Да се има успешна корпорација со висок профит и висока стапка на мотивираност на вработените претставува желба на секој сопственик на корпорација, односно на топ менаџментот кој што управува со корпорацијата. Традиционалниот пристап за успехот на корпорациите – производи и технологија, пристап до финансиски средства, итн. дава конкурентска предност, но многу помалку отколку на пример пред 20 години. Разликите помеѓу конкурентските корпорации сè повеќе се намалуваат, производите што тие ги нудат сè повеќе се со сличен изглед и дизајн, разликата во функционалноста на производите доколку постои сè повеќе се намалува, ентериерот на продажните простории е сè повеќе сличен. Она по што корпорациите вистински се разликуваат се само нивното однесување спрема клиентите, брзината на реагирање, начините на кои ги решаваат проблематичните ситуации, мотивираноста и насоченоста кон остварување на резултати, способноста за учење и компетентност, и се разбира, нивните вработени. Човечкиот елемент е единствен елемент кој конкуренцијата не може да го копира. Под бренд на корпорациите повеќе не се подразбира производот или услугата кои тие ги нудат. Брендот на современите корпорации се нивните вработени.
Не само што вработените се еден од најзначајните ресурси на корпорациите, тие исто така, се и најскапи и најпроблематични ресурси. Со оглед на фактот што значењето на човечките ресурси е се поголемо, управувањето со овие ресурси треба да се третира како стратегиски интерес на компаниите со кој се занимаваат повисоките нивоа на менаџмент. Човечкиот капитал директно е врзан со перформансите на корпорацијата и нејзината конкурентска предност.
Што всушност претставува управувањето со човечкиот капитал?
Управувањето со човечкиот капитал како деловна функција ги обединува функциите и задачите поврзани со луѓето, нивното привлекување, регрутирање, селекција, образование и други активности поврзани со обезбедување и развој на вработените. Оваа деловна функција поминала низ повеќе развојни фази низ историјата. Некогашната кадровска служба која опфаќала собирање на апликации, чување на персонални досиеја, распоредување и други главно административни активности преминува во Служба/Одделение/Сектор за управување со човечкиот капитал кој е стратешки партнер на топ менаџментот и кој треба да овозможи остварување на стратегиските цели на корпорацијата. Денешните сектори за човечки ресурси треба да овозможат и да осмислат стратегии за вработување на нови компетентни луѓе, за решавање на конфликти, конципирање на прецизни договори за вработување, да ја пратат проблематиката на персоналните даноци и други придонеси од примања по основ на договори за вработување, да осмислат стратегии за едукација на вработените, мерење и анализа на изведбата, учинокот и продуктивноста на вработените и сл.
Во последната деценија се развива потполно нова филозофија на менаџментот со човечки ресурси кој означува враќање на пристапот кон човекот како комплексно и единствено, емоционално и ирационално битие, а не исклучиво рационално битие. Од менаџерите се бара почитување на битни карактеристики: доверба, децентрализација, дистрибуција на информации и знаење, образование, обучување на вештини, јасна улога и одговорност, слобода во дејствување, повратна информација, мотивирање и поддржување. Менаџерите на сите сектори мора да претставуваат линк помеѓу вработените и корпорацијата, сите тие се всушност менаџери за човечки ресурси, бидејќи управуваат со своите луѓе и треба да ги насочат кон остварување на целите на корпорацијата, а во исто време да ги направат среќни и задоволни. Главната улога и на менаџерот на секторот за управување со човечки ресурси е да се осигура дека вработените се задоволни, бидејќи така тие постојано ќе ја зголемуваат продуктивноста и профитот во корпорацијата, без разлика на нејзината големина, географската положба или дејноста со која се занимава.
Глобалниот пазар на труд се менува, а со него и трендовите во подрачјето на управувањето со човечки ресурси. Вработување за “цел живот“ веќе е минато, од вработените се бараат специфични знаења и вештини за да бидат конкурентни, а работодавците пронаоѓаат нови начини на регрутирање и задржување на квалитетните вработени.
Денешната функција на управување со човечките ресурси е сè повеќе бизнис партнер во корпорацијата. Оваа функција ќе биде во служба на иднината на корпорациите. Основните процеси на управувањето со човечките ресурси се еднакви во целиот свет. Корпорациите треба да обратат големо внимание на стратешкото планирање, регрутирање и селекција, усовршување и следење на работната успешност и етичкото работење. Оние корпорации кои ќе ги игнорираат овие процеси ќе се стават во многу неповолна положба на пазарот.
За жал, може да се констатира дека во Република Македонија се уште управувањето со човечките ресурси не е приоритет. Голем дел од корпорациите во Република Македонија сè уште не ја препознале вредноста која што ја испорачува функцијата управување со човечките ресурси. Тие сметаат дека се премали или имаат други приоритети, а не сфаќаат дека всушност само оние компании кои пронашле компетентни кадри, обезбедиле мотивирани и задоволни вработени ќе имаат задоволни клиенти и ќе си обезбедат долгорочно, безбедно работење во иднина. Во некои пак компании постоењето на сектор или човек задолжен за управувањето со човечките ресурси го сметаат за тренд, помодарство, без притоа да го има вистинското значење и улога во компанијата. Недостатокот на знаење може да предизвика неуспех, па дури и голема штета во управувањето со човечките ресурси и покрај најдобрите намери.
Недостатокот на образовани луѓе од оваа област може да биде многу штетно. Оваа интердисциплинарна функција треба да ја вршат луѓе со голем интегритет, со големо знаење од областа на економијата, правото, индустриската психологија, финансиите, здравјето и заштитата на работно место, етиката, како и вешто да ракуваат со алатките и вештините за регрутација и селекција, тренинзи и развој, компензација и оценување на изведбата на вработените, интерна комуникација, решавање на конфликти и слично. Овие луѓе, исто така, треба да поседуваат добро знаење за основниот бизнис на компанијата за да нивните препораки овозможат добивање на додатна вредност на компанијата. Постојат многу начини, а менаџерите за човечки ресурси треба добро да ги знаат и да ги применуваат за да овозможат постигнување на состојба кога вработените доаѓаат на работа среќни, а истовремено ја зголемуваат вредноста на компанијата.
Во време кога во Република Македонија има голема невработеност (околу 40% од работоспособното население е невработено), а до вработување се доаѓа сè потешко, треба точно да се знае кои квалитети и вештини треба да ги поседува секој потенцијален вработен. За секоја компанија или посебен вид на работа постојат специфични вештини потребни за одредено работно место, но она што секој вработен треба да го поседува е добро образование (формално и неформално), познавање на странски јазик, како и работа со компјутери, а исто така потребно е и познавање и разбирање на моменталните глобални трендови, бидејќи сите сме на глобалниот пазар. Покрај знаење, од вработените се очекува извршување на работните задачи, волја за разбирање на проблемите на компанијата, како и тимска работа. Барани особини кои треба да ги поседуваат вработените се: проактивност, лојалност, етичност и желба за учење.
Ние веќе сме на глобалниот пазар. Бурните промени во окружувањето ќе условуваат револуционерни промени, како што се промени во организирањето на корпорациите. Денес, корпорациите дејствуваат во окружување кое бара поинаков пристап, поинаков начин на размислување и поинаква структура. Новите начини на размислување треба да ги редизајнираат системите каде луѓето треба да се стават на прво место.
Фокусирањето кон човечките ресурси ќе претставува клучен фактор за успех на современите корпорации, а тоа имплицира еволуција во самата содржина на менаџментот за човечки ресурси. Современите корпорации сè повеќе ќе го користат стратегискиот пристап во управувањето со човечките ресурси, а тој ќе стане клучна област во целокупниот стратегиски менаџмент на овие корпорации.
Aвтор: М-р Тања Николова Маневска е овластен соработник на Синергија Плус – Прва Агенција за финансиска писменост во Македонија. За повеќе информации за како помудро со личните финансии посетете го веб порталот на http://www.sinergijaplus.com/
Остави коментар