Онлајн курсевите се одличен начин за стекнување дополнителна стручност и сертификати, или при промена на кариерата. Пред да се запишете, еве неколку фактори што може да обезбедат успех при учењето.
Управување со време
Управувањето со време може да биде најголем фактор за успех во вашиот онлајн курс. Успешните онлајн ученици мора да бидат проактивни во учењето и да превземат одговорност за својот успех.
За да владеете со времето, прво утврдете колку време во денот мислите дека ќе бидете најмногу фокусирани на учење. Дали сте утрински или ноќен тип? Дали најдобро се концентрирате по едно кафе или после ручек? Откако ќе го одредите времето од денот, резервирајте одреден термин за да се посветите на вашиот курс. Останете доследни на тој термин и третирајте го како важен состанок што не можете да го одбегнете.
Усогласување со личните обврски
Иако постојат многу причини да се запишете на онлајн курс – една од најчестите причини е практичноста. Без разлика дали имате полно работно време, не сакате да се борите со сообраќајниот метеж, или имате семејни обврски – усогласувањето на наставата во училиште и личните обврски може да биде мачно.
Убавината на онлајн курсевите е токму во тоа што можете да учите според вашиот распоред и темпо, па не заборавајте да го одредите терминот за учење, дури и ако тоа значи 23:00 часот.
Опкружување
Идеалното опкружување за учење е токму такво – идеално. На некои ученици им е потребна апсолутна тишина, додека други не можат да се концентрираат без некаква врева во позадина. Но, и во двата случаја се препорачува добро осветлена просторија и услови за непречено учење. Имајте на ум дека многу подобро ќе искористите само 30 минути од вашето слободно време во учење без прекин, отколку цел час во испрекинато учење. Затоа определете го вашиот термин за учење кога ќе можете да бидете во непречена средина, со што шансите за успех ќе се зголемат, а времето што треба да го посветите на вашиот курс ќе се намали.
Прашања
Не плашете се да поставувате прашања. Како онлајн ученик постојат неколку начини за да го добиете одговорот што го барате. Ако вашиот курс нуди менторска поддршка, секогаш може да упатите директни прашања до професорот. Ексклузивните курсеви најчесто обезбедуваат таква поддршка (преку електронска пошта, скајп или телефон), па учениците никогаш не се чувствуваат изгубени или сами во текот на курсот.
Добивате онолку колку што ќе дадете
Запомнете дека неформалното образование и сертифицираните курсеви се наменети да ве обучат со одредени вештини и знаења. Колку повеќе напор вложувате во овие онлајн курсеви за да ги сфатите лекциите, толку е поголема веројатноста дека ќе сте успешни по завршување на курсот.
Е-учењето може да понуди многу на оние ученици што го посветуваат своето време и се фокусираат на целосно искористување на комплетната содржина на курсот.
Aвтор: Јована Петровска е генерален менаџер на EnglishMak – единствен центар за онлајн обука по англиски јазик во Македонија. За повеќе информации посетете го веб порталот на http://www.englishmak.com
Остави коментар