И покрај се почестите предупредувања на лекарите и фармацевтите за штетните последици по зравјето кои произлегуваат од долготрајната употреба на средства за слабеење и кај нас и во светот луѓето многу почесто сакаат да му се препуштат на „магичното„ дејство на таблетите и прашоците за инстант слабеење, отколку да се потрудат да го променат стилот на живот.
Всушност, апчињата за слабеење не им помагаат на луѓето да ослабат. Безмалку секој што се обидел да употребува апчиња за слабеење добро знае дека без вежбање и промена на начинот на исхрана „фамозните„ резултати ги снемува за многу кусо време. Јојо ефектите кои претставуваат варирање на телесната тежина за десет, па и повеќе килограми горе-долу за само неколку месеци, се редовна појава кај луѓето кои употребуваат средства за слабеење. Истражувањата покажуваат дека ефектите од средствата за слабеење се толку мали што статистички се безначајни во однос на ефектите кои се добиваат со редовен тренинг и балансирана исхрана.
Дури, некои средства за слабеење, како оние кои се направени врз база на ефедрин се веќе одамна повлечени од пазарот затоа што е востановено дека се многу опасни за здравјето и животот на луѓето. Ефедрин е супстанција која се добива од растение и која има слично дејство како амфетамин, т.е.го забрзува метаболизмот и овозможува побрзо топење на мастите. Па сепак, оние кои делуваат како диуретици – го поттикнуваат мокрењето, или лаксативи – го забрзуваат празнењето на цревата не се помалку опасни при долгорочна употреба.
Затоа, без разлика на епитетите: природен, на природна база, корисен за здравјето и слично, гледајте на средствата за слабеење како на препарати кои може да го нарушат вашето здравје.
Затоа пак, ако сте од оние кои навистина сакаат да си ја регулираат телесната тежина и да изгледаат здраво, што поскоро побарајте пристојна теретана или друга спортска сала во која ќе можете редовно да тренирате. Најдобро е да тренирате со тренер во почетокот, затоа што на тој начин ќе научите правилно да вежбате, ќе ве мотивира и ќе имате до себе личен пример за тоа како да се живее здраво и да се изгледа добро. Се разбира, консултирајте се со тренерот или со вашиот матичен лекар или нутриционист за тоа во која насока да направите промени во исхраната.
Отфлете ги засекогаш ригорозните диети кои не функционираат и прифатете побавни, но многу поздрави опции во исхраната. Тоа ќе направи да изгледате и да се чувствувате многу подобро. И на крајот, ако вашата цел е во следната летна сезона да изгледате витки, набилдани и здрави, најдобро време започнување на вежбањето е токму сега!
Aвтор: М-р Лидија Зорба е основач и сопственик на центарот за применета психологија Зорба Консалтинг. Повеќе од 15 години работи во медиуми и во областа на спортот и психологијата на здравјето. За повеќе информации посетете го веб порталот на http://zorbakonsalting.wordpress.com/.
Остави коментар