Од време на време, на берзите се појавуваат периоди во кои дивидендите на акциите во просек се повисоки од каматите на долгорочните обврзници. Тоа и не е така честа појава, но се случува во периоди кога инвеститорите бараат дополнителна премија за преземениот ризик од вложување во акции. А токму таков период беше присутен есента 2011 година. На берзите бележевме зголемена несигурност, која пред сè се должи на промената во односот на инвеститорите кон пазарниот ризик.
Доколку го анализираме ваквиот, да го наречеме ревидиран однос кон ризикот, многу е интересен фактот, што инвеститорите се фокусираат главно на краткорочен временски период, за разлика од долгорочниот аспект на приказната, кој во тие моменти е целосно игнориран. Тоа убаво се забележува и од изјавите на берзанските експерти, во кои поголемиот дел од нив, се занимаваат со барање на одговори за моменталната несигурност. Можеби тоа е поради непредвидливоста, која во моментиве е толку голема, што не остава простор да се размислува што евентуално би ни донела иднината. Говорејќи за оваа непредвидливост, фокусот на нашите мисли е насочен пред сè на блиската иднина. Кај вложувањата пак со долгорочен временски хоризонт, филозофијата останува непроменета – очекуваме раст и развој. И повторно во прв план се појавуваат резултатите кои историјата многукратно ги повторила: на долгорочен период акциските пазари остануваат најдобриот избор.
Историјата говори и дека во разгледувани различни десетгодишни периоди, повремено се соочуваме со негативни моменти на пазарот на капитал. Доколку пак тие периоди ги продолжиме дополнително – да речеме на дваесет години, се појавува слика за пазарите на капитал која малите инвеститори во моментов не сакаат да ја погледнат. Таа слика говори дека акциите се разумна инвестиција, која долгорочно носи повисок принос во однос на другите форми на штедење. Ваков поглед кон долгорочноста е паметно да се има во денешно време кога се соочуваме со зголемена недоверба на инвеститорите во пазарот на капитал.
Но, за да не се залетаме непромислено во купувањето акции, добро е да се потсетиме уште еднаш на основните правила на играта – диверзификацијата и постепеното вложување.
Диверзификација
Диверзификацијата не претставува ништо друго туку почитување на древната мудрост: не ги носете сите јајца во иста кошница. Секако, во денешно време не е лесно да се изберат и комбинираат вложувања кои целосно се разликуваат едни од други, што упатува на заклучок дека за малите инвеститори е многу поразумно да ги изберат инвестициските фондови како опција за пристап до пазарот на капитал, поради фактот што тие поседуваат „фабрички вградена“ диверзификација.
Постепено вложување
Второто правило односно постепеното вложување пак е пристап кој не се занимава со прашањето дали моментот е добар за вложување или не. Тоа едноставно ја прикажува нашата цврста одлука дека дел од месечните примања наместо да ги потрошиме ќе ги насочиме кон штедење односно вложување. Најлесен начин за реализација на постепеното вложување е програмираниот план кој функционира по принципот: зрно по зрно – погача.
Кога ќе го прифатиме пазарот на капитал на овој начин, верувам дека сме на добар пат лесно да ги надминеме кризните периоди кои се составен дел на економските циклуси. Се разбира, при креирањето на програмираниот план е многу важно јасно да ги утврдиме целите на вложувањето, нашите очекувања и односот кон преземениот ризик. Кога овие патокази ќе бидат поставени, планот потоа, многу лесно се следи.
И сега можам слободно да се вратам на темата на приказната: без оглед на последните случувања на берзите, акциите на долг рок остануваат добар избор за постигнување на посакуваниот принос. Без никакво сомневање.
Автор: Матеј Томажин, член на Управниот одбор на KD Skladi d.o.o Ljubljana и на Одборот на директори на КД Фондови АД Скопје. Матеј Томажин дипломирал на Економскиот факултет во Љубљана. Долгогодишното работно искуство во финансиската индустрија започнал да го стекнува како аналитичар, брокер и портфолио менаџер во брокерската куќа и друштво за управување Илирика (1996-2005 година). Покрај тоа учествувал во работата во словенечките друштва за бизнис консалтинг Firast и JETO5. Во 2006 година во Хрватска го основал друштвото за упраавување со инвестициски фондови Alfa Invest каде бил претседател на управниот одбор до 2009 година. Пред стапувањето на функција во KD Skladi Љубљана бил претседател на управниот одбор на друштвото за управување KD Investments од Загреб. Како автор на колумни и берзански коментари е редовен соработник на главните словенечки финансиски медиуми.
Остави коментар