Малопродажбата, покрај продажба на производи во малопродажниот објект, вклучува и продажба на најразличен тип на услуги. Всушност, таа е дел од нашето секојдневие.
Основна улога на малопродажбата е задоволување на потребите на потрошувачите на одредена локација преку продажба на асортиманот по однапред утврдена цена. Малопродажниот објект е местото каде што преку директен контакт со потрошувачот се одвива процесот на купопродажба на стоки и услуги на мало помеѓу понудувачот – продавачот од една страна и финалниот потрошувач – купувач од друга страна.
Денешната динамична бизнис клима и борбата за стекнување на конкурентски предности на пазарот придонесоа за голема трансформација во малопродажбата.
Првиот бран на трансформација започна во 60-тите години кога приматот на пазарот од рацете на производителот премина во рацете на продавачот во малопродажниот објект. Дотогаш, целото внимание на производителите било насочено кон производството, бидејќи според нив најважно било што произведуваат. Поради тоа не биле во можност да ја задоволат широката апсорпциона моќ на пазарот кој сè повеќе барал разновиден производен асортиман.
Како резултат на променетите пазарни услови, малопродажбата го преземала приматот на пазарот за да ги задоволи потребите на широката побарувачка.
Денес ниту еден производител не може да понуди 40.000 производи на едно продажно место. Тоа единствено го може малопродажбата која претставува „шопинг рај“ за потрошувачите. Поради оваа економска моќ, малопродажбата ги диктира условите на пазарот.
Големите светски „Trading“ и производни корпорации поради намалување на трошоците преферираат да дистрибуираат големи количини на производи со помал асортиман и во големи пакувања (Еуро-палети). За разлика од нив, малопродажбата ги разделува големите количини на производи и ги прилагодува на индивидуалните потреби на потрошувачот која е една од основните функции на малопродажбата (bulk-breaking).
Вториот бран на трансформација на малопродажбата настанува кон крајот на 80-тите години преку дополнителна специјализација на ширината на асортиманот, начинот на услужување, амбиентот и квалитетот на услугата. На овој начин настанале и се развиле многубројни малопродажни видови (Cornershop, минимаркет, супермаркет, мегамаркет, хипермаркет, Cash & Cary, Hard Discont). Денес постојат современи малопродажни објекти во било која индустрија (FMCG, Текстил, IT-технологија…) со одличен продажен амбиент кој ги задоволуваат различните вкусови на потрошувачите, од архитектонски решенија – изгледот на зградата, па сè до внатрешниот амбиент, нивото на услугата и дополнителните содржини.
Со развојот на пазарното стопанство дојде до појава на денешните – современи облици на малопродажба. Националните економии ја препознале важноста на малопродажбата и ги насочиле своите економски активности кон неа, како би можеле полесно да го контролираат и поефикасно да го наплаќаат данокот. Денес значењето на малопродажбата е зголемено, а нејзината моќ се гледа и во огромното учество на пазарот.
Во светот повеќе од 80% од сите деловни трансакции се реализираат во рамките на малопродажбата. Во ЕУ – според официјалните податоци на Еуростат од вкупната продажба 51,50 % припаѓа на 20-мина најголеми светски трговци на мало (Wal-Mart, Metro, Carrefour, Tesco, Lidl).
Моќта на малопродажбата се гледа и во функција на работодавач. Малопродажбата е еден од најголемите работодавци во светот (Компанијата Wal-Mart вработува 2.000.000 работници). Според статистичките податоци во САД, од вкупниот број на вработени, 67% работат во регистрирани малопродажни објекти (од кои 50% вршат услуги).
Од друга страна трговците на мало се во секојдневна борба за стекнување конкурентска предност на пазарот и се принудени да применуваат нови иновативни методи во своето работење. Поради сите овие ставки, се унапредува начинот на управување со малопродажниот бизнис (Management Retail).
Креативните идеи, инспирации, иницијативи и имагинација во праксата, во комбинација со теоретски модели, довеле до денешните применети иновации во малопродажбата и овозможиле да управуваме прецизно, одговорно, брзо и ефикасно со неа.
Управување со малопродажбата претставува синхронизиран процес на управување со производите (асортиман, количина на производи на залиха), цените, соодветен програмски (компјутерски) систем за требување (нарачување), HR (човечки ресурси), пазарот на кој работиме, дистрибуцијата, промоцијата, финансиските функции и контролата. Тоа не е едноставен процес бидејќи за висока ефикасност на компанијата на денешниот конкурентен пазар, неопходна е добра интеграција на сите наведени елементи.
Стратегијата за донесување на одлуки се заснова на одредени применети и практични модели. Процесот на управување со малопродажбата не дозволува импровизации бидејќи грешките брзо се рефлектираат на финалните финансиски резултати на компанијата.
Денес, во процесот на управување со малопродажбата се применуваат современи методи (економски показатели, буџетирање, кондиционирање и сл.) со кои се зголемува ефикасноста на малопродажното работење.
Во големите малопродажни синџири, кои имаат десетици, стотици или илјадници малопродажни објекти, не е едноставно да се управува со залихите, трошоците и асортиманот. Управувачките функции во компаниите се наоѓаат во рацете на врвниот менаџмент кој е сместен во дирекцијата на компанијата, а не во одреден малопродажен објект. Од таа причина е неопходен унифициран модел на управување прилагоден на различните потреби на пазарот. Секое отстапување од малопродажните цели, со помош на овој метод можеме брзо да ги идентификуваме, да ги елиминираме недостатоците и да ја зголемиме малопродажната ефикасност.
Автор: Зоран Лукач (Србија), водечки регионален експерт во областа на малопродажбата
Остави коментар