Дали некогаш во животот сте се почувствувале осамени? Дали во некоја точка на Вашата животна линија работите Ви изгледале сиво и безнадежно? Дали имало моменти кога сте чувствувале дека немате доволно пријатели, сојузници, сопатници?
Ако одговорот на било кое од овие прашања е ДА, Ви честитам – Вие сте во целина – човечко суштество.
А човекот е всушност една плашлива животинка, осамена, премрзната и гладна. Животот е битка, и во таа битка добиваш или губиш. Или си победник или она другото. Сите околу Вас денес ќе побрзаат да Ви кажат, да се пожалат – колку е тешко, колку е мачно, каква сиромаштија владее, колку не е фер Бог, државата, народот, компанијата, газдата, шефот…
Извинете ако Ве навредам кажувајќи го следното: ОВА Е ЕДНА ГОЛЕМА ЛАГА.
Ако сте еден од оние кои ја купиле оваа голема лага, ако сте се уплашиле, премрзнале и огладнеле, ако сте во играта на животот за чист опстанок, погодете што – Вие навистина ќе ја живеете таа реалност. Реалност на оскудица, реалност на недоволно, животинска реалност на борбата за опстанок.
Нашата порака до Вас е: Одберете различен фокус, исто како што авторот ќе одбере да го промени фокусот и тонот на овој текст.
ВИСТИНАТА е дека некој живее среќно, задоволно во благосостојба и изобилие. Завртете се околу Вас и ќе ги забележите. Постојат луѓе околу нас кои се насмеани, заљубени, здрави и успешни. Постојат семејства каде што односите се хармонични, а целината среќна и задоволна. Има вредности кои опстојуваат и покрај тешкотиите и стравот. Размислете кои се овие луѓе во Вашиот живот, сетете се на оној сосед кој е секогаш вреден и помага, на онаа ученичка која е секогаш одлична и им помага на другите, на дедото пензионер кој насмеано ќе сподели со Вас некоја животна приказна или народна мудрост, на колегата кој е секогаш подготвен да Ве замени.
Сите овие личности се од Вашата реалност, тие ја сфатиле вистината во некоја длабочина. Одбрале да бидат несебични, прво со себе, а потоа и со другите. Вистината е онаа која Ви вели Вам подеднакво како и на сите други:Вие сте креатори на Вашата судбина, Вие сте креатори на Вашиот личен успех, Вие сте одговорни за Вашата животна приказна.
Вистината на животот за оние кои живеат во изобилство е дека тие веруваат во изобилство. Некаде во некоја точка, најверојатно кога им било најтешко, животот ги научил на ова. Ова се луѓе од Вашата реалност кои доживеале пад, но повторно се издигнале и станале посилни. Ова се индивидуи кои не успеале, па успеале. Ова се позитивни примери секој во своја мерка, за колку животот може да биде сладок.
И кога ги гледате, кога ќе почнете да ги приметувате се повеќе и повеќе, не паѓајте во стапицата на зависта. Одберете, ако смее авторот да се пошегува – да не му умре козата на комшијата, одберете да му помогнете на човекот да има цело трло од овие животинки, да има толку многу, што и за Вас секогаш ќе има повеќе млеко и месо.
Запомнете дека она што им го посакувате на другите ќе Ви се врати и Вам, затоа посакајте им на луѓето повеќе и подобро.
Ако имате искуство – споделете го, ако имате знаење – раширете го, ако имате благосостојба – направете ја заразна. Научете да давате, не заради себе – туку заради давањето. Одберете некого и бидете несебични денес. Одберете некој кој тоа ќе го цени, а ако Ве разочара, не очајувајте, одете понатаму и одберете друг.
Живејте во изобилство денес, имајте благосостојба за себе, однесувајте се како сите соништа да Ви се веќе остварени. Бидете вакви денес и утре и задутре и гледајте како времето ја обликува и менува Вашата реалност. Погледнете на Вашата реалност на различен начин и видете изобилство, благосостојба, љубов, пријателство, сојузништво, успех. Опкружете се со луѓе кои го прават истото. Создавајте синергија помеѓу нив, поттикнете ги да го прават истото.
Нека се здружат индивидуалните сили – заедно ќе станат посилни. Нека се спои искуството – заедно ќе стане повредно. Нека се рашири мудроста – заедно ќе бидеме помудри.
Тоа е вистинско, тоа е реалност, тоа е синергија.
Aвтор: Коста Мицковски е генерален менаџер на Синергија Плус – Прва Агенција за финансиска писменост во Македонија. За повеќе информации за како помудро со личните финансии посетете го веб порталот на http://www.sinergijaplus.com/
Остави коментар