„Младите високообразовани лица се плашат да почнат сопствен бизнис и тие на факултетите учат да станат добри програмери, инжинери и лекари, а не како стекнатото знаење да го претворат во добивка, оценуваат од фондацијата „ПМС инкубатор“.
Оваа вест објавена минатата седмица во повеќе медиуми ме наведе да се обидам да појаснам некои детали околу причините зошто младите во Македонија не започнуваат сопствен бизнис. Корените лежат во менталитетот на нашите родители, односно во начинот на кој тие не подучуваат за тоа по која пат да тргнеме во животот. Имено, тие не советуваат да се школуваме, да имаме добри оценки и потоа да најдеме добра, сигурна работа. Сликовито прикажано, тие ни велат да го одбереме овој пат:

*Овој квадрант се нарекува CASHFLOW квадрант (квадрант на паричниот тек) и е заштитена марка на CASHFLOW Technologies, Inc.
Ретки се оние родители кои велат: „Оди на факултет, дипломирај, изгради бизнис и стани успешен инвеститор“, односно да го одбереме овој пат:

*Овој квадрант се нарекува CASHFLOW квадрант (квадрант на паричниот тек) и е заштитена марка на CASHFLOW Technologies, Inc.
Преку квадрантот на паричниот тек ја нагласуваме и финансиската интелигенција. Ако сакате да бидете на десната страна на квадрантот, кај “Б“ и “И“, морате да се обидете да бидете попаметни и похрабри отколку ако решите да останете на левата страна на квадрантот (“В“ и “С“). Ако сакате да преминете на десната страна на квадрантот, морате да го контролирате правецот на Вашиот паричен тек. Треба да бидете подготвени да ја напуштите сигурноста на работењето за друг газда и да почнете да градите бизнис кој ќе ве доведе до финансиска слобода.
Живееме во почетокот на Информационата Ера, период кој ќе понуди многу повеќе можности од било кога досега за финансиска заработка. Насекаде ќе среќаваме луѓе со способности на луѓето типични за квадрантите “Б“ и “И“ кои ќе бидат во состојба да ги воочат и искористат тие можности. За да една индивидуа биде успешна во Информационата Ера, ќе мора да има познавања и вештини од сите квадранти. За жал, нашите училишта сеуште оперираат во добата на Индустриската Ера и сеуште ги подготвуваат студентите само за левата страна на квадрантот.
Од кој квадрант заработувате Вие?
Вработените („В“) генерираат приходи работејќи за друг. Карактеристични обележја за нив се зборовите „сигурност“ и „бенефиции“. Зборот „сигурност“ најчесто се користи како одговор на зборот „страв“. Кога се работи за вработување и пари, едноставно постојат многу луѓе кои мразат да чувствуваат страв кој доаѓа од економската несигурност…оттука и желбата за некаква си „сигурност“. Зборот „бенефиции“ пак, за нив значи добар бонус, пензиско осигурување, можеби службено возило, телефон…За нив желбата за сигурност е поважна од парите.
Самовработените („С“) заработуваат работејќи сами за себе. Тука обично спаѓаат луѓе кои сакаат „самите на себе да си бидат шефови“ или „да ги сработат работите сами“. На чувството „страв“ не одговараат преку желбата за „сигурност“ како луѓето од претходниот квадрант, туку преку преземање контрола над ситуацијата и правејќи ги работите сами. Тука ќе пронајдете добро образовани луѓе како доктори, адвокати, стоматолози. Агенти за недвижности, консултанти, фризери, исто така, се дел од оваа група. За нив парите не се најважната работа. Нивната слобода, можноста да ги прават работите на својот „најдобар“ начин и да бидат почитувани како експерти во нивното поле на работа се многу поважни отколку парите. За жал, овие луѓе имаат проблем со вработувањето нови луѓе, бидејќи тие никогаш „не се добри како нив“, или пак најчесто обучените луѓе си одат и создаваат конкурентска фирма. Тоа прави да овие луѓе останат цел живот да работат се посилно и посилно.
Бизнисмените – сопствениците на бизнис („Б“), за разлика од претходната група, сакаат да делегираат. Нивното мото е: „Зошто да го направам сам кога можам да вработам луѓе кои ќе го направат подобро?“ За да се биде во оваа група потребно е да се поседуваат вештини на вистински лидер и да се познаваат техничките аспекти на бизнисот. Добрата вест е што двете можат да се научат. Техничките вештини потребни да се биде успешен во бизнисот се вештина за читање на финансиски извештаи, маркетинг, продажба, производство, преговарачки вештини….Но она што е најтешко е работењето со луѓе. Лидерството е „поттикнување на најдоброто во луѓето“.
Многу луѓе имаат идеја и желба да започнат свој бизнис. Многумина тоа и го прават. Но, дел од нив, за жал наместо во квадрантот „Б“ завршуваат во „С“. Што е разликата? Просто кажано, човекот од квадрантот „С“ има работа, а човекот од квадрантот „Б“ поседува систем. Систем кој кога тој е на одмор, на пример, функционира и без него и приходот не престанува да тече. Кога адвокатот или лекарот ќе ја затвори канцеларијата, со тоа се стопира и неговиот приход. За да се биде успешен во квадрантот „Б“ потребно е:
1. Сопственост или контрола на системот и
2. Способност да се водат луѓето (лидерски способности)
Инвеститорите („И“) прават пари со пари. Тие не мора да работат затоа што нивните пари работат за нив. Во овој квадрант влегуваат богатите луѓе. Ако некој посакува да стане богат, тогаш неодминливо треба да се стреми да влезе во овој квадрант.
Различните методи на заработка повлекуваат различни состојби на умот, различни технички вештини, различни образовни патишта и различни типови на луѓе. Иако сите сме човечки суштества, кога се работи за пари, и емоциите врзани со поимот пари, сите се однесуваме различно. Начинот на кој одговараме на тие емоции е она што одредува од кој квадрант ќе заработуваме. Со други зборови, различни луѓе се привлечени кон различни квадранти.
Дали можете да го промените квадрантот?
Се разбира. Треба да знаете што сакате и кои се Вашите вештини и способности. Исто така, имајте на ум дека можете да заработувате преку комбинирање на квадрантите. Тоа што сте вработен или самовработен не значи дека не можете истовремено да бидете и инвеститор. Поседувањето на одреден имот кој генерира приход (пример: стан/куќа кој го издавате, обврзници кои генерираат камата, акции кои носат дивиденда, депозит кој создава камата), веќе прави да навлезете и на десната страна на квадрантот. Имајте на ум дека на левата страна на квадрантот Вие работите за пари, а на десната Парите работат за Вас!
Aвтор: Гордана Гоџо е овластен соработник на Синергија Плус – Прва Агенција за финансиска писменост во Македонија. За повеќе информации за како помудро со личните финансии посетете го веб порталот на http://www.sinergijaplus.com/
Остави коментар