Живееме во тешко време на финансиска криза, беспарица, заглавени во борбата за егзистенција, секој ден прашувајќи се како ќе ги задоволиме најосновните животни потреби.
Струјата ми е исклучена, но немам пари да ја платам…
Телефонот ми е исклучен во еден правец поради неплаќање
Ме отпуштија од работа…
Не можам да најдам работа.
Немам пари да си го школувам детето.
Ова се само мали извадоци од секојдневните животни приказни на сè поголем број граѓани во Македонија кои спасот од тешката финансиска состојба најчесто го гледаат во позајмиците. Оние пак кои веќе користат краткорочни заеми, молат истите да им се заменат со подолгорочни, несвесни, а некои дури и свесни, дека со понатамошното позајмување стануваат долгогодишни заложници на сиромаштијата. Пред шалтерите на комерцијалните банки долги се редиците составени од луѓе кои чекаат да ги поднесат документите потребни за да добијат заем. А просечниот долг пак, кон банките изнесува 2.200 евра по глава на жител.
Банките пак, како последица на големата побарувачка на кредити, од една страна, и сè почестите случаи кога граѓаните немаат можности истите да ги отплатат во целост, од друга страна, воведуваат поригорозни критериуми при оценувањето на документите за кредитна способност на граѓаните врз основа на кои им се одобруваат кредитите. Исто така, зголемени се и каматните стапки на кредитите. Банките се поригорозни и во контролата за отплата на ратите од кредитот и веднаш реагираат, и за најмало задоцнување. Чести се тужбите од банките за неплатени рати или ненавремено плаќање на рати за кредит, а тоа значи и дополнителни трошоци по граѓаните.
Прашање е колкумина од оваа категорија на граѓани која живее на вересија, за жал не така малобројна во Републиката, се свесни за цената на чинење на кредитите во моментот кога ги поднесуваат документите за добивање на кредит од банките. Колкумина од нив ги познаваат механизмите кои ги вовлекуваат сè подлабоко и подлабоко во должничко ропство?
Не помалку тажна и тешка е и состојбата на онаа категорија на граѓани, кои спасот од финансиската криза во која се западнати, го бараат во позајмици од лихвари. Во вакви пак случаи, релативно чести се и физичките пресметки и ликвидации помеѓу должниците и доверителите.
Кој е виновен за ваквата состојба? Ова прашање често се поставува, барајќи го виновникот. Дежурен виновник е се разбира државата, Владата, па потоа работодавецот кој дава мала плата или ви дал отказ, потоа банките кои успеале да ве заведат со својата агресивна реклама и успеале да ви го исперат мозокот со невистини дека должничкиот живот ќе ве направи богати и среќни, во стилот на кампањите Имаш и кога немаш и други слични.
Но, знаете ли што? Воопшто не е важно кој е виновен! Вистината е дека не можете да бидете богати во новчаникот додека не станете богати во главата.
Затоа, престанете да трошите време и енергија во изнаоѓање на виновник за претешкиот и прескап живот на вересија. Насочете се кон она што е поважно: Научете зошто на некои луѓе им се случува сето тоа? Кои се механизмите кои создаваат обврски? Научете како функционираат каматите и каматно каматните ефекти?
Насочете се кон препознавање на проблемот, зашто само така имате можност да дојдете до решение на истиот. Отфрлете ја теоријата на толпата дека кредитите се нужно зло. Откријте дека секој, доколку сака, може да ги елиминира кредитите ако истите го вовлекуваат во должничко ропство и го осиромашуваат.
За почеток, научете како функционираат парите. Немојте ова да го сфатите како догма, бесмислена философија или слично. Запрашајте се: Зошто богатите стануваат сè побогати, а сиромашните сè посиромашни?
Денес се соочуваме со сериозна промена на демографската структура на населението, не само во Република Македонија, туку во целиот свет. Имено, средната класа полека, но сигурно исчезнува, како што е сигурно дека ледот од северниот пол се топи. За сметка на тоа ниската класа, сиромаштијата, расте. Тоа може да се забележи од фигурата прикажана подолу. За експертите од оваа област, ваквата промена на демографската структура на населението е сериозен проблем од глобален карактер.
Многумина имаат погрешно сфаќање во врска со овој проблем. Мислат дека лесно се станува богат доколку се има почетен капитал. Како ќе се објаснат тогаш банкротствата што им се случуваат и на екстремно богатите луѓе и да ги доведат до просјачки стап? Можеби ќе дојдете до вистинското решение на проблемот доколку сфатите дека богатите стануваат сè побогати затоа што знаат за начинот на функционирање на парите повеќе од останатите луѓе. И токму оние богати луѓе кои ја знаат функцијата на парите, ги вложуваат своите средства во инвестиции кои создаваат имот на кој постојано му расте вредноста, а со тоа расте нивното богатство. Тие постојано ја зголемуваат својата актива (имот) преку ставки кои носат пасивен приход за покривање на нивните трошоци и обврски без притоа да работат, а згора на сè остануваат доволно средства за нови инвестиции.
Немојте да им завидувате на богатите, станете еден од нив. Престанете да живеете од плата до плата.
Научете да создавате за себе можности за дополнителни извори на приход, покрај платата, научете да ја планирате финансиски својата иднина.
Почнете да го живеете менталниот склоп на богатите во светот на парите.
Почнете да живеете живот без кредити, без хипотеки, без минуси и без други долгови.
Aвтор: Тања Чачоровска Илиевска е овластен соработник на Синергија Плус – Прва Агенција за финансиска писменост во Македонија. За повеќе информации за како помудро со личните финансии посетете го веб порталот на http://www.sinergijaplus.com/
Остави коментар