Различните генерации на работното место може да имаат сериозно влијание врз мотивацијата. Секоја генерација има пораснато во различно време, со различни вредности. Соочувањето со разликите може да биде голем предизвик ако ги гледате вработените преку очите на вашата генерација.
На оваа тема се правени многу истражувања и најчестата поделба на различните генерации е на пет генерации. Сите тие се опишани, но тие карактеристики не се однесуваат на типови личности, туку се генерирани карактеристики што најчесто се појавуваат кај одредена генерација. Значи, ако кажеме дека генерацијата бејбибум е зборлеста, дотерана, настроена да дава наредби, љубопитна и со натпреварувачки дух, тоа не значи дека сите бејбибумери се такви.
Тоа е само општ став и би било несоодветно да се категоризира една цела генерација во еден тип личност. Оваа поделба може да помогне, но не да ги стави во одредена категорија припадниците на една генерација.
Грејам Кодрингтон (Graeme Codrington) и Сју Грант Маршал (Sue Grant Marshall) даваат многу јасен преглед на генерацискиот јаз во својата книгата „Mind the Gap“.
За да ги објаснат разликите тие ги опишуваат следниве пет генерации според периодот кога се родени:
General Issue (GI) генерација – родени меѓу почетокот на 20 век и дваесеттите години на 20 век
Тивката генерација (Silent Generation) – родени меѓу дваесеттите и четириесеттите години на 20 век
Генерација бејбибум – родени меѓу четириесеттите и шеесеттите години на 20 век
Генерација X – родени меѓу шеесеттите и осумдесеттите години на 20 век
Генерација Y – родени меѓу осумдесеттите години на 20 век и почетокот на 21 век
Генерација General Issue (GI) или херојска генерација
Припадниците на оваа генерација се родени некаде меѓу 1900 и 1920 година.
Бидејќи е многу мала веројатноста дека некој од оваа генерација е сe уште вработен, даваме само еден краток преглед. Нејзини главни карактеристики се храброст и насоченост кон општественото. Припадниците на оваа генерација сакаат цврсто водство и извршување на општествената должност, а не сакаат плачковци и мрзливи луѓе. Нивниот општ однос е дека сите треба да работиме на ист начин и да изгледаме исто.
Претставници на херојската генерација, кои се општо познати се: Маргарет Тачер, Џон Ф. Кенеди, Нелсон Мандела, Винстон Черчил и мајка Тереза. Оваа генерација е израсната во време на големи семејства. Во овие времиња мажите биле цврсти, а жените се онесвестувале одвреме-навреме.
Тие станале првите тинејџери на светот. Всушност, ова е термин, кој бил измислен само за нив.
Тие ја почнале својата професионална кариера во времето на големата депресија. На работата гледаат како на привилегија, а не како на подарок. Затоа што работа се наоѓала толку тешко кога почнале да работат, веруваат дека човек треба да си ја задржи својата работа. Често ги советуваат своите внуци да им бидат верни на своите работодавци и затоа не можат да разберат како некои луѓе можат да ги напуштат своите работни места.
Тивката генерација
Припадниците на оваа генерација се родени некаде меѓу 1920 и 1940 година. Сакаат сигурност, стабилност, за разлика од тоа не сакаат долгови, заеми и млади почетници.
Општиот став им е плаќај ги своите долгови, работи напорно. Повлечени се, имаат чист живот и џентлменско однесување. Некои познати луѓе од оваа генерација се Хелмут Кол, Михаил Горбачов, Нил Армстронг и Жак Ширак.
Оваа генерација пристигнува во многу тешки времиња и тоа во време на големата депресија и на Втората светска војна.
Сепак, претставниците на оваа генерација ја почнале својата кариера во време на голем просперитет и на можности за работа. Ова биле времињата по Втората светска војна. И покрај тоа, тие го имаат истиот внимателен однос кон работата што го имале и нивните родители, херојската генерација.
Разликите меѓу тивката генерација и херојската генерација не се големи.
Како да ги мотивирате припадниците на херојската генерација и на тивката генерација?
1. Промените правете ги бавно. Немојте да ги изненадувате.
2. Најавите правете ги со време, однапред.
3. Покажете им дека имате искуство.
4. Изгледајте како вашата улога, значи секогаш трудете се да бидете за еден степен поформално облечени од вашиот тим (ако повеќето се од оваа генерација).
5. Користете презимиња и титули. Овие генерации претпочитаат формалност. Побарајте нивна дозвола пред да им се обратите по име.
6. Сакаат јасна командна структура. Држете се настрана од матрични структури и повеќе функционални тимови. Осигурајте се дека одговараат само пред еден шеф.
Генерација бејбибум
Родени некаде меѓу 1940 и 1960 година. Нивниот општ однос може да се опише со следнава реченица: „Ако го имаш, истакни го“.
Главни карактеристики се зборливост, сакаат да се дотеруваат и се заповеднички настроени. Исто така, љубопитни се и имаат натпреварувачки дух. Сакаат купување, победување, водење и визија, а не сакаат плаќање долгови и стареење.
Претставници од оваа генерација се Бил Клинтон, Тони Блер, Џорџ В. Буш, принцезата Дијана, Владимир Путин, Ричард Бренсон и Џ. К. Роулинг.
Генерацијата бејбибум го има добиено своето име од големиот популациски пораст веднаш по Втората светска војна. Според бројот, тие се најголемата генерација во историјата на планетата.
Тие „пристигнале“ со „бум“ и од тогаш прават врева и бараат внимание. Секоја ера од нивните животи била ера што поставила нови трендови. Кога решаваат да направат нешто, тоа го прават на големо. Од никого не остануваат незабележани, како буквално така и фигуративно.
Голема е веројатноста да најдете многу членови од оваа генерација меѓу вашите вработени. Оваа генерација е станата дел од работната сила во времето на стабилен економски растеж што ненадејно го зафатил светот.
Кога завршиле со високото образование веќе немало недостиг од работни места. Во нивно време почнале да се случуваат големи промени, кои ја направиле нивната работна средина многу поинаква од таа на нивните родители.
Мултинационалните компании почнале да стануваат почести и брзиот растеж се сметал за нормален. За ова постоеле три причини: квалитет, грижа за корисници и глобализација.
Неколку совети за мотивирање на генерацијата бејбибум:
1. Направете ги наградите и признанијата јавни
2. Вие треба да создавате енергија и динамика
3. Сакаат да бидат вклучени во донесувањето на сите одлуки. Тие се страсни кога станува збор за отвореност и за демократија во донесувањето одлуки. Вклучете ги во сите фази.
Преземено од: Global HR www.globalhr.mk
Остави коментар