Иако е вообичаено кога се пишува текст, било да се работи за семинарска работа на факултет, новинарски текст во печатен медиум или пак се работи за одреден проект, да се напише вовед во кој најавуваме што следи понатаму, јас одбрав да го прескокнам тој дел затоа што неконвенционалноста многупати досега се покажала како победник наспроти конвенционалните форми на дејствување до кои цврсто се држи 90% од популацијата. Воведот во мојата тема се неколку прашања до сите кои ќе го прочитаат текстот:
1. Колку често стигнуваат до Вас нови информации во текот на денот?
2. Колку од нив одбирате да ги примите и да ги проверите?
3. Дали сметате дека информациите го вртат светот?
4. Колку чини вистински добра информација?
Јас слободно ќе си земам за право да ги искоментирам прашањата, но би Ве замолил моите мислења да не влијаат во креирањето на Вашиот став во врска со темата.
Развојот на новата технологија, како телефонијата, телевизијата и секако, интернет комуникацијата овозможи скоро сите делови во светот да бидат поврзани. На дневно ниво добиваме информации од сите делови на светот, во врска со бизнисот, модата, политиката, образованието, итн. Мозокот нема доволно место за складирање на сите нив. Доколку не ја проверите веднаш, веројатноста да ја сметате за небитна или пак да ја заборавите во наредните два-три часа или денови е многу голема. За среќа некогаш тие информации можат да бидат екстремно неважни, или пак, за жал, екстремно важни.
Традиционален начин на ширење на информациите е преку радиото, телевизијата и весниците. Во последно време овие медиуми отстапуваат место на социјалните мрежи кои со полн замав се користат на интернет како Facebook, My Space, Twitter итн. Третиот, кој во моментов се смета за најсовремен начин на ширење на информации е препорака од некој Ваш близок. Информацијата добиена на овој начин за Вас добива значење. Добивате препорака за добро кафуле, добра музика, добро кафанче. Вие по навика го проверувате местото и ако Ви се допаѓа, го посетувате пак. И не само тоа, Вие понатаму продолжувате да го препорачувате.
Живееме во ерата на информациите. Тие го движат светот и тоа ќе остане така во догледно време. Запрашајте се колку Вие ги проверувате информациите кои не се поврзани со доброто кафанче или сигурниот кец на спортска. Дали го користите интернетот да проверите информација поврзана со некој нов семинар или обука? Дали сте слушнале за новите компании кои нудат неформално образование? А за сертифициран семинар за Брзо читање? Доаѓа новата ера на коучинг. Сте слушнале ли за тоа?
Можеби она што на почеток сте го сметале за неважна информација, е нешто револуционерно што допрва ќе дојде на нашите пазари. Колку од нас знаеја за Facebook до пред неколку години? Денес овој медиумски простор прерасна во одлична маркетинг алатка, се разбира, за оние што го сфатиле правилно.
Информацијата е најважната работа во денешницата, но секако половина информација е исто што и неточна информација. Бидете правилно информирани и во текот со времето. Др. Никола Чанак, најпознатиот комуниколог и мотиватор на Балканот, вели дека во времето на промени царуваат оние кои се подготвени да учат и да се менуваат. Затоа драги мои пријатели, не ги пуштајте информациите да поминат покрај Вас непроверени, затоа што секоја пропуштена шанса е шанса за некој друг.
Aвтор: Томислав Трајков е овластен соработник на Синергија Плус – Прва Агенција за финансиска писменост во Македонија. За повеќе информации за како помудро со личните финансии посетете го веб порталот на http://www.sinergijaplus.com/
Остави коментар