На културата во организацијата влије целото опкружување, луѓето, големината целите…
Помеѓу културата на претпријатието и неговата организациска структура, како две организациски димензии, постои висок степен на поврзаност и меѓузависност. Затоа, културата на организацијата ја определуваат истите фактори кои влијаат и на организациската структура. Некои од овие фактори имаат поголемо влијание, а други помало во зависност од конкретната состојба во организацијата. Сепак најважните фактори на културата на организацијата се: луѓето, сопственоста, целите, големината, староста, технологијата, дејноста и средината во која претпријатието функционира.
Карактеристиките на луѓето како членови на организацијата го одредуваат не само однесувањето и успешноста на претпријатието но, и нејзината структура и култура. Од очекувањата на луѓето и усогласеноста со очекувањата со културата на организацијата во голема мерка зависи успехот, но и задоволството и мотивацијата на неговите членови. Сосема е јасно дека очекувањата и потребите на луѓето се различни што е јасно дека и одделните типови култура различно кореспондираат со тие потреби и нивно задоволување. За успешно остварување на односите на релација: членови на организација-организациска култура, пресудна важност имаат менаџерите чии индивидуални ориентации и ставови решавачки влијаат на културата која е доминантна во организацијата.
Сопственоста на претпријатието битно ја одредува културата што се формира и се развива во него. Практиката покажува дека приватната сопственоста ја поттикнува културата на моќ и културата на задачи, додека државната и општествена соптвеност ја стимулира културата на улоги.
Целите на организацијата исто така се значаен фактор кој ја детерминира културата. Најчесто се смета дека основна цел на претпријатието е остварување на добивка, профит. Но, во исто време добивката е и пртетпоставка за остварување и на други организациски цели: раст и развој, положбата на пазарот, квалитетот на производот, вработување и друго. Со менување на целите на организацијата се менува и организациската култура и обратно, измените на културата влијаат на менување на целите на организацијата.
Големината на организацијата исто така влијае на изборот на културата. Големите претпријатија повеќе се формализирани, се стремат кон поголема специјализација и децентрализација и имаат потреба од поинтензивна координација. Се смета дека со порастот на големината на претпријатието се јавува тенденција на создавање и развивање на бирократски тип на култура. Ефикасен механизам за промени на културата на претпријатието во вакви услови, претставува радикална децентрализација и создавање на мали, автономни организациски единици врз основа на проектен принцип типот на културата се менува и зависи од староста на организацијата, односно од развојните фази на животниот циклус на претпријатието. Новите и млади претпријатија, во фаза на основање, преку културата на моќ ја постигнуваат потребната агресивност и независност. Во следната фаза, во фазата на раст и развој, функционирањето на претпријатието сé повеќе се формализира, се пропишуваат правила и прописи со што кај културата се забележуваат промени во насока на нејзино бирократизирање. Спречувањето на стареењето на организацијата е поврзано со трансформација на бирократската култура во претприемничка култура или култура на задачи.
Стратегијата и културата на претпријатието се во интеракциски однос
Културата е основна претпоставка за остварување на стратегијата на претпријатието и решавачки влијае на нејзиниот избор, но исто така и стратегијата битно влијае на типот на културата кој се формира и се развива во претпријатието. Стратегијата дефинирана како долгорочни цели, активности и средства за нивно остварување, ги претставува постапките со чија помош претпријатието ќе ја подобри својата позиција на пазарот во однос на конкурентите. Стекнување предности во однос на конкурентите може да се постигне на различни начини, преку различни стартегии, со снижување на трошоците, зголемување на продуктивноста и други начини, каде секоја од овие стратегии бара и поинаква организациска култура.
Истражувањата направени од поново време ја потврдуваат врската помеѓу технологијата и организациската култура
Технологијата која е адекватна за постигнување на одредено производство, влијае не само на моделирање на организациската структура, но и на формирање на социјалните односи и на културата на претпријатието. Технологијата преку свои карактеристики но и тенденции: технологија на масовно производство, рутинските операции кои може да се програмираат и скапите технологии кои бараат поизразита поделба на работата условуваат тип на култура на улоги. Технологијата која брзо се менува и технологија на поединечно производство бараат формирање на културата на моќ и култура на задачи.
Дејноста, односно карактерот на задачи и активностите на претпријатието битно влијае на типот на култура која се развива и формира.
Репетитивните активности се најзастапени во организацијата и ангажираат најголем број на вработени. Ним најмногу им одговара т.н. култура на улоги.
За втората група активности кои се насочени кон иновации и промени во претпријатието, најсоодветна култура е културата на задачи, односно тимската култура.
Третите активности се активности со кои се решаваат неочекувани проблеми и пореметувања во функционирањето на претпријатието или на неговите организациски делови. Донесувањето квалитетни одлуки при вршење на овие активности е поврзано со постоење на култура на моќ, односно претприемничка култура. Четвртата група се однесува на активности кои значат извршување на функциите на управување и раководење. Во овој случај најадекватен тип на организациската култура е претприемничката култура.
Средината во која функционира претпријатието има исклучително силно влијание врз културата. Тука пред сé се мисли на националната култура на земјата и на нејзино дејство врз организациската култура. Различни нации и различни општества преферираат различна организациска култура. И одделните својства на средината, изразени преку нејзината динамичност, неизвесност и стабилност, влијаат на типот на организациска култура.
Средината која брзо се менува бара флексибилна организациска култура, а во случаи каде средината е релативно стабилна потребен е тип на култура на задачи-бирократска култура.
Преземено од: Вработување NEWS
Остави коментар