Современата технологија ја измени целокупната динамика на модерното работно место. Работните шеми и патот на кариерата драматично се менуваат како одговор на напредокот во комуникациите, компјутерите и технологијата, воопшто.
Исто така, помеѓу вработените во денешно време преовладува став да се напушти верувањето дека „една работа треба да се работи цел живот“ и да сменат неколку работни места за време на нивниот работен век. Повеќето вработени очекуваат да имаат барем две (најчесто сосема различни) кариери. Во идеални услови, првата треба да биде финансиски исплатлива, додека другата треба да донесе чувство на лична исполнетост. Сè повеќе расте трендот луѓето да направат стратешки чекори во кариерата по приближно четири или пет години поминати на добро платено работно место. На првата работа се гледа како обид да се воспостави високо профилирана кариера со максимални предности и заработка. Потоа следува период на повторна анализа и процена и се започнува со курсеви кои се предвидени како чекор поблиску до кариера која исполнува.
Интересни трендови во професијата и во кариерата кои неодамна се појавија на работното место.
Методи за процена на работата
Иако квалификациите остануваат значаен показател на способностите, компаниите веќе не претпоставуваат дека ако вработат лице со универзитетска диплома тоа значи дека ќе добијат некој од висок калибар и интелигенција. Личноста и комуникациските вештини стануваат сè поважни на работното место. Многу работодавачи користат психометриски тестови за процена како алатка за селектирање. Овие тестови се докажаа како ефективен метод за мерење на степенот на мотивација, вредностите, способностите за решавање проблеми и комуникациските вештини на кандидатот.
Ангажирање хонорарни соработници
Дефинитивно постои тренд кон користење услуги од надворешни субјекти („аутсорсинг“), краткорочни договори и ангажирање хонорарни соработници. Постојано вработениот персонал, изразен како процент на работната сила, се намалува. Како резултат на тоа, традиционалното чувство за идентитет на компанијата и лојалност, во одредени случаи се жртвуваат за сметка на предностите на намалувањето на трошоците и долгорочната ефикасност.
Преоптовареност со електронска пошта
Во денешно време, вработените се преплавени со пораки преку електронска пошта. Колку повеќе е-пораки добиваме, толку повеќе ни се одвлекува вниманието и се обидуваме да работиме побрзо за да надоместиме за изгубеното време. Најчесто е невозможно да се одговори на сите пораки и да се исчистат непосакуваните пораки. Преоптовареноста со електронски пораки доведува до фрустрација и ментален замор. Овој загрижувачки тренд сè почесто ќе влијае врз здравјето на вработените.
Домашни обврски
Мудрите работодавачи се интересираат за предностите ако им дозволат на вработените да можат да ги извршуваат своите електронски домашни обврски од својата канцеларија. На пример, купување преку интернет или праќање пораки на пријателите и семејството за домашните задачи. Долгорочно гледано, компанијата штеди време и се намалуваат телефонските сметки.
Канцелариски бес
Ова е неодамнешна појава. Компјутерите ослободија непријатен елемент на работното место. Караниците, раздразливоста и чувството дека сте надвор од контрола влијаат, помалку или повеќе, врз персоналот под стрес. Една деловна студија спроведена неодамна покажа дека неучтивоста и ефектите на канцеларискиот бес се главен извор на стрес на работното место.
Доверливост и следење на персоналот
Многу компании имаат инсталирано современа опрема за надзор на персоналот во канцелариите. Денес има тренд работодавачите рутински да ги набљудуваат и следат своите вработени и, како резултат, со послабите вработени се разговара за нивните лоши резултати во работата. Исто така, во многу фирми се следат електронските пораки, поради што доверливоста станува значаен проблем.
Агресивност на работното место
Од непознати причини, денешната работна сила станува сè поагресивна во своето однесување, воопшто. Позитивните ефекти на обуките за асертивност, кои беа многу популарни во деведесеттите години на деветнаесеттиот век, денес до одредена мерка се поткопани и асертивноста, во некои случаи, се смета за агресивност.
Денес вработените сè помалку се идентификуваат со корпоративната слика и немаат големо чувство за лојалност. Наместо тоа, има силен тренд пред сè кон бројот Еден, а ако тоа не функционира, вработените нема да се двоумат да продолжат понатаму.
Преземено од: Вработување NEWS
Остави коментар