Врвните менаџери станаа најдобрите клиенти на здравствените институции
Многу големи компании бараат редовни здравствени прегледи за своите менаџери, сe со цел да ги заштитат своите најскапи ресурси-талентираните луѓе. Всушност, познато е дека баш водечките луѓе во една компанија се константно изложени на стрес и веќе во своите рани триесетти години се истрошуваат. Уште пред десет години експертите од Шведска ги предупредија здравствените организации дека последиците од секојдневната работа под притисок се многу сериозни затоа што предизвикуваат стрес. Стресот стана епидемија на 20 и 21 век, а предизвикува дури 80% од сите познати болести.
Платени прегледи
Во болестите кои се предизвикани од стрес спаѓаат зголемен крвен притисок и холестерол, артериосклероза, мозочен и срцев удар, гастритис, болест на тироидната жлезда и психичка нестабилност како што се депресија и анксиозност. За да ја спречат целата низа на такви болести, компаниите на високопозиционираните менаџери им плаќаат прегледи кои вклучуваат севкупни испитувања како што се преглед на крвта, тестирање на видот и слухот, преглед на срце, тестирање за рак, остеопороза како и други хронични заболувања.
Според магазинот Форчн, 22% од фирмите од нивната листа на 500 најголеми светски компании, на своите директори им нудат систематски преглед, но и релаксирање во велнес и спа-центри. Очигледно дека тоа не е евтино, затоа што сметките ги плаќаат вработените, а не осигурителните компании. Најскапиот дел од тие прегледи е компјутерската томографија –КТ, како и снимање на срцето, дури и на целото тело. Меѓутоа, експертите за превентивна медицина предупредуваат дека во тој случај повеќе прегледи не значат дека дијагнозата е подобра. Докажано е дека дури по неколку превентивни прегледи се препознава болеста пред да направи поголеми последици и компликации. Американската организација за превентивна медицина составена од независни експерти смета дека во превенцијата клучна улога играат и прегледите што се однесуваат на проверка на нездравите навики како што се пушењето, консумацијата на алкохол, лоша исхрана и недостиг на вежбање.
Сомнителни точки
Исто така треба да се следи и состојбата на тежината, крвниот притисок и нивото на холестерол. Се препорачува и ултразвук на абдоминалната аорта кај мажите од 65 до 75 години, мамографија за жени над 65 години како и колоноскопија за двата пола. Најскапиот дел од прегледот е снимањето на целото тело и затоа не се препорачува од повеќе причини. Најпрво, користа од тоа КТ снимање не е докажана затоа што во многу случаи излегува дека е “погрешно позитивно”. Често се препознаваат сомнителни точки за кои што подоцна се воспоставува дека се бенигни. На тој начин се зголемува стресот и бројот на инвазивни тестирања.
Исто така може да бидат и “погрешно негативни”, односно да даваат чувство на сигурност додека болеста си се развива. Потребно е да се води сметка и за радијацијата при тестирањето. Податоците говорат дека КТ скенирањето е исто така радиоактивно колку и 400 рендген снимања на белите дробови, а на секои илјада луѓе изложени на таков вид радијација, еден добива рак како последица на тоа.
Постојат многу поверодостојни, поздрави и поевтини методи за откривање на болести кои се предизвикани од стресот и наместо КТ тестирање може, на пример, да се постави прашањето за стегање во градите кое може да ги индицира болестите на срцето. Треба да се спомне дека центрите за компјутерска томографија се често оддалечени од местата на живеење и одземаат многу време, а токму времето е пари за менаџерите.
Преземено од: Неделен магазин Капитал
Остави коментар