Во периодот од Јуни од Септември 2009 година, беше подготвена Предлог стратегија за образование на возрасни, од страна на Советот за образование на возрасни – тело при владата на РМ.
Во продолжение следуваат извадоци од овој документ.
Предлог стратегија за образование на возрасни
Основна цел на образовната политика на секоја земја е да го оствари правото на учење на секој нејзин жител и да обезбеди можности за стекнување на соодветно образовно ниво за секого и за сите возрасни групи и да осигура дека истите поседуваат знаења, вештини и ставови кои се во согласност со барањата на општеството и пазарот на трудот. Правото на учење, според Општата декларација за човечки права на Обединетите нации, е едно од основните човечки права. Поради тоа, образованието мора да биде достапно за секој кој живее на тлото на Република Македонија, без оглед на неговата возраст, пол, религиозна определба, етничка припадност, здравствена состојба и социјална и финансиска положба. Исто така, образованието и обуката мора да ги поседуваат сите услови за ефикасност и ефективност за да бидат во состојба на сите да им пружат доволно општо и стручно образование.
Како што младата возрасна група се намалува, значењето и уделот на повозрасното население во развојот на државата ќе расте . Продуктивноста и ефикасноста ќе расте во работата базирана на знаење. Современиот труд ќе има потреба од знаења и способности за адаптирање и пресретнување на промените. Современиот труд ќе предизвика намалување на работната сила и ќе ја промовира важноста на образованието и обуката во сите возрасни групи. Слободата на младите луѓе да прават избор на различни стилови на живеење без способности добиени во образованието и културата, може да предизвика проблеми во управувањето со животите и да одведе до ексклузија. Развојот на образованието на возрасните ќе придонесе за создавање на значајни можности за инклузија, партиципација и влијание. Тоа ќе овозможи континуирано стекнување на работни и граѓански компетенции, градење на сопствен идентитет, компетентно управување со сопствениот живот и спречување на ексклузијата.
Образованието на возрасните и доживотното учење
Почетокот на 21-от век претставуваше почеток на ново доба – доба на натпревар во знаењата и учењето за земјите во Европа и светот. Беше постигнат општоприфатен концензус дека знаењето е основна производна сила во општеството и најсилен услов за успешност. Разликите во знаењето и неговата примена се во корелација со разликите според кои државите се делат на развиени или неразвиени, богати или сиромашни.
Заклучоците кои ги донесе Лисабонскиот совет посочија дека успешната транзиција кон економиите и општествата базирање на знаења мора да се темели на концептот на доживотното учење. Европските образовни системи и системите за обука мора да се претворат во јадро од кое ќе почнат промените, поради што и самите мора да се адаптираат.
…
Република Македонија во целост ги прифаќа овие пораки и пораките произлезени од документот „Градење на европски простор за доживотно учење„ кои претставуваат јасна основа за нејзината стратегија за образованието на возрасните во контекст на доживотното учење.
…
Развивањето на концептот на доживотното учење резултира со одржување и сочувување на позитивниот и активен приод кон учењето на сите возрасти во текот на целиот живот во рамките на трите вида во кои се манифестира самото образование и учењето:
Формално образование/учење, кое се одвива во рамки на различни образовни институции и преку кое се стекнуваат признати дипломи и квалификации.
Неформално образование/учење, кое се одвива независно од официјалниот образовен систем и вообичаено не води кон стекнување на официјални потврди. Ова образование може да биде организирано на работното место и преку активности на различни друштва или здруженија. Вакво образование може да се добие, исто така, и преку организации и услуги кои служат како дополнување на формалниот систем за образование, како што се музички училишта, спортски клубови, приватни обуки и сл.
Информално образование/учење, кое е природна појава во секојдневниот живот. За разлика од формалното и неформалното образование/учење, информалното учење не мора да се одвива свесно поради што поединците и сами не го препознаваат како фактор кој придонесува за зголемување на нивните знаења и вештини.
Во минатото формалното образование го одредувало водењето на политиката, одредувајќи го начинот на стекнување на образованието и усовршувањето и влијаејќи на ставот на луѓето за тоа што се смета за учење. Во континуитетот на доживотното учење повеќе доаѓа до израз неформалното и информалното образование и учење. Неформалното образование, според дефиницијата, се одвива надвор од училиштата, факултетите и центрите за обуки. Вообичаено не се смета за „вистинско„ образование, а ниту така стекнатото знаење има голема вредност на пазарот на работна сила. Поради тоа, неформалното образование, најчесто е потценувано.
Сепак, се чини дека учењето во информалните ситуации за учење е потполно заборавено, и покрај тоа што тоа е најстариот начин на усвојување на знаења и сеуште е еден од главните начини на учење во раното детство. Фактот што компјутерската технологија попрво се устоличи во домаќинствата отколку во училиштата ја потврдува важноста на информалното образование. Во информалните ситуации лежи огромна резерва на можности за усвојување на знаења поради што во иднина би можеле да бидат извор на иновации во методите на учење и подучување. Поради тоа, се понагласена е потребата од изнаоѓање на ефикасни механизми за негово официјално препознаање и признавање.
Очигледно е дека образованието на возрасните има се поголемото значење и удел во дизајнирање на човечкиот живот, работа и успешност, поради што се јавува потребата од менување на неговиот досегашен статус на образовна надградба и/или индивидуална авантура и негово промовирање во составен елемент на глобалниот образовен систем на земјата. Таквиот статус на образованието на возрасните мора да биде следен и поддржан со: јасно дефинирана правна регулатива, регулирани права и обврски во сферата на финансирањето на национално и локално ниво, изградена, развиена и на квалитет базирана институциона мрежа на даватели на образовни услуги, транспарентна и на евалуација на резултатите поставена работа.
За успешно реализирање на концептот на доживотното учење потребно е децата и младите уште во текот на нивното базично образование да се стекнат со способности и навики за доживотно учење.
Не треба да се очекува целокупната одговорност за јакнењето на интелектуалните капацитети на државата, оспособувањето на младите и возрасните за ефикасна работна и социјална инклузија и партиципација во процесите на одлучување и управување да се препушти само на формалното образование. Поради тоа, во наредниот период, оваа стратегија треба да придонесе да се преземат мерки за засилување на соработката меѓу институциите за формално образование и институциите и формите на неформално образование. Во тој домен, важна претпоставка ќе биде градење на ефикасна врска со невладиниот сектор и негово промовирање во клучен партнер во развојот на образованието и земјата во целост. За таа цел, потребно е да се изградат механизми и да се оствари динамична соработка и поделба на одговорностите и активностите, во согласност со приоритетите на државата, меѓу Владата и навладиниот сектор.
…
Соработката меѓу различните субјекти во образованието, јавниот и приватниот сектор, невладините организации и волонтерските здруженија, ќе биде исклучително значајна за остварување на засилена образовна мобилност на младите и возрасните. Во таа смисла, ќе се даде силна поддршка на активностите на невладините и волонтерските активности на полето на образованието на возрасните.
…
Може да се истакнат повеќе глобални карактеристики на образованието на возрасните во Република Македонија:
• Образованието на возрасните и доживотното учење во Република Македонија, денес, се во длабока криза. Општите карактеристики на образованието на возрасните во Република Македонија се: системот за образование на возрасните не е доволно развиен, изгубена е културата на учење кај населението, не постои координација и соработка меѓу партнерите, слаба транспарентност и достапност на образовната понуда, слаба адекватност на образовната понуда во контекст на образовните потреби на населението и општеството, квалитетот на образовните услуги е невоедначен.
• Најголемата концентрација на корисниците е насочена во преквалификацијата, посетување на курсевите за странски јазици и компјутерската обука. Обуките кои овозможуваат започнување на сопствен бизнис и вклучување во приватниот сектор се доста атрактивни за возрасните но сеуште немаат забележителен број на корисници.
• Пазарот на провајдери е доста хаотичен и тешко достапен. Државата издвојува минимални финансиски средства за оваа намена, а можностите за сопствено финансирање на образованието од страна на поголемиот број на возрасни се минимални.
• Преквалификацијата како последица на организирана акција од страна на државните органи доминира во дејноста на установите за образование на возрасните. Учеството, т.е. партиципацијата на општествените и приватните претпријатија во обуката или преквалификацијата на (не)вработените возрасни скоро е минимална.
• Образовната мобилност на возрасните во рамките на основното и средното образование е минимална. Може да се констатира драстично опаѓање не само на бројот на училиштата за основно образование на возрасните туку и на бројот на посетителите.
• Образованието на возрасните на ниво на средно училиште скоро и да не постои во Република Македонија. Со укинувањето на средните вечерни училишта за возрасни (1987 год.) овој ангажман на возрасните како дејност на андрагошките установи престана да постои. Одредени чекори за заживување на оваа дејност има во 1997 година, како последица на потребата за преквалификација на работниците кои ги изгубиле своите работни места, “по заслуга” на приватизацијата на претпријатијата со општествен капитал.
• Мотивираноста на работодавците за образование и обука на своите вработени е многу ниска. Покрај тоа што во државата не постојат стимулативни мерки и регулации за образование и обука на вработените (финансиски бенефиции, даночни олеснувања и сл.), меѓу вработувачите е доминантен ставот дека инвестицијата во образование и обука на вработените е неисплатива инвестиција. Една од причините за ваквата состојба е и фактот што и покрај тоа што се очекуваше дека стопанството забрзано ќе се движи во насока на “на знаења базирани” работни места, тоа не се случи. Во вкупниот број на слободни работни места доминираат оние кои имаат потреба од работна сила со ниска квалификација (земјоделство, трговија, текстилна индустрија). Нема нагласено движење на работната сила од сектори со помал раст кон сектори со повисок раст и продуктивност. Процесот на приватизација кој засилено се одвиваше во периодот на транзиција не резултираше со соодветна динамика во отворањето на нови работни места и капацитети кои имаат потреба од работна сила со повисоки работни компетенции. Сеуште на пазарот на трудот на цена се старите квалификации кои лесно можат да се најдат на пазарот на работната сила.
Државните и приватните фирми сеуште немаат развиено доволна свесност за потребата од образовна активност на своите вработени. Државните фирми акцентот го ставаат на иницијалната обука на своите вработени, раководејќи се од принципот “едно образование за доживотно работно место”. Во приватниот сектор ретки се случаите кога одредени фирми соработуваат со универзитетите и/или други установи за образование на возрасните, со цел зајакнување на компетенциите на своите вработени. Успешен пример се и оние фирми, претежно во сервисниот сектор, кои се занимаваат со ИКТ, имаат изграден систем за обука на своите вработени, доминантно користејќи ги услугите на странски установи за образование на возрасните.
• Граѓанските здруженија, особено НВО, доминантно се фокусирани во неформалниот сектор и, пред се, се занимаваат со општообразовна и културна едукација на возрасните. Нивната соработка со владините тела е сиромашна.
• Меѓународните здруженија/институции/НВО го покриваат формалниот и неформалниот сектор. Во формалниот сектор доминантно се фокусирани на професионалното усовршување на возрасните (наставници, директори на училишта, вработени во државната администрација и др.) додека во неформалниот сектор се фокусирани на општообразовното и културното образование на возрасните.
Остави коментар