Веројатно најчеста заблуда кога станува збор за човековата мотивација е тврдењето дека таа во најголем дел е условена од пари. Се разбира, секој кој работи очекува фер надокнада за вложениот труд и време, но дали парите се тие кои би не натерале својата работа да ја работиме посветено, квалитетно и со страст?
Кога би ги прашале луѓето – „Зошто ја сакате својата работа?“, би добиле многу разновидни одговори – дека се задоволни со својата позиција која им носи углед и почит, дека имаат одлични колеги и уживаат во секојдневната дружба со нив, дека работата ги исполнува нивните лични цели и интереси, дека им овозможува усовршување и покажување на тоа што го знаат и умеат и сл.
Праксата покажува дека покачувањето на платата или доделениот бонус можат да предизвикаат зголемен ентузијазам, но тој ефект е краткотраен. Ако покачувањето на платата е единствена поткрепа, тоаш најчесто перформансите на вработениот за кратко време ќе се вратат на старо.
Одговорот не е така едноставен и за среќа, или за жал, парите неможат од нас да направат подобри, попосветени и поодговорни вработени.
Менаџерскиот стил главен фактор на мотивација
Доколку менаџерот верува дека парите се најважниот аспект од човековата мотивација, тој веројатно и ќе се однесува во склад со тоа свое верување. Тоа се менаџери кои сметаат дека на повеќето луѓе не им се работи и дека им е доволно да земаат редовна плата и да имаат платени придонеси. Тие сметаат дека вработените треба постојано да бидат подбуцнувани, наградувани, казнувани и надгледувани. Овие работодавци на своите вработени ја применуваат тактиката на „морков и стап“. Атмосферата во ваков вид организации е најчесто фрустрирачка и има малку простор за креативност и лични постигнувања. Оваа заблуда често предизвукува дисконтинуитет меѓу она што работодавецот мисли дека им е потребно на неговите вработени и она што тие самите го сметаат за потребно.
Препораката е: Ако нешто навистина сакате да дознаете, едноставно прашајте.
Се случува работодавците да биде изненадени од тоа колку многу можат да сторат за мотивацијата кај своите вработени или да создадат посакувана работна атмосфера, а тоа да не ги чини многу пари.
Постојат и менаџери кои имаат пооптимистички став и кои веруваат дека луѓето сакат да учат, дека работата е нивна природна активност која е поддржана од способноста за самодисциплина и развој. Тие не гледаат на парите како на мотиватор, туку веруваат дека откако луѓето ќе си го обезбедат опстанокот, доаѓа следното ниво на потреби за почит, самопочит и амбиција да се развиваат на професионален и личен план. Во основа на овој вид убедување е верувањето дека секој човек се стреми кон крајната, највисока потреба од самоактуализација, која носи интегритет, чувство на одоворност, човечка големина и автентичност.
Секако, опишаните менаџерски стилови се две крајности. Вештиот мотиватор треба да знае да направи добра проценка на индивидуата, но и на актуелната ситуација – што таа бара.
Што сакаат вработените
Едно од веќе одамна докажаните моќни мотиватори е признание искажано од почитуван претпоставен. Признанието треба да е реално, актуелно и навремено, а неговата моќ е уште поголема доколку е тоа јавно искажано. Истовремено, јавно искажаното признание поставува предизвик и за останатите вработени.
Исто така вработените сакаат:
– Да имаат контрола над својата работа. Вработените имаат потреба да влијаат и да учествуваат во донесувањето одлуки кои ги засегаат нив, да учествуваат во поставување на јасни и мерливи цели, да им е доделена јасно дефинирана одговорност, јасно дефинирани задачи, да бидат навремено информирани, да ја разбираат генералната стратегија и намерата на организацијата.
– Да имаат можност за раст и развој. Вработените сакаат да следат обуки и тренинзи, да можат да влијаат на својот кариерен пат, да имаат достапни ресурси за следење на трендови и новини во својата професија.
– Водство. Луѓето сакаат прецизно искажани очекувања кои ќе им помогнат јасно да ги видат целите, фидбек и јасна организациска структура.
Aвтор: Маја Смилевска е Извршен директор и консултант во ДЕТРА Центар. Во фокусот на незиниот интерес е Организациска Tрансакциона Aнализa. За повеќе информации посетете ја веб страницата на ДЕТРА Центар http://www.detra.edu.mk
Остави коментар