Наместо вовед
Robert H Hayes, професор по менаџмент на Универзитетот Харвард, во една прилика напишал:
„Со задоволство се натпреварувам во едрење. Сите се натпреваруваме со еднакви едрилици, со еднаква посада и во исти временски услови. И секој пат ме запрепастува фактот дека една посада секогаш успева да ги претрка останатите и да победи. Зошто? Затоа што нејзиниот капетан сфаќа дека способноста за водење и инспирирање на тимот е пресудна за успехот во едрењето…, а во исто време и за управувањето со компаниите“.
Тимска работа
И покрај галопирачкиот развој на информатичките и други технологии, според бројните истражувања, главната работа на денешните менаџери и понатаму се состои во управување со човечките потенцијали. Но, современите услови денес се многу посложени. Денес многу е важно да се знае како да се организира и инвентивно да се управува со компаниите, како да се управува со луѓето во услови на развиена информатичка инфраструктура, глобален пазар, и сè поголемата потреба постојано да се учи и да се совладаат нови знаења.
Како решение на овој проблем можат да послужат различни видови на менаџмент, кои сепак имаат нешто заедничко. Организација на трудот која се темели на тимска работа, која пак поттикнува успешно групно однесување.
Но, да тргнеме со ред …
Анг. Team = тим е мала група на луѓе (од 2 до 25) со комплементарни знаења и вештини кои имаат заедничка цел, заеднички пристап и ентузијазам, како и заедничка одговорност.
Концептот на тимот ја уважува исконската човечка потреба за дружење и ја промовира на најдобар можен начин.
Она што вреди во спортската арена или на концертот на симфонискиот оркестар, каде што десет или педесет луѓе складно дејствуваат во заеднички состав низ тимска работа се пренесува и во деловниот свет. На тој начин во средината на седумдесеттите години на минатиот век настана движењето – тимски начин на работење.
Тимското работење денес станува сè поважно, бидејќи на луѓето им дава чувство на сигурност и љубов кон работата. Освен тоа, работењето во тим е полесно бидејќи нема поединечна одговорност и човекот не е осамен на патот кон остварување на некоја цел.
За успешна работа на тимот потребни се комплементарни знаења и вештини. Тоа се: функционални или технолошки вештини поврзани со знаење како нештата функционираат, вештина на решавање на проблеми, вештина на носење на одлуки кои се поврзани со објективна проценка, подготвеност на ризик, објективна и здрава критичност, способност за слушање, како и конструктивно разговарање, способност за толеранција, уважување на туѓи мислења и ставови, способност на давање на поддршка на соработниците и сл.
Темелни значења на тимската работа се:
• Сите членови на тимот меѓусебно се еднакви и рамноправни, нема повластени членови;
• Од секој член на тимот се очекува максимален ангажман;
• Во тимот работат луѓе од различни профили и со различни знаења;
• Сите работни прописи и норми вредат еднакво за сите членови на тимот и сите посветено работат на заедничките проекти;
• Мислењето на секој член на тимот се уважува и секој може да го изнесе својот став;
Во тимската работа аргументот на моќта не значи ништо, но моќта на аргументот значи – сè!
Различностите помеѓу членовите на тимот се извор на неговата сила, но слабоста на шефот кој го предводи тимот е само една од низата слабости. Денес сеуште се поистоветува тимската и групната работа – што секако воопшто не е исто. Сите тимови во исто време се и групи, но не секоја група се однесува како тим!
Во обична работна група често може да се слушне:„Тоа не спаѓа во мојот опис на работа“! Во тимот таа констатација не постои.
Во групата сите работат сè, нема поделба на улогите и задачите. Затоа во групната работа може да се случи некои воопшто ништо да не работат за сметка на оние кои постојано работат.
Во тимската работа тоа е невозможно, бидејќи секој член на тимот има одредена работна задача и не може да ја префрли на некој друг. Оној кој што нема да ја изврши својата работна задача, ја доведува во прашање работата на целиот тим. Односно, само кога секој член на тимот ќе ја исполни својата задача, може да се каже дека тимот во целост ја исполнил поставената цел.
Ако екипата губи, тогаш ниту поединецот не може да заблеска. Доколку екипата победува, радоста на победата ја делат сите!
Во тимската работа секој член на тимот е еднакво вреден, бидејќи од секој од нив зависи успехот или неуспехот на тимот. Секој член на тимот работи самостојно на својата работна задача, но истовремено е обврзан да соработува со останатите членови. Со останатите членови се комуницира искрено и отворено, бидејќи на сите членови на тимот им е јасно дека меѓусебно се силно зависни едни од други и ако само еден од нив нешто премолчи или не одработи како што треба и на време – сите, порано или подоцна, ќе го почувствуваат на своја кожа.
Познатото Тејлорово правило за човечкиот учинок вели дека учинокот е резултат од „да се знае“ и да „се сака“. Доколку малку го модифицираме и надополниме ова правило ќе дојдеме до формулата за успешна тимска работа која би гласела:
Учинок = Моќ + Знаење + Желба
Во група акцентот се става на знаењето, бидејќи од членовите се бара само стручност. За успешен тим или т.н. тим од сништата (Dream Team) подеднакво е важно – „моќ“, „знаење“ и „желба“, бидејќи од членовите се очекува силна мотивација и желба за заеднички успех.
Синергија
Еден од темелите и причините за постоење на тимската работа е синергијата. Синергијата наједноставно се дефинира како појава кога два или повеќе елементи на некој состав, дејствувајќи заедно даваат поголем ефект од оној кој што би се остварил со збирот на ефектите на поодделните делови.
Синергијата уште ја нарекуваме „ефект 2+2=5“.
Тимот може да постигне синергија од неколку извори, па според тоа разликуваме: технолошка, трошковна, менаџерска, психолошка и пазарна синергија. Технолошката синергија се постигнува со пренесување на знаењето од еден тип на производство на друг. Одличен пример за тоа е автомобилската корпорација Rolls – Royce која своевремено многу вложувала во развојот и усовршувањето на автомобилските мотори кои подоцна ги искористила за производство на мотори за авиони и луксузни бродови (јахти).
Трошковната синергија овозможува иста инфраструктура да се користи за различни работи со што се постигнува намалување на трошоците и оди во корист на потрошувачите. На пример, сите големи продавници се темелат на оваа синергија. Наместо различните произведувачи секој за себе да ја организира продажбата на своите производи, тие настојуваат да заштедат на тој начин што своите производи ги продаваат на заеднички локации со други производи од други производители.
Менаџерската синергија се постигнува со пренесување на знаењата од едно подрачје на работа на друго. Таа многу често се темели на трансфер на знаења, т.н. консултантски знаења. Консултантите, лесно го пренесуваат своето знаење од еден тим на друг и така создаваат менаџерска синергија.
Психолошка синергија произлегува од чувството на заедништво на луѓето кои припаѓаат на еден тим. Заемната усогласеност на работата, навиките, познавање и користење на исти стандарди и технологијата на работењето им овозможува силна мотивациска подлога за подобра работа на тимот.
Пазарна синергија се постигнува со комплетирање на асортиманот. Одличен пример за тоа е американскиот ланец на стоковни куќи Sears, Roebuck and Co., во кој може да се купи сè за домот – од градежни материјали за негова изградба, мебел, па сè до осигурување на домот.
Наместо заклучок
Во познатата детска книга за возрасни на Lewis Carroll, Алиса ја прашува мачката каде води патот. „Тоа зависи каде сакаш да стигнеш“ – мудро и одговорила Мачката. „Само ако знаеш каде одиш има смисла да ги бираш патиштата кои таму ќе те однесат. Ако не знаеш каде одиш, тогаш секој пат е добар“.
Значи иднината на секоја корпорација е избор од бесконечно многу шанси, но и опасности. Поради тоа, задача на добриот менаџмент е помеѓу другото да ги предвиди промените кои ќе ги донесе поблиската или подалечната иднина, да ги испланира идните дејствувања на пазарот и притоа да управува со својот тим на начин на кој ќе оствари предност пред конкуренцијата, бидејќи кога луѓето не управуваат со нештата, нештата управуваат со луѓето!
Aвтор: М-р Татјана Николова Маневска е овластен соработник на Синергија Плус – Прва Агенција за финансиска писменост во Македонија. За повеќе информации за како помудро со личните финансии посетете го веб порталот на http://www.sinergijaplus.com/
Остави коментар