Основни когнитивни елементи на организациската култура се: вредностите, верувањата и нормите на однесување.
Организациската култура претставува повеќедимензионален феномен. Нејзината содржина може да се набљудува на повеќе начини. Во теоријата и практиката на организацијата, голем број автори се согласни дека организациската култура има два вида елементи: когнитивни и симболични.
1. Во когнитивните елементи влегуваат: вредности, верувања, очекувањата, етиката, чувствата, неформалните правила, начин на мислење, поглед на свет итн. Симболичните елементи ги опфаќаат: јазикот и жаргонот, приказните, митовите, легендите, хероите, ритуалите, логотипот, физичкиот изглед и слично. Основни когнитивни елементи на организациската култура се: вредностите, верувањата и нормите на однесување.
Вредностите – по дефиниција претставуваат постојани верувања дека одреден начин на однесување и остварување на цели претставуваат состојби кои организацијата настојува да ги оствари. Вредностите се некој вид идеал кон чие остварување се насочува функционирањето на организацијата и сите активности во неа.
2. Како се формираат вредностите како елемент на организациската култура? Кога организацијата има проблем, таа бара решение. Ако тоа решение се покаже успешно и како такво се повтори во решавање на ист или сличен проблем во повеќе случаи, тогаш тоа решение добива вредност на нешто што треба да се применува секогаш кога ќе настане таков проблем или ситуација. Кога некое решение ќе се потврди како правилно и ефикасно и како такво ќе се потврди како определена вредност, постепено влегува во потсвеста на членовите на организацијата и се трансформира во верување.
Верувањето претставува таква компонента на организациската култура која покажува, како организацијата функционира и кои причинско-последични врски и односи постојат помеѓу појавите и процесите во организацијата.
3. Други когнитивни елементи на организациската култура се и нормите на однесување. Првите истражувања за нормите и нивното формирање ги направил таткото на неокласичната школа за организацијата, Елтон Мајо.
4. Тој откривајќи го неформалното групирање на членовите на организацијата, истакнува дека неформалните групи утврдуваат норми на однесување кои треба да ги почитуваат сите членови на организацијата. Истата практика продолжува и денес. На пример, утврдените норми на однесување одредуваат како ќе се комуницира во организацијата, по име и презиме или по слободен избор, дали ќе може слободно и во секое време да се оди кај директорот или тоа треба да се прави со претходно најавување и сл.
Симболите претставуваат видлив дел на организациската култура. Преку нив може да се разберат заедничките вредности, верувања и претпоставки на членовите на организацијата. Симболите ги опфаќаат сите предмети, постапки или појави во организацијата што имаат одредено значење за нејзините членови. Симболите на организациската култура можат да се поделат во три групи: семантични симболи, бихевиористички симболи и материјални симболи.
5. Во семантички симболи спаѓаат: јазикот и жаргонот на организацијата, приказните, митовите и легендите кои се раскажуваат како и метафорите кои се користат.
Една од карактеристиките на културата на организацијата се нејзините настојувања да формира сопствен јазик. Јазикот служи како пропусница на членовите на организацијата и како бариера за оние кои не се нејзини членови. Во организацијата се формира посебен организациски речник кој го користат членовите на организацијата во секојдневната комуникација и контакти. Компанијата Nike развила жаргон Ekin кој читан одзади на Nike, ги означува лојалните работници кои ги информираат купувачите и трговците на мало за последните иновации на Nike.
Приказните се важен симбол на организациската култура. Тие носат одредена порака. Таа порака претставува некоја вредност, верување или начин на однесување кои организациите настојуваат да ги зацврстат и да ги применуваат. Во литературата, позната е приказната за Хенри Форд II, како претседател на компанијата Форд Мотор. Сите менаџери кои станувале арогантни тој ги потсетувал дека неговото име е напишно на зградата на компанијата. Пораката била јасна: Хенри Форд управува со компанијата.
Митовите, претставуваат измислени приказни или непотврдени верувања. Најчесто, многу тешко може да се разликуваат од вистинските приказни.
Обично митовите не може да се проверат. Но, за нив тоа не е важно, бидејќи во нив се верува како во некоја догма, без сомневање за проверка. Метафорите се доста значајни средства за изразување на организациската култура. Секој збор има одредено значење, но кога одреден збор ќе го употребиме како метафора тој изразува не едно, но повеќе меѓусебно зависни значења кои даваат одредена склика. Ако за организацијата зборуваме дека е фамилија, тогаш тоа значи дека организацијата има татко-генерален менаџер, има помлади членови врботени во организацијата, постари членови-менаџерскиот тим и дека помладите членови треба да ги слушаат постарите членови и дека постарите членови треба да се грижат за помладите. Во бихевиористички симболи влегуваат: ритуалите и церемониите.
Ритуалите се програмирани акивности и постапки кои имаат цел не само да предизвикаат определен ефект, но и да пренесат определени културни вредности и верувања.
6. Како навики во организацијата тие се сметаат како сосема вообичаени настани. За разлика од ритуалите, церемониите се нешто посебно што вработените долго го паметат. Ако на пример, во некоја јапонска компанија, вработените работниот ден го почнуваат со утринска гимнастика, зборуваме за ритуалот поврзан со утринската гимнастика како посебен знак на таа организациска култура. За ритуал зборуваме и тогаш кога сите вработени еднаш неделно се собираат на заеднички ручек, заради дружење и подобро запознавање. Посебен ритуал претставува давањето соодветни подароци за вработените за 10, 20 или 30 години работен стаж. Ако некоја компанија, по некој повод, прави голема свеченост со посебна подготвена програма, тогаш тоа спаѓа во церемонија која средината и бизнисмените ќе очекуваат да се повтори при секој таков повод.
Материјалните симболи се највидлив дел на организациската култура. Во оваа група симболи спаѓаат материјални објекти како што се: надворешниот изглед на зградата, внатрешниот распоред на просториите и опременоста со мебел, начинот на облекување, логотипот на организацијата и сл. Зградите често се симбол на статусот и престижот на организациите, затоа големите светски компании избираат најдобро архитектонско решение. Мебелот, неговиот изглед и облик може доста да зборува за културата која се негува и практикува во организацијата.
Начинот на облекување на вработените и менаџерите може да ја изразува културата на претпријатието. Многу организации практикуваат иста облека на вработените, ист дизајн и боја. Логотипот го претставува заштитниот знак на организацијата и многу претпријатија се препознаваат според својот логотип, особено претпријатијата во автомобилската индустрија, БМВ, Мерцедес, Тојота.
Преземено од: Вработување NEWS
Остави коментар