Да се пронајде вистинската личност за одредена работа е многу тешка задача. Оптимална ситуација е кога сте успеале вистинската личност да ја ставите на вистинското место. Тогаш и поединецот и претпријатието се задоволни. Поединецот ќе даде максимум кога работи работа која му дава можност да ги покаже своите квалитети. Фирмата профитира кога луѓето се задоволни и активни. Ако било која страна во случајов е неурамнотежена, сите страдаат. Доколку поединецот е незадоволен и не е доволно ангажиран, профитот паѓа.
Многу мали и средни фирми организацијата ја градат околу талентираните поединци, односно одредени клучни личности. Тоа може да доведе до сериозни проблеми кога организацијата планира понатаму да се развива или кога клучните луѓе си заминуваат.
Предност на агресивните
Големите претпријатија имаат тенденција да им даваат предност на агресивните луѓе и да допуштаат изградба на структури кои може, но и не мора да бидат во интерес на организацијата. Таму каде што работата на поединецот е одмерена и дефинирана, непродуктивноста е сведена на минимум. Дефинирањето на работата треба да се заснова на главната стратегија на фирмата, а потоа да се развива кон пониските оддели, сe додека не се стигне до секое поединечно работно место.
При појавувањето на работа секој работник има право да знае што се очекува од него. Тоа најдобро се прави врз основа на писмени понуди и посебни оцени. Описот на работата треба да содржи најмалку: ланец на наредби, посебни задачи и функции, проценка на работата, преглед на работата и стандарди за напредување.
Секој поединец треба да знае дали добил или изгубил со оглед на неговиот придонес во претпријатието. Претпријатијата повеќе внимаваат на точноста во времето на доаѓање и заминување од работа отколку на самата продуктивност. А работниците тоа многу брзо го прифаќаат, бидејќи тогаш можат да ги задоволат бирократските барања кои успехот го одредуваат со исполнување на одредени технички барања. Работниците секогаш настојуваат на менаџерите да им пружат она што тие го бараат од нив. Ако внимавате на време, тие тоа ќе го направат на време. Доколку посветите внимание на резултатите и продуктивноста, тогаш тоа ќе го добиете од работниците.
Претпријатие кое јасно го дефинирало описот на работите и ги утврдило мерките ќе го елиминира факторот ризик при престанок на работата. Работникот дневно ќе го мери факторот ризик следејќи ја работата на претпријатието и ќе знае дали фирмата работи успешно или не. Тоа исто така дава можност на секој поединец да го промени однесувањето доколку сака повеќе да заработи или да биде промовиран. Работник кој работи добро одредена работа ќе биде задоволен. Во спротивно тоа нема да биде во интерес за работникот, претпријатието или семејството на работникот. Кога работниците се успешни, менаџментот треба да им помога да се развиваат. Бидете внимателни кон работниците чие мислење е различно од вашето. Ако не сакаат да напредуваат во хиерархиската структура, тоа не мора да значи дека не ја сакаат својата работа и дека не сакаат понатаму да ја развиваат. Напредувањето не е единствен начин на развој. Различното образование е важна потреба на секое претпријатие. Често постарите работници ги подучуваат помладите како да се усовршат на работа. Бидете креативни и послушајте ја желбата на секој поединец.
Препознавање на разликите
Менаџментот треба да им помогне на луѓето со кои работи во остварување на нивните можности. Ако тоа не може да го направи, залудно е да се “забавува” со промена на целите на организацијата со што би ги задоволил потребите на неуспешните работници. Одговорноста се наоѓа во менаџментот, кој треба да се однесува коректно кон работниците, да ги задоволи ангажираните, а оние кои не се задоволни од својата ситуација (а не даваат резултати) да ги охрабрите да најдат некоја друга работа.
Водечките луѓе во претпријатието мораат да научат да ги препознаваат разликите помеѓу работниците. Треба да му помогнат на секој да се концентрира на она што го работи, а потоа мораат да пронајдат рамнотежа помеѓу тие луѓе и нивните можности со што би го осигурале успехот.
Доколку работникот е многу вешт во некоја работа, тоа не значи дека е и добар менаџер. Вештините кои се потребни за добар менаџер не секогаш се оние кои се потребни во производство, сметководство или продажба. Затоа често претпријатијата со унапредување на добар работник добиваат лош менаџер, а губат добар и продуктивен работник.
Нели е прекрасно чувството да се биде во тим на луѓе кој се како вас? Секој размислува на ист начин. Не морате премногу да се трудите да ги објасните разликите. Сите знаат што мислите и што се очекува од нив. Но, тоа е лесно да се направи. Дали совршен тим е оној во кој секој поединец е ист со другиот или оној во кој секој е различен, каде секој поединец донесува единствени вештини, а сепак сите знаат како меѓусебно да комуницираат. Вештините се однесуваат на способност, но комуникацијата бара и знаење и способност.
Облици на однесување
Луѓето се однесуваат како дел од групата, почитувајќи ги правилата кои се дефинирани. Кога почнувате со создавање на совршен тим, треба да поседувате различни облици на однесување за да направите рамнотежа. Наједноставен модел на стилот на однесување е оној од четири особини. Личноста може да биде директна, сигурна, влијателна и трезвена. Тоа е лесно да се научи и практично да се примени во работната средина.
Кога работите со совршен тим, ќе имате личности кои поседуваат некои од тие карактеристики. Бидејќи секоја личност е различна и внесува различна динамика во тимот во кој работи. Секој ги поседува сите овие црти на однесување во различни количини, што зависи од средината и од тимот во кој работи. Директната личност ќе се концентрира на одредување на задачата, ќе ја води до крај и ќе настојува да постигне резултати.
Влијателната личност ќе се концентрира на меѓучовечките односи. Таа сака тој однос на меѓусебни интеракции да биде комотен. Таа вештина е од непроценлива вредност во презентирање на идејата на менаџментот или на луѓето кои се надвор од централниот тим, и тоа доверливо и сигурно. Сигурната личност ќе ја собира групата. Доследно ќе ги извршува задачите и ќе биде зависен од другите. Одлично ќе ги следи донесените јасни одлуки.
Трезвената личност поцелосно ќе ја анализира секоја донесена одлука од било кој друг. Совршениот тим најдобро ќе функционира кога тој процес се одвива спонтано. Очигледно секој од овие стилови е различен, со различни интерси и дневен ред кој се однесува на тој процес. Ефикасната комуникација овозможува тимот да работи промислено.
Што го сочинува совршениот тим? Најпрво треба да се има колекција на способности во облик на збирни вештини. Тоа значи различни луѓе, различно образование, интелегенција и искуство.
Мора да се пронајдат луѓе кои позитивно размислуваат и кои имаат желба да учествуваат во работата на тимот. Нивното однесување ќе покаже кој има желба, а кој не. Ќе стекнете почитување или ќе го изгубите поради однесувањето. Не обрнувајте толкаво внимание на она што луѓето зборуваат ако работите иста работа како нив.
На крај, бидете сигурни во тоа дека сте ја осигурале различноста помеѓу луѓето. Работете учејќи како да комуницирате со толку различни луѓе. А за да бидете успешни треба со секого различно да постапувате. Ако со секого постапувата исто ќе бидете успешен на краток рок. За делотворна комуникација потребно е нешто повеќе од талент, таа вклучува доверба, почитување, разбирање, сочувство и одлучност.
Преземено од: Неделен магазин Капитал
Остави коментар