Секојдневниот развиток води кон намалување на животниот век на производите и услугите и потреба од нови идеи и проекти за нивна реализација
Проектниот менаџмент е посебна дисциплина на менаџментот која се занимава со проекти. Според дефиницијата, проектот е привремена и планирана трансформација на знаењето на организацијата. Целта е да се креира единствен производ или услуга со оптимален квалитет во склад со дефинираните стратешки цели на организацијата. Секој проект има дефиниран почеток и крај. Идејата е производот или услугата кои треба да се добијат на некој начин да бидат различни од дотогашните слични производи и услуги.
Секој проект може посебно да егзистира и да биде дел од комплексниот процесно-проектен план, дел од програмата или деловната стратегија. Но, проектот секогаш е привремена структура која егзистира заради постигнување на единствени деловни резултати и знаења за идните потфати.
Почетоци на проектниот менаџмент
Почетоците на проектниот менаџмент може да се поврзат за првите градежни зафати, како што била градбата на пирамидите, храмовите на Маите, римските аквадукти и патишта или Кинескиот ѕид.
Концептот на модерниот проектен менаџмент е од понов датум, пред се од развивањето на потребите на воената индустрија во втората светска војна. Пред десетина години проектниот менаџмент како методологија и интегрална компонента на деловниот процес главно се користеше при големи градежни зафати, за американската воена индустрија и за истражувањата во вселената.
Во последните две децении тој се наметна како нужност за опстанок на турбулентниот пазар. Прилагодувањето во модерната економија не е новост. Во речиси сите индустрии понудата значително ја надмина побарувачката, па претпријатијата постојано бараат некоја предност во однос на нивните конкуренти.
Од друга страна, со растот на потребите секојдневно влијае да се развиваат нови производи и услуги. Сето тоа води кон намалување на животниот век на производите и услугите и потреба од нови идеи и проекти за нивна реализација.
Брзината на развој на нови производи овозможува ефикасен проектен менаџмент кој мора да исполнува три главни цели: проектот да се заврши пред предвидениот рок, проектот да заврши поевтино и поквалитетно од планираното.
Само со ефикасни проекти менаџментот може да го максимизира резултатот. За исполнување на проектните цели служат ресурсите (материјални или човечки) кои се ставени во функција на тоа да се добие што подобар производ или услуга. За да може тоа да се реализира треба да се воведе нова димензија во класичниот триаголник на проектен менаџмент (време-квалитет-трошоци), а тоа е инвентивноста.
Информатичка технологија
Развојот на технологијата е важен фактор кој директно влијае на развојот на проектниот менаџмент. Информатичката технологија и автоматизацијата на процесите доведоа до големи промени на работните места. За разлика од пред 20 години, кога софтверот за проектен менаџмент беше наменет само за неколку богати организации кои за него можеа да издвојат околу милион американски долари, денеска софтверските програми со приближно исти карактеристики може да се купат за неколку стотина долари. За првите софтверски програми за проектен менаџмент се обучуваа посебни менаџери, но денеска компјутеризацијата ги замени експертите со обични корисници кои овие програми ги користат на персонални компјутери со стандардни конфигурации.
Телекомуникацискиот бум овозможи едноставна и виртуелна работа на членовите на проектниот тим, како и работа на глобални проекти од дома. Сe почесто проектните производи не се успех само на локалните членови на тимот, туку на останатите кои се наоѓаат на другиот крај од земјата. При тоа сите работат континуирано и координирано.
Реинженеринг
Деведесетите години на минатиот век се популарни по реинженерингот на работните процеси кој доведе до создадавање маса на работници кои лесно се прилагодуваат на различни видови на проекти.
Според истражувањето на Project Management Institute (ПМИ) четвртина од вкупниот светски бруто домашен производ се создава на проекти во јавниот и приватниот сектор и 3,3% од вработените директно се вклучени на работа на проекти. Тоа јасно покажува дека на проектите и на проектниот менаџмент треба да им се посвети посебно внимание.
Проектите претставуваат предизвик за секој млад експерт. Препознавајќи ја желбата на младите, талентирани експерти за влез во проектен менаџмент се отвараат нови перспективи за добро платена работа во која идните проект менаџери можат да градат успешна кариера.
Преземено од: Неделен магазин Капитал
Остави коментар