Време
Секој човек на планетава добива еднаков број на часови во денот, неделата, месецот и годината. Главното прашање е: Како го поминувам своето време? Иако звучи едноставно, не е лесно да се даде конкретен одговор и тоа најчесто заради една едноставна причина. Дозволуваме времето да ни се случува безрезервно како збир од настани кои не зависат од нас, наместо ние да пристапиме кон времето со конкретни планови.
Затоа потребно е да го набљудуваме времето кое го поминуваме во текот на денот и потоа да направиме сооднос помеѓу квалитетно искористено време (+) и неповратно потрошено време (-). Изземајќи го времето за спиење и работа, набљудувате се себе си секој ден во текот на една седмица. За тоа време направете листа од вашите дневни активности заедно со времетраење и ставете еден од знаците плус (+) или минус (-) до секоја активност. Бидете реални во оценувањето и погледнете ја листата на крајот од неделата. Немојте да се изненадите доколку на листата преовладуваат (-) знаци, но затоа прашајте се една работа: До кога ќе дозволувате вашиот сопствен живот да биде полн со минуси поради неквалитетно потрошеното време? Не постои вистински универзален совет применлив за сите бидејќи тоа е Вашето време и тоа ви е најважно токму Вам. Битно е да сфатите дека сакате да ги претворите минусите во плусови и наместо да Ви се случуваат одземачи на време, свесно предизвикајте ги во вашиот живот збогатувачите на време.
Себе си
Дали се познавате себе си толку добро како што ги познавате другите луѓе?
На прв поглед, прашањето е смешно, но сепак да го проанализираме. Многу добро ги знаеме нашите блиски луѓе, нивните карактерни црти, нивните навики, на што се радуваат, од што тагуваат, како им поминал денот, како се чувствувале и слично. Се разбира дека ги знаеме сите овие работи за нив, па тие самите тоа ни го кажуваат и ни го покажуваат веројатно секојдневно. Воопшто не е лесно да се фокусирате сами на себе кога имате толку информации за другите.
Заради тоа, започнете внатрешни дијалози и откријте ги самите пред себе своите карактерни особини и специфични навики, заклучете дали сте генерално позитивни или негативни, проактивни или реактивни, во кои моменти чувствувате задоволство, а кога неудобност, дали тоа што го чувствувате доаѓа изворно од вас или е последица од постапките на другите луѓе?. Целта е да се свртите кон самите себе за еден објективен разговор, наместо постојано да дозволувате другите субјективно да Ве дефинираат.
Односи со луѓе
Луѓето влијаат врз Вашиот живот. Тие можат да ве научат нешто ново, да помогнат кога Ви е тешко, но од друга страна и да влијаат деструктивно врз Вас. Едноставно не можете да ги промените луѓето кои не сакаат сами да се променат. Запрашајте се дали сакате да бидете опкружени со луѓе кои не напредуваат во животот? Никогаш не е предоцна за запознавање нови луѓе, особено во денешно време кога има толку многу начини да склучите нови познанства. Дали преку некои од социјалните мрежи на интернет или преку посета на курсеви или семинари, можете да пронајдете луѓе кои можат да Ви го збогатат животот? Целта е да се создадат здрави, реципрочни врски со луѓе кои сакаат да ги направат истите промени како и Вие. Семејството во кое сте родени не можете да го одберете, но затоа може да направите многу внимателна селекција на луѓето со кои се дружите.
Околина
Постојат голем број истражувања кои укажуваат на фактот дека околината во која работите и живеете влијае врз вашето расположение. Дали се чувствувате удобно во Вашата работна и домашна околина? Погледнете ги боите кои Ве опкружуваат и помислете дали тие одговараат на Вашиот карактер. Дали бирото на кое работите е свртено кон ѕидот или кон прозорецот? Можете ли да го пронајдете парчето хартија кое ви е потребно во било кој момент или се давите во морето на вашиот креативен хаос?
Ваквите, на изглед минорни, фактори придонесуваат кон Вашата продуктивност или Ве одвлекуваат од Вашите обврски. Битно е да ги забележувате и да се обидете да ги разрешите. Поминете извесно време во преглед на Вашиот работен простор и направете листа на работите кои Ви пречат и потоа обидете се да ги отстраните. Исфрлете ги сите оние работи кои не сакате да ги гледате секојдневно и наместо нив внесете предмети кои ќе Ви го подигнат расположението, ќе Ви дадат инспирација и мотивација, па дури и ќе направат да се насмеете кога ќе ги погледнете. Дозволете да струи позитивна енергија во просторот и со тек на време ќе почувствувате големо психичко олеснување, кое ќе придонесе кон Вашата продуктивност и ќе ги направи деновите да поминуваат побрзо и позабавно.
Професија
Каков тип на вработен сте? Дали наутро станувате со елан или горчина дека треба да поминете околу осум саати на Вашето работно место? Работите само за да Ви помине времето или секојдневно уживате во работата затоа што таму најдобро учите и созревате?
Фирмата во која работите не мора да биде установа во која Вие само инвестирате време и способност, а за возврат добивате плата. Тоа може да биде конструктивна средина која ќе Ви помогне да се изградите како професионалци, кои ќе бидат респектирани и кои навистина додаваат вредност во својата организација. Не дозволувајте незадоволството да се наталожува и наместо тоа поразговарајте со колегите, претпоставените и прашајте како можете да помогнете и да придонесете. Вашиот труд нема да остане незабележан, ако од никого друг, ќе го забележите Вие и на таа основа ќе можете да побарате покачување на платата или да побарате ново работно место каде Вашиот труд ќе биде ценет.
Тоа се петте клучни области за кои вреди да поминете извесно време во размислување. Пронајдете го тоа што Вам Ви одговара и постепено креирајте здрави навики, односи и погледи кои ќе го збогатат вашето секојдневие.
Aвтор: Милан Новковски е овластен соработник на Синергија Плус – Прва Агенција за финансиска писменост во Македонија. За повеќе информации за како помудро со личните финансии посетете го веб порталот на http://www.sinergijaplus.com/
Остави коментар