Интересот за претприемништво добива национални и меѓународни размери. Претприемништвото стана предводница на економскиот развој на градовите, државите, владите, а образовниот систем се повеќе ја согледува оваа промена. Образованието од секогаш било клучна точка на дневен ред на јавноста бидејќи секоја земја мора да направи промени во образованието доколку сака да направи промени во економскиот развој.
Претприемничкото образование помага да се препознаат можностите кои постојат во окружувањето. Се учи за демографијата на заедниците и пазарот кој може да ги поддржи бизнисите во таа област. Исто така, се идентификуваат бизнис партнери и се анализираат вештините потребни за да се раководи сопствен бизнис. Се лоцираат добавувачи и се определуваат финансиските барања за отпочнување сопствен бизнис. Ова се Клучните точки на образованието и животни вештини кои се решавачки во денешната економска клима.
Во САД се оди до таму што се развиваат Национални стандарди за содржината на претприемничкото образование, од страна на Конзорциумот за претприемничко образование. Според Др. Cathy Ashmore, Извршен директор на конзорциумот, овие нови стандарди ќе им помогнат на оние кои не биле толку среќни да имаат претприемач за член на семејството, да гледаат на претприемништвото како на бизнис опција. Исто така, ќе помогнат во развивање на вештини кои се неопходни за да се биде успешен откако ќе се започне сопствен бизнис. Успешните претприемачи демонстрираат комбинација од знаење, вештини и став дека можат да научат преку нивното животно искуство.
Претприемничкото образование е доживотен процес на учење, кој започнува од основните училишта и продолжува на сите нивоа на образование. Стандардите претставуваат рамка за изградба на соодветни цели, образовни активности и проценки. Користејќи ги стандардите, учениците би имале: попредизвикувачки едукативни активности, искуство кое ќе овозможи да ги развијат внатрешните потреби за откривање и креирање можности и експертиза за успешно започнување и менаџирање на сопствен бизнис.
Како се дефинира претприемничко учење?
Според земјите членки на Европската унија, постојат два начини за дефинирање на претприемничкото учење, во потесна и поширока смисла на зборот. Во потесна смисла, претприемничките ставови и вештини се однесуваат на обуката како да се креира бизнис, а во поширока смисла, концептот за образование на претприемничките ставови и вештини се однесуваат на развој на персонални квалитети за претприемништво и не е директно фокусиран на креирање на нови бизниси. Тоа опфаќа: креативност, иницијатива, превземање ризик и одговорност.
Персоналните квалитети биле дискутирани и одобрени од страна на земјите членки на Европската Унија, на форумот за Обука за претприемништво одржана во Ница, во октомври 2000 година. Тие претежно се однесувале на основното и средно образование, а вклучувале:
– Решавање на проблеми;
– Соработка и умрежување;
– Самодоверба и мотивација;
Со развојот и примената на претприемничката едукативна стратегија овие стандарди нема да се користат само како рамка, но исто така и како движечко средство за стекнување основни академски вештини.
Претприемничкото учење треба да биде насочено кон изградба на претприемнички индивидуалци кои зрачат со самодоверба и лесно се справуваат со ризикот и непознатото. Имаат способност да иницираат креирање идеи, развој и нивна примена. Ваквите личности доброволно превземаат одговорност, ефективно комуницираат, преговараат, планираат, организираат и се во состојба да влијаат на другите. Тие се активни, сигурни и полни со цели. Поседуваат позитивен, флексибилен и прилагодлив став кон промени, гледајќи на нив повеќе како на предизвик отколку проблем.
Aвтор: М-р Снежана Какуринова е Сертифициран Менаџмент Консултант (CMC) и Извршен директор на Консалтинг и тренинг центар КЛУЧ. За повеќе информации посетете го веб порталот на http://www.key.com.mk.
Остави коментар