Правилното користење на Email маркетинг значи дека е потребно да се применат неколку различни стратегии и докажани практики за да се види која од нив е најфункционална и колку овој тип на маркетинг може да биде корисен.
Во продолжение следуваат чекори и практитки кои не се задолжителни, но можете да ги примените при градењето на вашата листа на email адреси. Доколку не можете да ги примените сите наведени точки, обидете се да реализирате барем дел од нив. Многу брзо кај вашите читатели ќе се наметнете како сигурен и доверлив извор на информации.
Двојна регистрација – со дозвола
Email листите се создаваат за да читателите дадат дозвола да се рекламирате кај нив. Доколку на вашиот веб сајт додадете опција за регистрација за добивање весник, користете ја опцијата за двојна регистрација. Двојното потврдување се состои од два чекори. Чекор еден е кога лицето ја внесува својата адреса преку вашата веб страна. Чекор два е кога лицето потврдува преку пораката која сервисот за регистрација му ја испраќа на email адресата со која се регистрирал.
Порака за добредојде
Обезбедете порака за добредојде за секој нов член на листата. Со оваа порака можете новиот член да го информирате повеќе за вашата email листа и кој вид на информации ќе им ги испраќате преку неа. Во истата порака напоменете време и датум кога лицето се регистрирало.
Прибирање веродостојни демографски податоци
На вашата веб страница додадете форма за зачленување во која ќе биде потребно идните членови да внесат специфични информации кои може да ви бидат корисни за вашата следна кампања, како што се: возраст, пол, личен интерес, локација и професија.
Гарантирање приватност
Никој не сака спам. Спамерите масовно испраќаат пораки секому криејќи се зад легални веб страници. Изјавете пред вашите идни членови дека никогаш нема да ги објавите вашите податоци, ниту дека ќе ги продадете некому.
Почитувајте ги читателите
Eлектронскиот весник не треба да претставува инвазија на приватноста. Тој се испраќа до обични луѓе, со секојдневно исполнет живот со вообичаени обврски. Не дозволувајте да ве обвинат дека ги трупате со премногу непотребни содржини. Можете да завршите во корпата за отпадоци или да ве маркираат како спамер.
Можност за одјавување
Понекогаш луѓето не се сеќаваат зашто се пријавиле или од каде ги добиваат електронските весници. Очигледно е дека се пријавиле за вашата листа но во меѓувреме заборавиле кга се зачлениле или пак сфатиле дека воопшто немале таква намера. На почетокот и на крајот на секој електронски весник да стои напомена зашто им се испраќа таа порака. Напомената треба да содржи информација преку кој веб сајт примателот се регистрирал за добивање на електронскиот весник. Доколку не сакаат во иднина повеќе да го добива весникот, треба да имаат на располагање опција за одјавување која е дадена на дното на весникот.
Веројатно ќе стравувате дека голем број на членови на листата ќе се одјават, но всушност во реалноста, бројот на луѓето кои се одјавуваат е многу мал. Сепак јасно наведете дека доколку читателот повеќе не сака да добива пораки од Вас, ќе се збогувате.
Период на испраќање
Еден од најдобрите начини за привлекување читатели, односно градење релација со сегашни и идни купувачи е преку редовно или периодично дистрибуирање електронски весник. Периодот на кој ќе го испраќате електронскиот весник треба да го одредите според типот на информациите кои ќе ги презентирате на читателите. Доколку информациите кои би биле интересни се менуваат скоро секој ден, во тој случај, можете да размислувате за неделно издание. Доколку сепак сметате дека не можете да обезбедите доволно интересни содржини за читателите, во тој случај можете да размислите за испраќање на електронски весник трипати месечно (на секои десет дена), или пак двапати месечно. Кај последнава опција, можете да изберете термини како секој први и петнаесетти во месецот или секоја втора седмица.
Многу ретко информациите кои се дистрибуираат преку електронски весник се на дневна база иако во светот постојат примери и за тоа.
Ден во седмицата
Важно е електронскиот весник да го испраќате секогаш во ист ден во седмицата. Изборот на денот можете да го направите во зависност од содржините во електронскиот весник. Одредени статистики покажуваат дека најголемиот број на пораки се прочитани во вторник и дека во текот на викендот се читаат помалку електронски пораки, отколку во текот на работната седмица, од понеделник до петок.
Изградете доверба
Се што е вредно одзема време. Градењето на доверба со потенцијалните купувачи не може да се случи преку ноќ. Луѓето ги препознаваат и почитуваат оние компании кои покажале интегритет, конзистенција и релевантност со тек на време. Градете ги листите давајќи им на вашите читатели вистинска вредност. Останете на вашите ветувања: одржувајте ги содржините едноставни, јасни и интересни.
Еmail маркетингот за мали компании може да биде одлична алатка за зголемување продажбата. Потребно е да се знае како да се користи ефективно и правилно. Директниот контакт секогаш е многу подобар начин за воспоставување доверба. За среќа, сеуште можете да се стекнете со доверба кај луѓето преку email маркетинг, но потребно е да научите да ги избегнувате грешките.
Бидете препознатливи
Секогаш имајте на ум дека насловот или темата на весникот не е причината дали примателот ќе го отвори или не. Причината дали примателот ќе го прочита сте Вие. Она што Вие го претставувате како бренд. Кога примателот на весникот ќе го прочита вашето име веднаш да може да се сети што работите. Тогаш сте успеале на вистински начин да го искористите вашето online присуство. Доколку сте присутни на најголемиот број социјални медиуми, на слики, медиуми, статии и коментари, примателот ќе го препознае вашето име и ќе ги отвори и ќе ги прочита содржините бидејќи Ве познава, Ве поддржува и Ви верува.
Aвтор: Дејан Спасески
Остави коментар