Секој човек се раѓа со некаква внатрешна искра, тнр. талент. Воопшто не е битно дали е тоа талент за: оперско пеење, дизајнерство, математика, дипломатија, гледање на тарот карти… факт е дека секој човек е талентиран за нешто. Некако неприметно, низ животот луѓето најчесто се “откажуваат” од својот вроден талент а за тоа постојат безброј причини.
Се прашувам колку родителите обрнуваат доволно внимание за потребите и талентите на своите деца? Дали образованието ги идентификува монотоните учители, некреативните педагози и колку применува соодветни мерки за таквиот наставен кадар? Колку фирмите инвестираат во талентиран кадар или само посетуваат скапи еднодневни предавања кои се одржуваат од гости-странски предавачи? Да, нашето опкружување е тешката економско политичката ситуација, влада која не инвестира во претприемништво… Се на се, наметнатата строгост во студиозноста на предметите младите гладни умови суштински не ги учи на дисциплина туку системски им го вградува стравот од промени. Наметнатата стравопочит резултира во отпор кој системски се враќа со одбивност и непочит кон старомодните предавачи.
Причини за реформи во јавното образование
Реалноста која ја живееме не соочува со фактот дека секоја земја во светов во моментов го реформира јавното образование. За тоа постојат две главни причини:
1. Економијата… Како ги едуцираме нашите деца да ги завземат своите места во економии како оваа на дваесет и првиот век а притоа не знаеме каква ќе биде економската ситуација до крај на неделата.
2. Културата… и културниот идентитет на секој поединец кој е генетски наследен од заедницата а од друга страна живееме во свет на глобализација.
Старите парадигми на образование не учеа вака:
Напорно работи > Биди вреден > Заврши факултет > Вработи се!
Се поставува прашањето: Дали на децата со ментален склоп од дваесет и првиот век им е забавно одењето на училиште доколку едукативниот систем е непроменет во последните неколку децении?
Како училиштата ја убиваат креативноста?
Сегашните генерации веќе не веруваат во старите парадигми на образование. Дипломата не е никаква гаранција дека младите ќе дојдат до посакуваната работа. Направени се тестирања на 1500 деца во градинка и мерен е нивниот % на дивергентно размислување (генијалност). Резултатите се фрапантни.
98% од деца во градинка покажуваат резултат на генијалци. Испитувањата продолжиле 5 години подоцна, истите деца покажуваат 50% резултати на генијалци. А 5 години подоцна, што мислите, колкав % на генијалност покажуваат истите деца?
Едукацијата денес е моделирана од интересите на индустријалирацијата. За жал огромен е бројот на млади таленти кои не се во состојба нивната исклучителна природна надареност да ја искористат во задоволување на сопствените потреби а цената што ја плаќаат е превисока. Еден голем природен потенцијал (не)повратно исчезнува а млади талентирани недокажани личности се препуштени на конфликтни односи со средината и со сопствените фрустрации.
Колку и како може да се потенцира неограничениот капaцитет на секој поединец во процесот на образованието?
Лева хемисфера:
Логика
Рационалност
Секвенцијалност
Аналитика
Објективност
Гледање во детали
Десна хемисфера:
Интуиција
Креативност
Случајност
Синтетизирање
Субјективност
Гледање во целина
Повеќето луѓе имаат очигледна склоност кон еден од овие стилови на мислење: рационалност (лева хемисфера) или креативност (десна хемисфера). Секако дека има и такви кои подеднакво ги користат и двата мисловни начини. Генерално, училиштата имаат тенденциозна наклонетост кон моделот на размислување на левата мозочна хемисфера, така што не го потенцираат моделот на размислување од десната мозочна хемисфера. “Лево мозочните” училишни предмети се фокусирани на логично размислување, анализи и точност. Додека пак, “десно-мозочните” предмети се фокусираат на естетика, чувство, и креативност.
Она што е провокативно е фактот што само 3% од луѓето знаат точно што сакаат, учат и се развиваат. Останатите 97% само сакаат да бидат во право.
Како се подигнува креативноста?
Кога сите сетила ви се разбудени, кога сте присутни во сегашниот момент, кога свесно ја резонирате возбудата од искусувањето на информацијата, кога сте целосно живи!
Човекот треба да го разбуди и да го погледне она што е во него самиот, а тоа е сопствената дарба, талент, инспирација, искрата која ги пали сетилата и го одржува човек во целосна свесност. Така се создаваат индивидуи кои се повеќе од креативни, индивидуи кои имаат повеќе решенија (размислувања) за иста работа. Така се раѓа претприемништвото и се креира индивидуа која е самоуверена и спремна да ризикува и да добие. Тоа се креира од најмали нозе, од градинка. Сите ние сме актери на едно модерното време во кое посебно младите гладни умови се идентификуваат со нивните атрактивни идоли преку интернет, ТВ. Што е она што медиумската индустрија им го нуди на учениците а школото не им го нуди? Креативност, слобода на размислување, забава, простор да се биде свој, парче фантазија убаво спакувана во модерен дизајн.
“Шоуто може да почне”. Вака шоумен би почнал час. Се прашувам какво би било образованието доколку еден мал процент на предавачи би вдахнале повеќе живост и инспирација меѓу учениците.
Како тоа ќе влијае на учењето?
Со размислување поттикнато од десната хемисфера наспроти левата хемисфера:
Со Наставна програма – Со цел да се постигне поголема “целосна мозочна активност” во нивната ориентација, училиштата треба да гледаат со иста тежина на уметноста, креативноста, како и на вештините на имагинација и синтеза.
Со Инструкции – За да се поттикне поголема целосна мозочна активност во школското искуство, наставниците и професорите треба да користат инструкциски техники како да се поврзат двете страни на мозокот. Тие може да ги зголемат нивните “десно мозочни” ментални акктивности со инкорпорирање на повеќе слики за погодување, цртање, метафори, аналогии, играње на улоги, визуелизација и движење во нивните читања, пресметувања и аналитички активности.
Со Оценувања – За поточни целосно мозочни оценувања на учењето на студентите, наставниците мора да развиваат нови форми на оценување кои ги одликуваат десно мозочните таленти и вештини.
Да се откажеш од талентот низ животот изгледа лесно а всушност тоа е најтешката одлука која на крај на краиштата ја носи секој сам за себе. Да ги охрабруваме изумите а креативноста да ја негуваме.
Aвтор: Автор: Нела Јолеска работи како Business Development Manager во Ксантика – Агенција за комуникации и е основач на Facebook групата Извор. За повеќе информации посетете ја веб страницата http://www.ksantika.com/.
Остави коментар