Како до работата која ќе ја работиме со насмевка?
Голем број кандидати не успеваат да дојдат до посакуваната работа, не поради недостаток на информации за пазарот на труд, туку поради недостаток на информации ЗА НИВ САМИТЕ.
Ричард Н.Болс, ”Која боја е твојот падобран?”
Резиме
Изборот на работата која ќе ја работиме спаѓа меѓу најважните одлуки кои човек ги носи во својот живот. На кој начин доаѓаме до изборите кои ни го одредуваат патот по ќе се движиме, каде ќе стигнеме и кои вредности ќе ги создадеме преку нашата работа? Дали сме во состојба свесно да избираме и креираме посакувана кариера или само одговараме на можностите кои ни се отвораат? Колку повеќе внимание посветиме на прашањата кои се важни при изборот, толку поголема е веројатноста дека ќе успееме да влијаеме на целта и текот на патувањето. Процесот на самопроценка во кариерното советување е еден од методите за креирање на слика за кариерата која сакаме да ја реализираме, а се изведува преку сет од прашања и одговори кои се рангираат по важност. Во текстот се дадени некои од прашањата за самопроценка кои водат кон идеата за посакуваната работа.
Процес на самопроценка
Колкупати сте се нашле во ситуација да слушате како некој со страст раскажува за својата работа и сте помислиле – овој навистина имал среќа! Колку добра работа има! Сепак, кога би сте се нашле на неговото место, веројатно приказната би била различна – затоа што секој е различен, со уникатен сет од познавања, вештини и барања. Или можеби работата за Вас е само работа, нешто што само Ви носи некој износ, плата на крајот на месецот? Дури и во тој случај, веројатно би сакале освен износот на крајот на месецот, работата да Ви носи и насмевка на лицето наутро, кога ќе помислите како ќе Ви помине денот. А тоа како ни поминува денот, води кон тоа како ќе си го поминеме животот, што секако е интересно и важно прашање.
Процесот на самопроценка е искрен разговор со самите себе – за нас самите. Овој разговор веројатно ќе потврди нешта кои веќе ги знаеме, а на некои прашања ќе даде сосема нови одговори. Тие одговори ќе ни ја дадат сликата за кариера според личните потреби и барања. Преку овој процес, можеме да дојдеме поблиску до исполнета животна цел и лична мисија. Па да тргнеме.
За секоја од темите подолу се даваат серија од одговори (на некои од прашањата листа од поими кои понатаму се рангираат по важност, на некои ранг од типот “од-до”). Одговорите можат да се запишуваат на еден поголем лист хартија, кој на крај ќе стане нашата слика за посакуваната работа.
Кој(а) сум јас?
Запишете барем 10 поими кои Ве опишуваат како личност. На пример – жена, мајка, сопруга, советник за кариера, ќерка, колешка, сосед. Или – маж, менаџер, тенисер, возач…Под секој поим напишете кратко објаснување што за Вас значи таа улога, што Ве прави среќен, зошто ја сакате улогата. Рангирајте ги улогите по приоритет (важност само за Вас). Збирот од коментарите во делот “Што ме прави среќен” e прв чекор кон описот на кариера која ќе одговара на Вашите многубројни улоги (на пример, кариера која ќе Ви овозможи посветеност и можност да помагате на луѓето околу себе, ќе има спортски дух, итн.)
Кои се моите вредности?
Вредностите се сет од верувања вткаени во нашето разбирање на светот кои ги земаме како неменливи и постојани. Овие верувања се како втемелена основа на која понатаму несвесно градиме “докази” дека нашите вредности се најважни и вистински. Се смета дека вредностите се усвојуваат во периодот 1-7 годинa, од луѓе кои се грижат за детето (родители, роднини, учители). Вредности се на пример: искреност, чесност, грижа за блиските, желба за победи и слично, и често се поврзани со животната цел и мисија.
Од аспект на кариера, вредностите ја определуваат и Вашата “сцена” – што е тоа што најмногу Ве “влече”? Кои се областите во кои најмногу сакате да придонесете – на пример развојот на мислата, науката, повеќе материјални богатства, совршеното тело, што е за Вас најважно? Многу често, од клучна важност за успехот на едно работно место е прашањето до кој степен личните вредности се во согласност со вредностите кои ги застапува компанијата. Обично тие се составен дел од мисијата и визијата и секако е добро да се знаат при прифаќањето на понудената работа.
Значи – составете листа на Вашите вредности (може да се 10, или повеќе) и рангирајте ги по важност. Ете, токму тие нешта се важни за Вас, па испитајте како стои по тие прашања компанијата во која сте се пријавиле за работа.
Кои се моите познавања?
Размислете за познавањата и експертизата стекнати до сега, а кои сакате да ги употребувате во работата и животот воопшто (секако има и такви кои, доколку има можност, би ги сметале за неважни). Овие познавања можат да бидат стекнати преку:
◦ Формално школување
◦ Компанијата, низ работа
◦ Конференции, семинари
◦ Самостоен развој – книги, списанија, ТВ, интернет
◦ Разни хобија, волонтерска работа и сл.
Запишете ги областите на познавања и специфичната експертиза, листа од на пример 10 области. Направете матрица– познавање/ентузијазам (некои познавања, како на пример од областа на географијата ги имам, но воопшто немам ентузијазам да ги употребувам!). Кои познавања би уживале да ги применувате, продлабочите, пренесете на други? Бидете слободни, пишувајте искрено, дури и ако тоа се сосема необични познавања. Ова е важен дел, меѓу основните насоки за идеалната работа за Вас!
Кои се моите (преносливи) вештини?
Овие вештини се основните состојки на посакуваната работа. Тие се важен дел од рецептот за работата која ја работите да Ви биде интересна! Преносливите вештини не се карактеристика на личноста или стил на работа. Се работи за стекнати вештини кои можат да се применат во разни ситуации и средини. На пример, пренослива вештина е спроведување истражувања од различни типови, а стил на работа е – склоност кон внимавање на детали, прецизност (која секако помага во истражувањата, но не е иста со вештината). Според Sidney A.Fine, вештините можат да се групираат во три генерални категории:
Работа со податоци
◦ Споредба, копирање, процесирање, анализирање, координирање, синтетизирање/извештаи итн.
Работа со луѓе
◦ Служење-следење, инструкции-помагање, зборување, убедување, супервизија/надгледување, давање инструкции, преговарање, менторирање, итн.
Работа со предмети
◦ Користење, контролирање, прецизно работење, составување и сл.
Направете листа со Вашите преносливи вештини, размислувајќи на сите позиции на кои сте биле, но и на работите кои ги извршувате дома, во заедницата. Рангирајте ги по важност. Кои од овие вештини би сакале да ги содржи вашата идеална работа?
Во каква средина сакам да работам?
Поточно, прашањето тука е – со какви луѓе сакам да работам? Замислете дека се наоѓате во една соба со 6 агли, и во секој од тие агли се сместени луѓе кои работат во одредена средина, во секој агол се наоѓа една од следните работни средини:
◦ Реалистична – R
◦ Истражувачка – I
◦ Уметничка (Artistic)- A
◦ Социјална – S
◦ Претприемачка (Enterprising) – E
◦ Конвенционална – C
Изберете каде би застанале Вие прво, каде следно, каде како трет избор? На пример –еден тип би можел да биде – SEI (избор – социјална, па претприемачка, па истражувачка средина). Според Holland и тн. RIASEC модел, оваа вежба ни помага да одредиме каде “природно” се чувствуваме комотно во својата кожа, преку избор на најмногу три типа средини (во реалноста, најчесто се работи за комбинација). Да земеме пример еден програмер на кој му се наметнуваат строги правила на деловно облекување, кој треба да работи со колеги кои се примарно во “aголот” на конвенционалната група. Колку ќе биде среќен на својата работа?
Откријте ги овие одговори за себе. Размислете и за работните услови – што би сакале, што Ви сметало во минатото? Строга хиерархија, правила или пак флексибилно работно време и фокус на резултатите?
За која плата и на кое ниво и би сакал(а) да работам?
Веќе видовме кои нешта освен платата се важни за да дојдеме до работата која ја сакаме. Што е со платата? Лесно е, би рекле – што повеќе, тоа подобро, но сепак, одредете ги границите. Минимум – средствата кои Ви се потребни за одржување / напредување на животниот стил. Имате кредит, автомобил на лизинг, дете кое го школувате во странство? Направете листа. Максимум – проценет износ со која би биле задоволни, пред самите себе. Не се споредувајте со други, овде станува збор за Вас.
Исто така, бидете реални и не се фокусирајте на износот – тој е и апсолутна вредност, но и релативен во однос на тоа што ќе се бара од Вас на работното место. Би го прифатиле ли максималниот износ за плата на позиција која ќе бара чести патувања и отсуство од домот? Или пак, дали платата би била пресудна во одлуката да прифатите работа која е токму тоа што го посакувате?
Размиелете и за следното – во која смисла за Вас е важно нивото, самата позиција и титула? Сакате сами да одговарате за сопствената работа и се стресувате од помислата некому да доверите важна задача? Да раководите со тимови или да добивате јасни задачи од надредениот? Единствено Вие ги имате одговорите точни за Вас.
Ете, толку за сега. Погледнете го листот со одговорите. Тоа е почетната скица на идеалната работа за Вас! Продолжете да запишувате, имајте го листот при рака, потсетете се што Ви е важно пред интервјуто за работа за кое се подготвувате. Некогаш се случува одговорите да го променат нивото на важност, како што се менуваат личните приоритети. Бидете свесни за тоа, менувајте, дополнувајте.
Наместо заклучок
Колку се појасни и поискрени одговорите, толку сте поблиску до работата која ќе ја работите со страст, ќе ја работите одлично и со сета своја експертиза и ентузијазам. Веќе сте чекор поблиску до насмевката наутро пред одење на работа, дури и во понеделник наутро. Не се откажувајте по овој прв чекор, продолжете упорно кон Вашата цел и верувајте дека ќе стигнете до неа! Искуствата покажуваат дека соработката со професионални лица во доменот на кариерното советување во голема мера помага во успешен пат до посакуваната цел. Размислете и за таа опција.
Интересно, но со тоа не добивате само Вие – добиваат и компаниите кои имаат вистински луѓе на вистинските места. Тие имаат вработени кои уживаат во својата работа, се одлични во тоа што го работат и го даваат на клиентите. Тоа, се разбира води кон задоволни, лојални клиенти и одлични деловни резултати. Добрата самопроценка значи и дека во развојот на кариерата Вие точно ќе знаете што барате и на кои компромиси сте подготвени. Со тоа, подобро ќе се преставувате себеси и тоа што најдобро можете да го понудите на компанијата. Значи, има повеќе добри причини да се стремиме кон насмевката кога одиме на работа, нели?
Самопроценката е и прв чекор кон поставувањето на брендот наречен со Вашето име – ја имате суштината на тоа кои сте, каде одите, што имате да понудите на компанијата и општеството. Но, тоа е уште една интересна тема сама за себе.
Aвтор: Наташа Ивановска e сертифициран тренер за комуникациски вештини на Persona Global од САД, учесник на обуката за Бизнис Коучинг на Erickson Coaching College од Канада и сертифициран Советник за кариера по GCDF програмата (Global Career Development Facilitator). Работи како Оперативен директор на агенцијата Genesis Communications. Контакт: natasa.ivanovska1 (at)
Остави коментар