Културниот капитал во Македонија
Системот е секогаш попаметен од единката или од групата која го води. Ова е неприкосновено правило во процесот на системско управување. Доколку постојат луѓе кои сметаат дека се попаметни и помудри од целото (системот) би посочил дека тоа едноставно е невозможно. Вистинските лидери мора да научат да бидат во заеднички ритам со потребите и мотивацијата на системот кој го водат. Основата на модерниот лидершип е мерењето на културниот капитал и дијагностицирање на моменталните состојби и потребите на системот.
Во Текот на Мај и Јуни 2009 година, во нашата држава беше извршена едно иновативно мерење. Се работи за таканаречен Културен Вредносен Асесмент и претставува почеток на методологијата за менаџирање со културниот капитал. Исти мерења се направени во 2009 година во САД, Латвија и моментално во Белгија. Вкупно околу 50 држави во светот имаат направено ваков тип на мерења. Инаку методологијата потекнува од последните години на прошлиот век и е креирана од Ричард Барет, креаторот на алатките за културна трансформација (СТТ). Причината за оваа алатка да се користи во мерењата на националните култури се позитивните искуства од над 1000 компании ширум светот кои го имаат користено истиот инструмент при мерењето и менаџирањето на сопствените корпоративни култури.
Со ова, Македонија стана прва земја во Југоисточна Европа која го има направено ова исклучително важно и од непроценливо значење мерење.
199 граѓани на Скопскиот плански регион, кој има 17 општини и 550 000 жители, беа прашани да одберат по 10 вредности (од листата која броеше над 100) одговарајки на 3 клучни прашања.
1. Кои се вашите најважни 10 лични вредности
2. Кои се 10те вредности кои ја отсликуваат моменталната култура во вашата општина (град)
3. Кои се 10те посакувани вредности кои најмногу сакате да ги видите во вашата општина
Со оглед на тоа дека Скопскиот регион ја претставува Македонија во мало, може да се претпостави дека мерењето е отсјај на моменталните Македонски реалности во целост.
Долу се дадени графиконите од мерењата во трите колони: Лични Вредности, Моментална Култура и Посакувана култура.
Анализата од ова мерење заслужува многу повеќе место и време од расположливото за овој текст. Користејки го просторот би напоменал неколку работи:
Вредностите во системот се манифестираат во начините на однесување, односот со колегите, клиентите, соработниците итн. На пример вредноста семејство, значи дека на нашиот човек битна му е фамилијата, квалитетот на односите во неа. Оваа вредност се манифестира во нашите животи како грижа за нашето семејство.
Лимитирачката вредност обвинување на пример се манифестира со обвинување и вреѓање на колегата, другата организација или партија, непревземање на одговорноста на лично ниво и оставање на работите да бидат онакви какви што се.
Личните вредности од анализата покажуваат дека Македонскиот граѓанин во моментов поседува вредности од кои се гледа дека најважни му се отвореноста и поддршка во нивните меѓуодноси (чесност, соработка,почит). Истиот покажува сигурност и силен поттик да ги реализираат своите цели (амбиција, креативност). Дополнително, видлива е грижата за себе и за останатите во нивниот живот (семејство, здравје) и вредности кои се однесуваат на “односите со луѓето”.
Тоа покажува дека луѓето и поврзаноста со нив им се особено важни во нивниот живот. Голема концентрација на вреднсотите има на ниво 5. Tоа покажува дека тие бараат цел и значење во нивните животни искуства.
Тотално спротивно од личните вредности кои ги поседуваат граѓаните, се вредностите кои доминантни во нашата култура. Моменталната култура на македонското општество – заедницата е нашата рак рана чија цена ја плаќаат сите во системот.
Во моменталната култура доминираат хронични проблеми на ниво на опстанок, стравови за сигурноста (невработеност, сиромаштија, несигурност за иднината) кои дополнително се поткрепени со неправични и незаконски деловни практики на поединци или групи (корупција, бирократија).
Лимитирачките вредности како обвинување и непотизам се штетни на нивото 2 кое е битно за добра комуникација и создавање на здрави меѓучовечки односи.
Моменталната култура исто така покажува нејасност во однос на насоките на движење на заедницата-нацијата. Во моменталната култура единствената позитивна вредност која го отсликува цврстиот став и посветеност на нашиот народ кон оваа вредност е вредноста мир. Сето ова прецизно ја отсликува фрустрираноста на нашите граѓани и фокусираноста на моменталните услови и однесување.
Ентропијата или процентот на лимитирачки вредности во однос на вкупниот број на вредности, изнесува 48%, што укажува на значителна дисфункционалност во нашиот систем. Ентропијата на ова ниво е неодржлива за иднината и мора да биде намалена за да се избегнат понатамошни социјални немири и потенцијални финансиски последици.
Како Понатаму?
Испитаниците сакаат да ја задржат својата фокусираност во заедницата на “мирот”. Тие имаат избрано девет нови вредности кои се фокусирани на градење на поцврста основа за фискален развој. Луѓето сакаат да живеат во заедница која создава можности за работа, и која во предвид го зема долгорочното влијание на луѓето и нивната средина. Тие сакаат заедницата да ги заштити најслабите, старите и обесправените луѓе во заедницата.
Има поголема фокусираност на “социјален” тип на вредности, што покажува дека тие сакаат нивната заедница да се предводи од принципите со кои се поддржува општото добро.
Забележете дека и покрај тоа што распределбата на сите вредности покажува дека има вредности на нивоата 3 и 4, за областите на системи и процеси и непрекинато обновување, нема врвни вредности кои се претставени во Пожелната култура. Тоа укажува дека има фокусираност во оваа област, но мал консензус заради кој тие вредности би биле двигател на промените. Би било корисно да се зборува за овие нивоа со луѓето, за да се стекне поголема јасност во однос на тоа кои вредности ќе ги поддржат промените на овие нивоа.
Aвтор: Виктор Куновски е сопственик на консултантската куќа Коуч Ера и автор на книгата Values or Death. За повеќе детали околу управувањето со организациската култура и лидерските вредности, симнете ја неговата најнова книга на следниов линк www.skysithelimit.org.
Остави коментар