Ви се случува ли во текот на работниот ден да се најдете себе си закочени, емотивно и енергетски испразнети, во недоумица поради хаосот од обврски кој не престанува да се наталожува? Дали ви се случува тоа често? Се прашувате ли зошто е тоа така?
Постојат бројни причини зошто сите ние се наоѓаме во такви ситуации. Најголемата причина, сепак, е бидејќи сме научени да велиме “Да” на сите барања кои доаѓаат од нашата непосредна околина. Тоа го правиме бидејќи сакаме да работиме, сакаме да докажеме дека вредиме, велиме “Да” заради чувството на вина доколку нечие барање не можеме да го пресретнеме, заради тоа што сме амбициозни, заради тоа што ќе очекуваме да ни се возврати на услугата. Меѓутоа, дали одвојуваме време за да размислиме во кои ситуации нашата способност е најдобро искористена за нас самите? Најчесто не, бидејќи барањата се толку многубројни, а ние сме сепак ограничени со време и со нашите можности. Тоа што ќе останеме и по работното време можеби во моментот ќе ни изгледа како вистинската одлука. Но дали може тоа да го правиме секој ден? Колку време ќе помине пред целосно да се истоштиме, за потоа да трпиме последици по нашата волја за работа, или уште полошо, по нашето здравје?
Потребно е да научиме да ги препознаваме обврските. Од една страна обврски кои се однесуваат на нас лично и со чие исполнување ќе имаме некаква корист, а од друга страна, обврски кои ни се наметнати од околината.
Тоа би можеле сликовито да го претставиме на следниот дијаграм:
Во четирите полиња всушност се претставени четири типа на ситуации во кои најчесто се наоѓаме:
Горе лево: И.-Б. (Итно-Битно) – ова се критичен вид ситуации кои бараат од нас навремено реагирање. Пример: се случило да се повредиме, ни тече крв, треба во моментот да реагираме за да не ни се влоши ситуацијата.
Горе десно: И.-Н.Б. (Итно-НеБитно) – во овој вид ситуации, добиваме молби или барања за нешта кои се итни за другите, но се небитни за нас лично. Пример: доаѓа вашиот колега кој не ја завршил својата обврска на време, па бара помош од вас, заеднички да го подготвите извештајот кој треба да го достави до директорот пред крајот на работното време.
Доле лево: Н.И.-Б. (НеИтно-Битно) – ова е ситуација која не бара реагирање во моментот, но на долг рок е од огромна важност за вас. Пример: ги штедите вашите пари бидејќи сакате во иднина да имате барем некакво обезбедување за вас лично, но и за вашите најблиски. Се разбира, тоа нема да се случи преку ноќ, но знаете дека таа постапка по извесно време ќе донесе барем некаква корист или сигурност во неизвесната иднина која претстои.
Доле десно: Н.И.-Н.Б. (НеИтно-НеБитно) – ова се ситуациите кои најчесто се појавуваат, а од кои вие немате никаква полза, ниту во моментот, нути пак на подолг рок. Тоа се моментите кога едноставно денгубиме, без разлика дали е тоа преку гледање телевизија, секојдневно пиење кафе со истите луѓе, одење во шопинг по непотребни дребулии и слично. Тоа се ситуации кои го трошат вашето време, но и вашите финансии.
Научете да ги препознавате ваквите ситуации и настојувајте да го поминувате времето во квадрантите од левата страна. Никој не може да ви каже што е најдобро за вас, освен вие самите. Научете да водите внатрешен дијалог и преку соодветни прашања, самостојно да дојдете до одговори, а со тоа и до заклучоци за тоа што е најдобро за вас. Не плашете се да застанете барем на неколку минути во моментите кога сте пренатрупани со задачи, со рокови, барања или притисоци. Обидете се да се смирите така што ќе вдишете длабоко неколку пати, затворете ги очите, исклучете се од околината, само на кратко, доволно за да си поставите неколку прашања:
Што правам во моментов? Дали тоа што го правам е за мене или за некој друг? Дали тоа што го правам е итно, битно, потребно, неопходно, за мене? Дали учам од оваа активност или ја извршувам само затоа што другите тоа го очекуваат од мене, или пак можеби за да ми помине времето?
Не велам дека доколку сфатите дека тоа што го правите нема никаква полза за вас, да ја напуштите обврската во истиот момент. Тоа би било смешно и уште понеповолно за вас. Тоа што сакам да го пренесам е дека заслужувате да бидете свесни за вашите постапки, па доколку тоа што го правите не ви се допаѓа или немате никаков бенефит, научете да го препознаете за во иднина да не се повтори. Тоа што настојувам да го пренесам преку текстов е да научите да кажете “Не” кога ќе процените дека ситуацијата не го заслужува вашето полно внимание. Постои скриена моќ која се содржи во значењето на овие две навидум едноставни букви. Човекот кој знае да процени кога да каже “Не” е човекот кој има изграден карактер и се води според својот интегритет и своите принципи. Човекот кој знае да каже “Не”, го мисли тоа навистина и нема да навлегува во детални објаснувања или извинувања зошто ја направил таа одлука, но ќе стои зад нејзе со своите цврсти ставови.
Помислете само, луѓето кои секогаш прифаќаат сè што ќе им се каже, кои велат “Да” во секакви ситуации, сакаат да удоволат на барањата и да се докажат. Тоа удоволување со тек на време недвојбено ќе се врзе со нивниот карактер и како такви ќе бидат препознаени од околината. Но, што ќе се случи оној пат кога навистина не можат да удоволат или да помогнат и еднаш ќе кажат “Не”? Тогаш ќе бидат морално осудени од околината преку долги дискусии за тоа како таа личност се променила на полошо. Незадоволството ќе биде обострано и во ваквите ситуации нема победници, интегритетот е повреден, довербата полека се губи, а разочарувањето е уште понагласено.
Од сè ова што беше погоре претставено, заклучоците се следни:
– Дознајте што сакате и што не сакате да се случува во вашиот живот;
– Научете да ги препознавате ситуациите од полза и ситуациите кои се наметнати;
– Започнете полека да ги градите вашите ставови и потоа држете се до нив;
– Бидете свесни за вашите постапки, за нивното влијание врз вас и на околината, но бидете свесни и како постапките на околината влијаат врз вас;
– Одберете време и начин за да ги процените ситуациите и научете се да кажете “Не” кога ќе донесете таква одлука;
– Формулирајте ги вашите вредности, изградете ги вашите постулати врз нив, бидете решителни во вашите одлуки и конечно уживајте во тоа што го работите.
Aвтор: Милан Новковски е овластен соработник на Синергија Плус – Прва Агенција за финансиска писменост во Македонија. За повеќе информации за како помудро со личните финансии посетете го веб порталот на http://www.sinergijaplus.com/
Остави коментар