. Возачите, пак, се правдаат, велејќи: „Не е до нас, возилата ни се стари, а и метежот не‘ кочи – надлежните се одговорни“. Надлежните вперуваат прст во граѓаните, зашто не ги плаќале даноците. Овие пак кукаат насекаде дека е беспарица и додека го отчукуваат билетот му викаат над глава на возачот – небаре тој е главниот виновник за тоа. И погодете што!? Додека меѓусебно се докажуваат, автобусот веќе доцни цели 15 минути. Ќе речете па и не е многу, тоа е академско доцнење, а и онака сите доцнат. Кажете ми што друго прават „сите“?! Дали прават нешто корисно, продуктивно, па можеби и паметно? – „Страста“ за физичко малтретирање ја истураат врз времето. Модерно насилство наречено „тепање време“. Место на злосторството – улица Македонија, каде како духовна храна се сервира животот на другиот. И таму, смеејќи се на некое големо реално шоу, не сфаќаат дека и самите глумат во едно, исто толку полно со искривени вредности.
Мене, едноставно, не ме интересира што прават. Јас не сум сите! Но нема да кренам бунт за да го докажам тоа, бидејќи докажувањето надвор од суд е губење време. Не гледам причина да бидам глушец кој се обидува да спречи стадо слонови да се тепаат меѓусебе. Одлучив да се усовршувам. Познавам два начини како секој од нас да биде успешен. Првиот, кој јас го применувам, оди вака: Гледам поуспешен од мене, тој ми станува ментор, учејќи од него, на фер начин и јас го искачувам врвот, така двајцата сме посреќни. А другиот начин: Гледате поуспешен од вас. Правите се за да го сотрете, газите преку него и така без капка пот вие сте сега важниот лик. Не сте напреднале, а и очи нема да си видите.
Марсел Пруст рекол: „Вистинското патување кон откривањето не е во потрагата по нови земји, туку во гледањето со нови очи“. Зошто гледате во грдите нешта кога има толку убавина околу нас!? Во оваа фарса која не‘ опкружува, веќе не знам што ме нервира, ама точно знам што ме радува. Се сеќавате ли колку убави поуки имаше документарниот филм што последен го гледавте или која ви е омилената книга што ви го продолжи животот? Кажете ми што практично применивте од последниот семинар кој многу ви се допадна? Просечно, речиси секој втор од вас има интернет дома, со колку корисни информации дневно го проширувате видикот? Изворите од кои можеме да пиеме знаење и искуство се тука, само прашањето е колку сме жедни. Пред некој ден кога една девојка ме праша кога ќе се видиме, јас и одговорив: „Според роковникот, можам во петок попладне“. Таа ми вели: „Зарем треба да се приспособам на твоето време?“ Јас и реков: „Зошто и ти не го испланираш твоето, па да се усогласиме!?
Кога секој од нас овде ќе научи да ги цени сопствените минути, тогаш и автобусот ќе биде секогаш точен, а Македонија понапредна. Некои ова ќе го наречат солење памет, перење мозок, ќе ме прогласат за луд. Ама ако, како што вели Ганди: „Прво те игнорираат, потоа ти се потсмеваат, а на крај се борат против тебе и тогаш ти победуваш“. А јас не можам никого ништо да научам, можам само да ве натерам да размислувате.
Забелешка: наведениот текст е говор одржан на правниот факултет Јустинијан Први за ораторската вечер 2009.
Освоено трето место.
Aвтор: Мирослав Драганов е овластен соработник на Синергија Плус – Прва Агенција за финансиска писменост во Македонија. За повеќе информации за како помудро со личните финансии посетете го веб порталот на http://www.sinergijaplus.com/
Остави коментар