Принципот на Петер, наречен по неговиот пронаоѓач Лоренс Ј. Петер, ги опишува законитостите кои се причина за неспособноста што владее во јавниот живот во целиот свет и во секое занимање. Оваа теорија нуди комплетна дијагноза на неспособноста, а кон неа и соодветна терапија, секогаш заснована на факти. Иако навидум многу провокативно, принципот на Петер е корисно и интересно четиво, напишано во сатирично-иронична форма.
Феноменот на неспособноста
Неспособноста ја наоѓаме насекаде. Постојат неспособни учители, неспособни судии, службеници, занаетчии, лекари или менаџери. Неспособноста не е ограничена само на една професија. Сепак, неспособните луѓе, особено оние коишто се на повисоки позиции, често оставаат впечаток на професионалци кои точно знаат што прават, а и постојано го прават најисправното. При подетална анализа, сепак, ќе се забележи дека немаат поим како да ја завршат својата задача, дека се губат во неважни работи или дури и дека донесуваат грандиозно погрешни и штетни одлуки, кои најчесто немаат катастрофални последици единствено затоа што неспособниот шеф обично има способни подредени, кои неговите погрешни одлуки ќе ги пренасочат на точниот пат без тој воопшто да забележи.
Петер има собрано и анализирано многу примери на неспособност. Тој притоа заклучил дека сите тие покажуваат одредени заеднички особености. Сите личности кои ги посматрал се наоѓале на позиции кои ги исполнувале квалитетно и целосно. Но, бидејќи тие се докажале како способни на тие позиции, биле унапредени на повисоки работни места, за кои биле несоодветни и неспособни. Од стотиците вакви примери, Петер го формулирал својот принцип:
Во хиерархијата, секој вработен тежнее кон повисока позиција, сè додека не ја достигне позицијата на сопствената неспособност.
Во пракса, овој принцип важи за секого, бидејќи сите ние сме на овој или оној начин вклештени во некаква хиерархија. Хиерархијата претставува опис на раководната структура на една организација, најчесто претставена преку пирамида, при што секој член на пирамидата зазема една одредена позиција или ранг. Способноста, со која еден вработен ги извршува своите задачи, го квалификува за премин или скок во позиција од наредното, повисоко рамниште. Така, секој вработен (под услов хиерархијата да има доволен број рамништа) со секое наредно унапредување е сè поблиску до позицијата која ќе биде над неговите способности. Tој ќе „заглави“ токму на таа позиција, оти преку неа не ќе може да се квалификува за наредното нив.
Петер го извлекува следниов заклучок:
По извесно време, секоја позиција ќе биде запоседната од вработен кој не е способен да ги извршува зададените задачи. Секако, не сите го достигнуваат своето ниво на некомпетентност истовремено. Вработените кои се на своето ниво, ја одржуваат организацијата функционална.
Значи:
Работата ја завршуваат вработените кои сеуште го немаат достигнато нивото на својата неспособност. Не е тешко да се најдат примери за ова во секојдневието: наставник добива унапредување затоа што е добар педагог. Еден ден, тој ќе стане раководител на актив или директор на училиштето. Но, тој на позиција ќе потфрли, оти тој е навистина добар педагог, но никако и добар администратор.
Службеникот, омилен колега, човек што најдобро ги извршувал задачите во тимот, бил унапреден во раководител на сектор. Станал многу лош раководител, оти тој воопшто не бил во состојба да управува со луѓе.
Отстапувања од принципот на Петер
Петеровото образложение за принципот е едноставно, докажано и логично. Сепак, постојат случаи во кои принципот очигледно не функционира. Петер се задржал и на овие привидни исклучоци и утврдил дека дури и тие можат да се објаснат од гледиште на неговиот принцип и дека и тие му се подредени:
1. Тивка сублимација
Во овој случај се работи за привидно унапредување. Шефот ја забележал неспособноста на вработениот и го преместува на друго работно место, на кое тој ќе биде подеднакво неспособен. Посматрачот од страна ќе биде залажан со ваквиот чекор, а за другите вработени внатре во организацијата, тивката сублимација ќе биде дополнителен мотив („ако тој можеше да биде унапреден, јас секако имам шанса“).
2. Страничен скок
Ова е исто така привидно унапредување. Неспособниот вработен добива титула на потпретседател на компанијата и задача да ја напише историјата на фирмата. Петер извлекува заклучок: колку е поголема хиерархијата, поедноставен е страничниот скок.
3. Инверзијата на Петер
Во своите истражувања, Петер заклучил дека вработените без можности за донесување одлуки работат особено прецизно и без отстапувања од рутината, без притоа да се прашаат дали нивната работа има логична цел. Овие вработени, на кои средството им е побитно од целта, тој ги нарекува работни автомати. Способноста на вработените во овие случаи се проценува од страна на претпоставениот, а не од надворешни лица. Ако вработениот работи прецизно, секогаш е послушен и никогаш не одлучува, тој ќе биде проценет како способен, затоа што соработката со него се одвива без конфликти, без оглед на тоа дали е тој ефикасен или не. Петер овие случаи ги нарекува инверзија, поради извртениот однос на средствата и целите.
4. Исклучување од хиерархијата
Понекогаш се случува најспособните вработени не само да не бидат унапредени, туку, напротив, отпуштени. Петер го објаснува овој парадокс со фактот дека компетентноста е поконфликтна од некомпетентноста. Супер- компетенцијата ја загрозува хиерархијата. Супер – компетентниот вработен затоа ќе биде исфрлен како комплетно неспособен. Хиерархијата не ги поднесува двете крајности (екстремната неспособност и екстремната компетентност).
5. Патерналистички пристап
Овде се работи за една особеност на семејните компании. Синот на сопственикот на компанијата не се сомнева дека ќе успее да го достигне повисокото ниво кое му е природно загарантирано. Тој прескокнува неколку рамништа и одеднаш се наоѓа на врвот на хиерархијата. Со тоа, тој само побрзо го достигнува нивото на својата неспособност.
Опседнатост со напредување и рецепти за достигнување на повисока позиција
Во своите истражувања, Петер го дефинирал следниов феномен: речиси никој вработен не се задоволува со долгото останување на иста работна позиција. Луѓето се опседнати со тоа да добијат повисоко работно место, чии барања ги надминуваат нивните способности. Петер дава неколку рецепти за побрзо стигнување до нивото на некомпетентност:
1. Протекција
Протекцијата се дефинира како однос на вработениот (преку роднинска врска, брак или познанство) со личност која стои повисоко во хиерархијата. Протекцијата се спроведува по пат на патронство или спонзорство. Патрон е личноста која помага во напредувањето кон повисоки позиции. Подобро од еден патрон е имањето на неколку патрони.
2. Амбиција
Протекцијата е поефикасна од амбицијата. Амбицијата се манифестира со доаѓање наутро прв и одење дома последен. Амбициозноста ќе ве направи симпатичен пред шефот, но колегите ќе ве презираат.
Дијагноза (Го имате ли достигнато нивото на сопствената некомпетентност?)
Петер дијагностицирал синдром на напредување кај многу лица. Овој синдром медицински најчесто се манифестира преку нервни нарушувања, чиреви на желудник или несоница. Покрај медицинските, евидентни се и психолошките манифестации на синдромот на успешноста. Ако можете да ги препознаете, ќе можете да утврдите дали вие, вашиот претпоставен или колега го има достигнато нивото на сопствената неспособност. Еве неколку манифестации на неспособноста од големата збирка на Петер:
Фонофилија
Опседнатост со поседување и истовремено користење на многу телефони, интерфони, интернет комуникации. Фонофилите се често луѓе со проблеми во комуникацијата и се обидуваат да ја надополнат празнината преку привидна комуникациска поврзаност.
Папирофобија
Папирофобот не може да поднесе хартија на работната маса. Тој остава впечаток дека веднаш ги завршува работите. Но, во суштина, него хартијата го потсетува на работата што ја мрази.
Папироманија
Спротивност од папирофобијата. Папироманот натрупува купишта хартија на работната маса и остава впечаток дека има повеќе работа отколку што кој било друг би можел да заврши.
Болна уредност
Наместо да ги обработува, овој некомпетентен работник постојано ги подредува документите. Тој тоа го прави за да не му остане време за нова работа што го плаши.
Табула-гигантизам
Опсесивна желба секогаш да се има поголема работна маса од колегите.
Ова се само неколку примери за синдромот на успешноста кога вработениот го има достигнато своето ниво на неспособност. Секоја сличност со вас или со личности во вашето работно опкружување е исклучено или сосема случајно.
Порив за напредување до ниво на некомпетентност
Поривот за напредување, кој се објаснува преку принципот на Петер, не е само индивудален проблем, туку проблем на целата историја на човештвото. Не само поединците се развиваат и напредуваат сè додека не го достигнат нивото на сопствената неспособност, туку и целото човештво: човекот од каменото доба станал човек од бронзено, железно доба, човек на ерата на техниката, компјутерите, астрономијата. Кога и дали човекот ќе достигне границите на сопствената неспособност? И, уште побитно, ќе успее ли да препознае дека е некомпетентен на одреден стадиум на својот развој?
Секоја власт, сеедно дали е демократска или диктаторска, мора да колабира кога нејзината хиерархија ќе созрее до ниво на некомпетентност за извршување на функциите.
Формулата на Петер гласи:
Ефикасноста на хиерархијата е обратно пропорционална со коефициентот на нејзината зрелост: Кога коефициентот на зрелост ќе достигне 100, хиерархијата станува нефункционална. Принципот на Петер би била неиздржана теорија кога не би давала и решение за излез од неминовноста на достигнување на нивото на неспособност. Може ли да се избегне ваквиот развој на поединците и системите? Одговорот лежи во старата мудрост: Раката што е вешта со чекан, може да разочара кога ќе го замени чеканот со пенкало.
Значи, наједностaвно би било да се избегнува или одбива унапредување. Но, кој би можел да одбие такво нешто? Во природата на човекот лежи поривот за напредување. Социјалната средина исто така од секоја единка очекува да се развива и напредува. Едноставното решение на Петер гласи: оставајте впечаток како да сте го достигнале нивото на својата некомпетентност! Или со други зборови: Никогаш не работи толку колку што мислиш дека можеш да сработиш!
Секако, постојат и други начини да не напредувате на работното место: побарајте ја за жена ќерката на шефот, паркирајте на местото на генералниот менаџер или доцнете на работа секој ден. Сепак, најсигурен рецепт за останување во удобноста на вашето совршено работно место е да се правите дека не можете да сработите повеќе од она што веќе го правите. Внимавајте само никој да не забележи дека избегнувате унапредување!
Преземено од: Вработување NEWS
Остави коментар